BlackBerry Passport - Бизнис ѕверка

Објавено на 20.12.2014 во Рецензија



BlackBerry Passport - Бизнис ѕверка

Кога веќе сите помислија дека канадскиот гигант BlackBerry е паднат на колена и време е да прогласи банкрот дојде спасителот Џон Чен кој вети дека ќе ја спаси компанијата со јасна визија за тоа какви уреди треба да им понуди на корисниците.
 
 
BlackBerry вложи многу во својот прв смартфон со екран на допир BlackBerry Z10 со целосно нов оперативен систем BlackBerry 10, но сфати дека не може повеќе да се трка со iPhone и конкурентите од android, туку мора да ги искористи своите адути, а тоа е секако легендарната QWERTY тастатура. Затоа креиран е новиот BlackBerry Passport кој ги комбинира овие два елементи со поголем екран на допир под кој е сместена целосно функционална физичка QWERTY тастатура.
 
 
Дизајн
 
BlackBerry Passport е убедливо најдобро осмислениот смартфон на канадскиот бренд во последните години бидејќи совршено ја отсликува нивната елеганција, престиж и естетика. BlackBerry Passport веднаш се издвојува од конкуренцијата со прилично големо тело, но тоа е добро скроено со прецизни рабови со доволна острина, додека пак од задната страна доаѓа до мало заоблување за поголема удобност и ергономија при држењето.
 
 
BlackBerry Passport е цврст смартфон засилен со метална рамка и квалитетни материјали на изработка, а задната прекривка дава чуство на премиум класа. Поради широчината и димензиите кои изнесуваат 128 x 90.3 x 9.3 mm BlackBerry Passport ќе биде тешко да се управува со една рака, но токму и тоа е замислата, смартфонот најчесто да го користите за работа, па без проблем ќе пишувате пораки и ќе испраќате мејлови, документи и фајлови. 
 
 
QWERTY тастатура
 
Под дисплејот е сместена добро познатата QWERTY тастатура која овој пат содржи три реда на физички копчиња и тие се претежно алфабетски наменети за брзо пишување на текст, со дополнителни копчиња за простор, нов ред и за бришење на букви. Интересно е што копчињата се осетливи на допир и слично како кај виртуелните тастатури само со лизгање низ површината може да внесувате зборови. Останатите функции на QWERTY тастатурата зависат и од самиот софтвер за внес на знаци од различни апликации, но може да се каже дека синхронизацијата е одлична и има висок степен на прецизност.
 
 
Дисплеј
 
BlackBerry Passport има 4.5 инчен IPS LCD Full HD дисплеј со резолуција од 1440 x 1440 пиксели со што го достигнува врвот кај досегашните модели на BlackBerry и еден од најдеталните и најквалитетните кога е во прашање приказот на бои, контрастот и осветлувањето. Главната предност на дисплејот е во неговата широчина па затоа сите содржини кои ги гледате ќе имаат многу подобар приказ поради поголема сконцетрираност и ќе заштедите време на скролање низ страниците при интернет сурфање. 
 
 
Софтвер и апликации
 
Болна рана на секој BlackBerry смартфон е екосистемот на апликации кој се чини дека е многу посиромашен во однос на огромниот избор на Android и iOs и тоа е вистинска штета бидејќи голем дел од познатите студија за мобилен софтвер не ја нудат истата подршка и за платформата на BlackBerry 10 системот. Затоа од старт треба да прифатите дека со BlackBerry Passport нема да ги имате истите услуги како кај Android или iPhone, но не треба да се очајувате бидејќи во онлајн продавницата BlackBerry World може да се најдат голем број на квалитетни апликации. Исто така постои и начин за инсталирање на портирани Android апликации кои не секогаш совршено функционираат и секако третиот и најмалку посакуван метод на употреба на кракирани апликации. 

Посилните страни на системот BlackBerry 10 лежат во самиот интерфејс кој е лесен за користење и е прилично ефикасен без значителни кочења и успорувања, а на располагање ви се повеќе основни сервиси за комуникација, организација, обработка на документи и креативност. BlackBerry има квалитетен интернет прелистувач со приказ на омилените страници во коцки, потоа квалитетни апликации за мапи, e-mail клиент, бележник, BlackBerry Assistant апликација со гласовни команди и уште многу други.
 
 
Хардвер и перформанси
 
BlackBerry Passport е супер моќен смартфон кој располага со речиси најдобрите компоненти кои моментално се нудат во мобилната индустрија. BlackBerry Passport работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор со 2.3 GHz, Adreno 330 графичка, дури 3 GB за непречен мултитаскинг, 32 GB вградена меморија кои се сосема доволни, а на располагање ви е можност за надополнување преку microSD мемориска картичка до 128 GB. Смартфонот ги има и сите модерни конекции како aGPS со Glonass, Bluetooth 4.0 LE, dual-band Wi-Fi, NFC и секако 4G LTЕ мобилен модем за супер брз интернет и пренос на податоци.
 
 
Камера
 
BlackBerry важеше за бренд кој не се труди премногу да ја обезбеди најквалитетната камера за своите телефони, но тоа полека се менува со Passport кој има одлична 13 мегапикселна камера со автофокус, широка леќа со апаратура од f/2.0, BSI сензор, OIS оптичка стабилизација на сликата, LED блиц и може да снима солидни видеа со HD резолуција од 1080p. Квалитетот на сликите најдобро се прикажува преку ден при голема осветленост, а недостатоци покажува кога светлината недостасува, а исто така има и мали проблеми со бавниот фокус, па некогаш сликите имаат недостиг на деталност и се заматени.

Заклучок
 
BlackBerry Passport и покрај нашите првични сомнежи се покажа како екстра квалитетен смартфон кој знае која е неговата цел и кои купувачи најдобро би реагирале на оваа понуда. BlackBerry Passport е наменет пред се за бизнис класата, односно на луѓе кои им треба квалитетен и безбеден смартфон за брза комуникација и пренос на податоци, како и едноставна физичка тастатура за брз внес на текстуални содржини.
 
 
BlackBerry Passport нуди екстра квалитет во сите категории и очигледен е напорот на канадскиот бренд да го понуди најдоброто за корисниците со одличен спој на екран на допир со висока резолуција, цврсто тело, ефикасен дизајн и камера која е за класа подобра од претходните модели. BlackBerry Passport има неколку недостатоци кои не ја расипуваат генералната оценка, но единствена пречка може да биде неговата цена од околу 500 евра, бидејќи за тие пари многумина би се одлучиле за посигурните избори со Samsung Galaxy Note 4 и iPhone 6 Plus.

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: