Amazon Fire Phone - Смартфон за шопингхоличари

Објавено на 31.08.2014 во Рецензија



Amazon Fire Phone - Смартфон за шопингхоличари

Amazon има одлична стратегија за освојување на мобилната индустрија со пласман на своја онлајн продавница на апликации и игри за смартфон, а исто така имаше огромен успех со серијата на таблети и е-читачи Kindle Fire кои станаа омилени уреди на корисниците. Главната цел на Amazon е да ги доближи до онлајн продавницата на производи, но и да ги пласира милтимедијалните содржини.
 
 
Следен логичен чекор беше пласман на првиот смартфон кој доаѓа во обликот на Amazon Fire Phone, но според првичните реакции овој уред не е доволно моќен за да привлече повеќе купувачи кои би се откажале од iPhone, Android или Windows Phone. Amazon Fire Phone има свои предности како квалитетен дизајн, модерен интерфејс и солидна камера, но нема намера да ги воодушеви сите купувачи со расрфрлање со големи мегахерци, гигабајти или мегапиксели.

Дизајн
 
На прв поглед Amazon Fire Phone најмногу наликува на iPhone и се добива впечаток дека Amazon се насочил повеќе кон премиум сегментот на купувачи кои имаат поголем буџет за купување на нов смартфон, но истовремено не може да се каже дека е безобразна копија на дизајнот на Apple, бидејќи има свои особености. Задната страна на Amazon Fire Phone е надополнета со стаклена прекривка што придонесува за премиум чуство кога го држите во рака, а предната страна е прилично едноставна без речиси никакви додатоци, освен што рабовите се обложени со гума и со тоа се добива стабилност и цврстина. 
 
 
Под екранот има само едно физичко копче кое има функција за враќање на почетното мени, а исто така ќе ги забележите и четирите сензори кои служат за регистрирање на движења и се користат за 3D интерфејсот кој подоцна ќе го анализираме. Останатите копчиња се сместени на левата страна, каде се наоѓа леверот за регулација на звукот, копчето за брза активација на камерата и влезот за SIM картичката. На врвот се наоѓа копчето за вклучување/заклучување, заедно со аудио влезот, додека на дното има microUSB приклучок за полначот и конекција. Смартфонот има и два звучници кои даваат стерео ефект.
 
 
Дисплеј
 
Amazon Fire Phone доаѓа со 4.7 инчен IPS LCD дисплеј со HD резолуција од 720 x 1280 пиксели која можеби не е на истото ниво како најновите Full HD или Quad HD стандарди, но е сосема доволна за одлична слика со голем степен на деталност, квалитетна репродукција на бои и контраст, а има густина на пикселација од 315ppi, што е сосема прифатливо. Освлетеноста на екранот изнесува 590 нити, што не е лошо, но кога ќе застанете на отворено под директна сончева светлина ќе има рефлексија поради самиот вид на стаклото, па затоа најдобро е да застанете под сенка за нормална видливост.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Најважниот аспект на Amazon Fire Phone е токму оперативниот систем кој се базира на Android 4.4.2 но, вусшост е целосно изменет во посебната верзија на Fire OS 3.5 кој има различен интерфејс и нема пристап до основните апликации на Google како Gmail, Hangouts, Play Store, Play Music, Google News and Weather и други. Затоа Amazon преку Fire OS 3.5 воведува сопствено мени и распоред на апликации кои ќе ви бидат познати доколку досега сте користеле Kindle таблет. Корисникот нема голема можност за персонализирање на изгледот на менито, но затоа пак ги добива сите неопходни апликации и сервиси како email, SMS и апликација за телефонски повици, интернет прелистувач Silk и уште многу други кои може да се најдат во Amazon App Store.

 
Како што напоменавме на почетокот Fire Phone има динамичен 3D интерфејс кој може да се управува со гестови и без потреба од допир на екранот, поради примената на четири мини камери со Infrared сензори за движење. Најинтересно е со заклучениот екран кој со затресување на смартфонот или движење со главата може да видите што се има во содржината која открива различни делови од екранот. 
 
 
Firefly е најнова апликација на Amazon со која преку камерата може да скенирате различни предмети, содржини, картички, кодови, па дури и филмови од екранот на телевизорот при што смартфонот ќе ви даде релеватни информации за содржината, конктестот или цената на производот во базата на онлајн продавницата на Amazon, по што доколку сакате ќе може да го купите.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Смартфонот на Amazon го користи ланскиот топ процесор Qualcomm Snapdragon 800 кој со четири-јадра од 2.2GHz со Krait 400 архитектура покажа одлични перформанси кога се во прашање користењето на интернет сервиси и апликации, брзо извршување на сите операции, обезбедување на врвна графика и штедење на батеријата. Amazon Fire Phone има и 2 GB RAM, 32 или 64 GB вградена меморија, батерија од 2400 mAh, како и супер брза интернет мобилна LTE конекција.
 
 
Камера
 
Amazon Fire Phone има 13 мегапикселна камера која сосема произведува слики и видеа со висок степен на квалитет но, има премногу едноставен интерфејс кој е сиромашен со опции за рачно или автоматско поставување на сцената, осветлувањето и нема дополнителни ефекти или додатоци. Камерата на Amazon Fire Phone единствено нуди центрирање на фокусот и изложеноста со допир на екранот, а има само три дополнителни режими на работа во HDR, Panorama и Lenticular за слики со поголема длабочина, налик 3D.

 
Заклучок
 
Amazon Fire Phone како прв смартфон на компанијата може да одговори на предизвикот но, наша оценка е дека онлајн гигантот задоцни неколку години со неговиот пласман и тој требаше да се појави на пазарот уште во 2011 зедно со таблетите Kindle Fire. Во денешни услови на огромна конкуренција, дури и веќе етаблираните брендови како Samsung, HTC и LG имаат огромен притисок од Кина и евтините смартфони, па затоа Amazon Fire Phone тешко ќе се пробие.
 
 
Кога добро ќе размислите Amazon Fire Phone воопшто не се истакнува со никаков дополнителен квалитет од останатите смартфони, туку единствена замисла е да му помогне на Amazon да добие поголем број на купувачи во онлајн продавниците. Што се однесува до перформансите најмногу поени би доделиле за иновативниот динамичен 3D интерфејс, додека останатите категории се во рамките на просекот. Затоа Amazon Fire Phone не би требало да стане огромен хит на листата на најпродавани смартфони за 2014 година и ќе се најде во џебот само на фановите на брендот и оние што сакаат да експериментираат со нешто ново.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: