iPhone 6 - Или го сакате или го мразите

Објавено на 08.10.2014 во Рецензија



iPhone 6 - Или го сакате или го мразите

Apple на најдобар начин им ги затна устите на сите критичари во последните неколку години кои се потсмеваа со бавната примена на новитети во серијата на смартфони iPhone, особено во неговата големина која заглави на само 4 инчи додека конкурентите отидоа на граница на таблет категоријата. iPhone 6 е вистинско исполнување на желбите на фановите кои конечно добија голем смартфон со логото на Apple, како и нов оперативен систем iOs 8 која нуди повеќе функции и поголема слобода за корисникот. iPhone 6 освен што е поголем од сите претходници е и најтенок со неверојатни 6.7 милиметри што мора да се признае е импресивно достигнување.
 
iPhone 6 во Македонија - Еве каде ќе го најдете
 
Како и досега фокусот на iPhone 6 и Apple нема да биде ставен на компонентите кои имаат мало подобрување во однос на претходните модели, туку на самата појава на „јаболкото“ кое е најпосакуван бренд на планетата и многумина го доживуваат како потврда на високиот статусен симбол. iPhone 6 е повеќе од само скапа играчка бидејќи нуди одлични перформанси во сите категории и квалитетот е неоспорен, па во оваа анализа ќе се обидеме да бидеме неутрални и реално да ги прикажеме неговите предности, но недостатоци.
 
 
Дизајн
 
За iPhone 6 можеме да кажеме дека изгледа прекрасно на прв поглед, се додека не почнете да го разгледувате подетално каде ќе ги видите сите недостатоци. Смартфонот е целосно изработен од алуминиум, што донекаде е предност, но е проклето лизгав, па ќе треба многу внимателно да го држите во раце додека не се навикнете на материјалот. Недостаток е чудната испапченост на леќата на камерата која може да ве иритира, па затоа ќе треба да се размислува за купување на заштитна маска.
 
 
Димензиите на iPhone 6 изнесуваат 138.1 x 67 x 6.9 mm но, разочарува фактот што предната површина е лошо искористена, па на пример Nexus 5 во истите димензии сместува многу поголем 5 инчен дисплеј. Недостасува и стаклената прекривка од претходните модели која можеби подобро ќе се вклопеше во дизајнот и ќе му дадеше стабилност.
 
 
Да и за малку ќе заборавевме, iPhone 6 не е водоотпорен, ниту има посилна заштита од попрскување со вода или друг вид на изложувања. Кога сме на тема функционалност на дизајнот не може да го избегнеме скандалот Bendgate каде како пожар се раширија видеа во кои смартфонот се превиткува. Наша оценка е дека iPhone 6 е навистина тенок и може да дојде до искривување, но за тоа треба навистина голема сила, сепак за секој случај не препорачуваме да го носите во задниот џеб.
 
 
Дисплеј
 
Со новиот 4.7 инчен дисплеј навистина ќе имате поголема површина за гледање на видеа, читање на текст и користење на мултимедијални содржини, но Apple растот во сантиметри како кај Android конкурентите не го следеше со подобра и повисока резолуција како на пример со Quad HD стандардот, туку продолжи со вообичаената формулација на Retina дисплеј кој е „совршен за човековото око“ но, тоа во превод значи само HD резолуција од 750 x 1334 пиксели. Со ова сепак, се добива висока густина на сликата од 326 пиксели на еден инч, а дисплејот може да се оцени како солиден со квалитетна слика со добро реализирани бои, додека пак видливоста под директна сончева светлина нема да има никакви пречки поради малиот степен на рефлексија. 
 
 
Софтвер и апликации
 
Најголемите и најдобрите промени мора да признаеме дека се реализирани во софтверот, односно во новата верзија на оперативниот систем iO8 кој е отворен за многу новитети, како што е имплементација на виртуелни тастатури од надворешни програмери, активни известување во контролниот центар, Spotlight за пребарување од различни извори и бази на податоци, приказ на предлози од App Store и интернет со многу корисни информации.
 
 
Целта на Apple со новиот софтвер е и полесна синхронизација на iPhone 6 со iPad и iMac на кои може да се пренесат телефонските повици и пораки, преку опцијата Handoff, додека пак со Continuity може да продолжите да работите од еден во друг уред таму каде што сте застанале, на пример испраќање на меил. Со Extensions може да споите повеќе функции од различни апликации во еден сервис, на пример додека испраќате порака може да ја споделите вашата локација на мапата каде сакате да се сретнете.
 
 
Apple Pay е нов мобилен сервис за електронски трансакции кој има амбиција да ја замени употребата на кредитните картички, се поврзува преку NFC и досега ги подржува платежните средства на неколку големи банки во САД, како и трговски франшизи од кои може да се пазари. Трансакциите ќе се заштитат преку Touch ID скенерот за отпечатоци.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Apple ги крие спецификациите како змијата нозете, па секогаш деталите за новите компоненти подолго време се мала мистерија, а се опишуваат како двојно побрзи и поефикасни. iPhone 6 беше најавен со нов 64 битен А8 процесор изработен во 20 нанометарски процес кој ги има овие подобрување во однос на претходниот модел и е навистина енергетски поефикасен.
 
 
Токму затоа и Li-Po батеријата 1810mAh нема премногу зголемен физички капацитет од iPhone 5s, но е подобро искористена со што смартфонот достигнува просек на работа со едно полнење од над 8 активни часа. Тој резултат и не е баш најимпресивен бидејќи Sony Xperia Z3 Compact кој има идентичен дисплеј издржува над 10 часа. Графичката карта PowerVR GX6450 има четири јадра и нуди врвни визуелни перформанси. iPhone 6 може да се поврзе на 4G LTE Cat 4 мрежа која достигнува капацитет од 150 mbp/s, а покриени се речиси сите мрежни френкфенции. Wi-Fi конекцијата е побрза со a/b/g/n/ac стандардот, заедно со Bluetooth 4.0 LE.
 
 
Камера
 
iPhone 6 исто така има 8 мегапикселна iSight камера која доаѓа со повеќе хардверски подобрувања, како што е побрз автофокус, дигитална стабилизација на сликата, побрза реализација на HDR режимот на сликање и повисока резолуција од 43 MP за Panorama сликите. Промена има и во интерфејсот со додавање на контроли кои може рачно да ги прилагодувате како балансот на бело, тајмер, изложеност и другите сетирање на сцената. Севкупниот квалитет на сликите навистина е подобрен и тоа се забележува и при силна и слаба осветленост, како и со брзината на активирање на камерата.
 
 
Заклучок
 
iPhone 6 е смартфонот кој долго време го очекуваа фановите на Apple и се чини дека требаше да го добијат многу порано бидејќи ги исполнува желбите за поголем екран, поефикасен и послободен софтвер, заедно со сите неопходни подобрувања во хардверот, издржливоста на батеријата и поквалитетна камера. iPhone 6 има прекрасен изглед, но како што споменавме на почетокот одредено време ќе треба да се навикнете на тенкото и лизгаво тело.
 
 
Критиките за iPhone 6 се упатени пред се кон Apple кој новите адути не ги извади веднаш на маса и дозволи да се трка со конкурентите од Android сегментот со што теоријата за супериорно корисничко искуство и идеални компоненти паѓа во вода. iPhone 6 е и поскап во однос на претходните модели бидејќи основната верзија има само 16 GB меморија, а нема мемориска картичка, па затоа за подобрата верзија со 64 GB ќе треба да издвоите многу пари. Во секој случај негативните коментари нема да влијаат на успехот на Apple бидејќи iPhone 6 е меѓу најпосакуваните смартфони на пазарот и уште еднаш ќе биде симбол на моќ, престиж и квалитет.

Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: