Sony Xperia E3 - Вистинско изненадување

Објавено на 28.09.2014 во Рецензија



Sony Xperia E3 - Вистинско изненадување

Sony Xperia E3 беше едно од изненадувањата на IFA 2014 во Берлин бидејќи сите се фокусираа на новата премиум серија Sony Xperia Z3, па доаѓањето на овој квалитетен смартфон од средната класа не беше очекувано. Откако посветивме голем број на текстови за поскапите телефони и таблети на Sony редно време е да погледнеме што има и во поевтината понуда каде предводници ќе бидат водоопорниот Sony Xperia M2 Aqua и Sony Xperia E3 кој имавме можност да го тестираме изминатата недела и за тој период сме навистина задовoлни од неговите перформанси. Sony Xperia E3 е добар телефон со квалитетна камера, најнов софтвер, лесно тело и солидни хардверски компоненти, па во продолжение ќе ги презентираме сите негови предности и недостатоци.
 
 
Дизајн
 
Изгледот на Sony Xperia E3 не отстапува премногу од останатите смартфони на Sony со познатиот дијамантски шаблон на формирање на рабовите и предната површина, а тоа е постигнато и кај него бидејќи е прилично лесен за држење во раката со тенка пластика и мали орнаменти на страничните позиции. Најголем недостаток на овој компактен телефон е рамката над и под екранот која е премногу издолжена и без оглед што дисплејот има големина од само 4.5 инчи добивате чуство дека во раката држите многу поголем телефон.
 
 
Димензиите на Sony Xperia E3 изнесуваат 137.1 x 69.4 x 8.5 mm, додека распоредот на физичките копчиња и влезови е малку необичен, на десната страна се наоѓа копчето за вклучување/заклучување кое е над леверот за регулација на звук и доаѓањето до нив е малку конфузно. На левата страна се наоѓа влезот за полначот преку microUSB што исто така е чудна позиција и непрактична кога го полните телефонот. Задната прекривка лесно се отстранува и тука добивате пристап до влезот за SIM и microSD мемориската картичка, но батеријата е фиксна и не може да ја замените.
 
 
Дисплеј
 
Sony Xperia E3 има фантастичен 4.5 инчен IPS дисплеј кој пријатно ќе ве изненади без оглед што резолуцијата изнесува само 480 x 854 пиксели со густина на сликата од минимални 218 ppi. Sony уште еднаш потврдува дека е махер кога е во прашање изработка на квалитетен дисплеј, па дури и во средната класа кој иако не го исполнува HD стандардот има одличен приказ на боите, контрастот, со висока деталност и без никави проблеми ќе може да читате текстови на интернет и да гледате видеа. Исто така многу сме задоволни од осветленоста на екранот кој дури ни под директна изложеност на силна сончева светлина нема никаква рефлексија и видливоста е на врвно ниво, дури подобра и од многу HD смартфони кои што сме ги тестирале.
 
 
Софтвер и апликации
 
Корисничкиот интерфејс на Sony е еден од најдобро оценетите бидејќи има висок степен на оптимизација, а е многу лесен за новите корисници кои веднаш ќе ги научат сите кратенки и основни функции. Бидејќи не се разликува премногу од основната верзија на Android интерфејсот на Sony Xperia E3 функционира прилично исто, во контролниот центар ви се наоѓаат иконите за главните прилагодувања на конекцијата преку мобилна или интернет мрежа, Bluetooth, GPS, осветленоста на дисплејот, како и икона за брз пристап до менито Settings. 
 
 
Вториот дел од контролниот центар е посветен на известувањата за пропуштени позиви, SMS и email пораки, како и нотификации од социјалните мрежи и интернет сервисите. Со лизгање на екранот од лево кон десно се активира посебно мени за управување со апликациите каде може да ги избришете, да добиете приказ на апликациите кои најчесто ги користите, а исто така може да ги групирате во различни категории. 
 
 
На почетните панели се сместени голем број на икони и виџети со приказ на временската прогноза, часовник, лента за пребарување преку Google, како и многу кратенки кои се дизајнирани од Sony. Во менито recent Sony додал сопствена лента за икони за активирање на тајмер, калкулатор, скриншот, интернет прелистувач, gmail и тука може да додавате нови апликации по ваш избор. Sony на секој корисник му обебзедува еден куп корисни апликации за мултимедија кои со својата функционалност, дизајн и содржини се навистина за пофалба. 
 
 
Една од нив е Xperia Lounge која на едно место ги прикажува сите новитети поврзани со компанијата Sony, од понудата на музика, видеа, филмови, вести од шоу бизнисот и светот на забавата, па се до наградни игри. TV SlideView е апликација на Sony за поврзување со вашиот смарт телевизор кој може да го управувате преку смартфонот, како и да добивате корисни информации преку TV Guide. Дополнителни апликации се и TrackID и TrackID TV кои ги препознаваат песните кои ги слушате слично како Shazam. Video Unlimited исто како Movies, ви дава пристап до голема база на видео содржини, но повеќе од нив се наплаќаат и треба посебна претплата.
 
 
Хардвер, перформанси и камера
 
Благодарение на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400 процесор од 1.2 GHz перформансите на Sony Xperia E3 се на високо ниво кога е во прашање средната класа и сите операции се извршуваат експресно брзо. Тоа најмногу се забележува во транзициите низ менито, каде брзо може да ја најдете апликацијата која ви треба во моментот или пак сакате да активирате некоја опција од интерфејсот наменета за екранот, конекциите или другите параметри. 
 
 
Користењето на интернет сервиси е експедитивно но, за одредени покомплицирани сајтови потребни се неколку секунди додека се лоадираат сите содржини. Видеата на YouTube се отвораат прилично брзо па ќе немате никави проблеми, додека пак апликациите функционираат без компликации и блокирање на системот. Sony Xperia E3 располага со 1 GB RAM, 4 GB вградена меморија која е премалку за потребите на корисниците за складирање на сите слики, песни, видеа, па затоа ќе треба да инвестирате во microSD картичка која подржува капацитет до 32 GB. Sony Xperia E3 доаѓа со Li-Ion 2330 mAh батерија која е над просекот во оваа класа и обезбедува активна работа од повеќе часа, па полначот нема потреба да го активирате секој ден.
 
 
Главната камера на Sony Xperia E3 иако има само 5 мегапиксели креира одлични слики преку ден кога има силна сончева светлина, а благодарение на богатото мени со можност за прилагодување на сите опции може најдобро да ја прилагодите сцената и кога имате недостиг на светлина. Во интерфејсот на камерата може да ја прилагодувате изложеноста на леќата, да го менувате блицот, балансот на бело, имате опција за отстранување на црвени точки во очите, torch за дополнително осветлување, тајмер, менување на резолуција, менување на фокус, HDR, стабилизатор на слика и уште многу други. 
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia E3 навистина е големо изненадување во средната класа бидејќи и покрај навидум скромните компоненти обезбедува солидни перформанси во сите категории, кои секако не може да се споредуваат со премиум класата, но со овој сетап ќе бидете сосема задоволни. Како што претходно споменавме најмногу сме изненадени од квалитетот на дисплејот кој има висок степен на видливост во секакви ситуации, а исто така и камерата ќе ви послужи за правење на добри фотки. Мал недостаток е секако, висината на смартфонот која му дава дополнителна големина иако екранот е прилично помал од само 4.5 инчи со што ќе зафаќа голем простор во вашиот џеб. Извршувањето на операциите поради хардверот со ограничени можности може на периоди да покаже мал застој од некоја секунда додека не се активира апликацијата или полнењето на веб страната. Виртуелната тастатура на Sony Xperia E3 исто така нема да ве воодушеви поради тесниот распоред на копчињата, но тоа не е проблем бидејќи може да ја замените со друга тастатура од Play Store. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: