Sony Xperia Z3 - Јапонска перфекција

Објавено на 16.11.2014 во Рецензија



Sony Xperia Z3 - Јапонска перфекција

Sony Mobile покажа одлична визија во последните две години со пласман на одлични смартфони во сите класи со квалитетен дизајн кој прв го најави IPXX сертификатот за отпорност на оштетувања од вода и прашина, потоа донесе многу квалитетни камери без оглед на цената на смартфонот, заедно со прекрасни дисплеи со висок степен на видливост и густина на пиксели. Во премиум класата која треба да го привлече вниманието кон понудата се воспостави праксата на промоција на премиум модел на секои шест месеци, а тоа се оствари и со Sony Xperia Z3
 
Еве зошто Sony Xperia Z3 го има најсовршениот дисплеј
 
Кога за краток период лансирате екстра квалитетен телефон се поставува прашањето каде е тука иновацијата, промените, подобрувањата. Реално и самиот Sony признава дека не може да се направи чудо за шест месеци но, затоа пак и се дава поголем простор на купувачите кои ако се неодлучни знаат дека наскоро ги чека нов модел кој ќе биде подобар. Sony Xperia Z3 е подобар од неговиот претходник и има многу адути кои го ставаат на високо рамниште заедно со LG G3, Samsung Galaxy S5, iPhone 6 и останатите премиум воини.
 
 
Дизајн
 
Sony Mobile одлично си ја врши работата во креирање на лесни смартфони со добро скроени димензии и тенки линии, а токму таков е и Sony Xperia Z3 кој е потенок и полесен од претходниот модел со 146 x 72 x 7.3 mm. Квалитетот на градба е неоспорен, телото одлично лежи во раката, нема никакви недостатоци во задниот панел, ниту пак предната површина е премногу гломазна и широка. Главните материјали на unibody маската повторно се метал и стакло кои одлично се комбинирани. 
 
 
Применет е и IP65/68 сертификатот кој дава дополнителна издржливост од оштетувања од вода и прашина и Sony Xperia Z3 е еден од ретките смартфони кој може да го користите под вода за правење на слики и видеа во рок од 30 минути на длабочина од 1.5 метри. За да не сличи навлегување на вода сите влезови за microUSB и microSIM картичката се заштитени со метални прекривки кои може лесно да ги отворите и повторно затворите. 
 
 
Дисплеј
 
Многумина очекуваа Sony Xperia Z3 да рапсолага со раскошен Quad HD дисплеј со резолуција од 2560 х 1440 пиксели но, малку се разочараа со употребата на веќе застарен Full HD стандард од 1080 х 1920 пиксели со густина на сликата од 441 ppi. Сепак, Sony ја оправда оваа одлука со образложение дека Quad HD дисплејот нема да донесе значајно подобрување на сликата, бидејќи се користи напредната Triluminos технологија за прилагодување на сликата и дополнителна острина и прецизност на бои како кај смарт телевизорите, заедно со Bravia енџинот кој го прилагодува екранот за различни режими на работа и различни содржини. 
 
 
Втората предност е што Full HD дисплејот троши помалку енергија, а тоа значително ја зголеми работата на батеријата, па затоа на сите тестови Sony Xperia Z3 се покажа како најиздржлив со работа од два дена. Боите, контрастот и осветелноста може да ги прилагодувате и според вашите преференци, но треба да знаете дека основните параметри намерно се оставени на ниско ниво за секој корисник сам да ги прилагоди. Видливоста на отворено е совршена па дури и кога има силна сончева светлина нема да се соочите со никаква рефлексија на екранот и ќе може без никакви проблеми да ја видите содржината на смартфонот.
 
 
Интерфејс
 
Xperia интерфејсот е речиси на сите добро познат како еден од најдобро дизајнираните, наједноставните и најдефикасните. Тоа се потврдува и со Sony Xperia Z3 чиј визуелен дел не е премногу изменет, освен што има нови позадини и теми кои одлично се вклопуваат во менито и панелите со апликации и икони за брза активација. Во делот на функционалноста има неколку новитет, а тоа е двојно тапкање по екранот за активирање на смартфонот без потреба од притискање на копчето за вклучување, додека пак во менито може да активирате прозорчиња наречени small apps со скратен приказ на апликациите на кои работите. 
 
 
Хардвер и перформанси
 
„Мозокот“ на  Sony Xperia Z3 е за нијанса подобрен бидејќи е употребна новата верзија на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор со зголемен капацитет од 2.5 GHz и тоа овозможува непречена работа и екстремно брзо извршување на сите транзиции и операции и го нема кочењето кое се јавува кај Samsung Galaxy S5 кој го има истиот процесор. Хардверот е надополнет со 3 GB RAM кои се фантастични за мултитаскинг, играње на големи 3D игри од најновата генерација и активирање на апликациите кои работат во позадина.
 
 
Смартфонот има 16 GB меморија која преку microSD мемориска картичка може да се надополни до 128 GB. Батеријата која претходно ја споменавме има капацитет од 3100 mAh и  Sony Xperia Z3 е апсолутен шампион со активна работа од десетина часа или пак со вообичаена активност на слушање музика, гледање видеа и посета на социјални и интернет мрежи од околу два дена со едно полнење. 
 
 
Камера
 
Јапонците знаат да направат екстра квалитетна камера која може да се користи во секакви сценарија и ситуации. Sony Xperia Z3 ја носи истата 20.7 мегапикселна G Lense камера но, со неколку подобрувања на леќата која сега има поголема површина што значи поголем степен на привлекување на светлина, поголем капацитет за процесуирање на боите и деталите, како и најголем сензор кој не може да се спореди ниту со iPhone 6. Superior Auto режимот на сликање е наједноставен за почетниците бидејќи самиот софтвер ги прилагодува сите параметри на сцената за осветлување, баланс и изложеност, но доколку сакате да направите слики со различни ефекти на располагање имате голем сет на додатоци. 
 
 
Заклучок
 
Sony Xperia Z3 е совршен смартфон но, многумина како што споменавме и на почетокот нема да бидат дарежливи со пофалните зборови бидејќи доаѓа само шест месеци по Sony Xperia Z2 за кој исто така имаше одлични оценки. Од друга страна пак по редоследот на Sony Mobile за два три месеци не очекува нов модел кој се претпоставува дека ќе донесе многу новитети како Quad HD дисплеј и Snapdragon 805 процесор, па затоа се јавува дилема дали треба да се почека или пак да се купи Sony Xperia Z3. Тоа не треба да ви биде главна точка на оценување туку гледајте го Sony Xperia Z3 како посебен смартфон кој дефинитивно заслужува шанса да се најде на врвот. 
 
Sony ги откри сите новитети на Xperia Z3 кои не ги знаевме
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: