Asus ZenWatch - Време е за технологија со стил

Објавено на 14.12.2014 во Рецензија



Asus ZenWatch - Време е за технологија со стил

Asus подолго време ја „скокоткаше“ јавноста со можноста за пласирање на смарт часовник кој ќе ги следи сите модерни трендови, но речиси никој не очекуваше дека ќе направи одличен уред со прекрасен дизајн. Токму тоа Asus често го велеше, дека единствен услов за влез на пазарот на паметни часовници е ако креираат напреден дизајн со висока естетика, како и функции кои ќе им бидат од голема корист на сопствениците. Затоа на сцената стапува Asus ZenWatch како еден од најдобрите смарт часовници за 2014 година кој од прва ги погодува сите потребни елементи за успех, па во оваа проширена анализа ќе погледнеме колкава е неговата вредност во однос на останатите конкуренти.
 
 
Дизајн
 
Asus e еден од најиновативните брендови кога е во прашање дизајнот, а тоа го потврдија со Transformer серијата. Слична философија и естетика е применета и кај часовникот Asus ZenWatch кој е еден од најубавите и најдобро стилски осмислени на пазарот, со квалитетно и цврсто тело изработено од метални елементи, екран во правоаголна форма со дополнителни закривеност и заоблен финиш на рабовите.
 
 
Ременчето е изработено од кожа и доколку не ви се совпаѓа со големината на зглобот или пак сакате поинаков материјал и стил може да го замените. Примената на IP55 стандардот е убав додаток за Asus ZenWatch бидејќи го штити од попрскување со вода. Часовникот има рамен изглед без ниту едно физичко копче, а целата навигација се врши од самиот интерфејс. Главното тело на часовникот има убава златно-розева боја, а очекуваме и други стилски комбинации.

Дисплеј
 
Asus ZenWatch има речиси идентичен дисплеј како и останатите часовници на пазарот, но неговата предност е во Super AMOLED технологијата која дава за нијанса подобри резултати при репродукцијата на бои и контрастот. Asus ZenWatch има 1.63 инчен дисплеј со стандардна резолуција од 320 х 320 пиксели и солидна густина на сликата од 278 ppi што е сосема доволно за квалитетен приказ на деталите, текстуалните и визуелните содржини, па нема да имате никаков проблем со видливоста. Дисплејот има дополнителна заштита со Corning Gorilla 3 стаклото што го прави отпорно на поголеми гребаници. Мали недостатоци на дисплејот се наоѓаат во рефлексијата на сончева светлина и може да се намали видливоста на отворено.
 
 
Софтвер и апликации
 
Asus ZenWatch е еден од повеќето конкуренти кои се приклучија на софтверската платформа на Google Android Wear и може целосно да го искористи големиот потенцијал за посебно прилагодени апликации кои секојдновно се зголемуваат. Предноста на Android Wear е високиот степен на синхронизација со Android смартфоните и сервисите на Google, како што е гласовно управување и интернет додатоци, потоа користењето на Google Maps за навигација и одличниот интерфејс за малиот екран на часовникот. Интерфејсот се управува со допир и гласовни команди и брзо се совладува. 
 
 
На главното мени се прикажуваат голем број корисни информации, а има и мали виџети за временска, вести, како и известувања од интернет и социјалните мрежи, потоа пропуштени позиви и SMS пораки од телефонот и email пораки. Дополнителни сервиси се обезбедени преку интеграцијата со Asus ZenUI каде ги добивате Watch Unlock, Cover to Mute, Find My Phone, Find My Watch, Flashlight, Compass и други. Во делот на фитнесот може да ја користите апликацијата Asus Wellness која го следи вашиот режим на физички вежби, активности и животен ритам. 

Хардвер и перформанси
 
Asus ZenWatch го користи четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400 процесор од 1.2 GHz кој е прилично моќен за работа на часовник, а дополнителна моќ за извршување на задачите добива и со 512 MB RAM, па затоа перформансите се одлични и нема никакви кочења. Часовникот има и 4 GB меморија што е сосема доволно за инсталирање на голем број на апликации, но за жал Asus ZenWatch не може да го користите за мултимедијални содржини бидејќи нема звучник, па така нема да може да слушате песни и да гледате видеа. Единствено часовникот нуди контроли за медиа плеерот на смартфонот како надворешен мултимедијален уред. Поврзувањето со смартфон се врши преку Bluetooth 4.0 конекција. Батеријата за жал има мал капацитет од само 360 mAh и ќе мора да го исклучувате дисплејот постојано за да заштедите на енергија, што и не е најдобро кога е во прашање користење на смарт часовник.
 
 
Заклучок
 
Asus ZenWatch со сигурност може да се оцени како еден од најдобро дизајнираните смарт часовници кој ќе се натпреварува со Motorola Moto 360, LG G Watch R и се уште нестасаниот Apple Watch, додека пак според функциите не се издвојува премногу од конкуренцијата и ги дели истите мани и недостатоци како и останатите Android Wear часовници. На корисниците најмногу ќе им недостасува 3G или 4G мобилна конекција за самостојно користење на интернет, како и слободно превземање на телефонските повици и SMS пораки, но Asus ZenWatch се уште не е во таа фаза на развој. Треба да се спомене дека станува збор за само прв модел на Asus кој дојде во исто време како и LG G Watch, Sony Smart Watch 3 и Samsung Gear Live, па затоа не треба премногу да се критикуваат недостатоците. 
 
 
Предностите пак, на Asus ZenWatch се наоѓаат во квалитетната изработка, одличниот софтвер обезбеден од Android Wear и Asus ZenUI, како и цената од 199 долари. Во Македонија се уште е мала понудата на смарт часовниците, но во 2015 година би требало да се зголеми бројот на уреди низ продавниците за електроника, па затоа навреме информирајте се за сите модели пред да го направите вашиот избор на се популарната категорија на мали преносни мобилни смарт уреди.

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: