ZTE Kis 3 - Прв бакнеж

Објавено на 22.12.2014 во Рецензија



ZTE Kis 3 - Прв бакнеж

Смартфоните на ZTE се прилично застапени на македонскиот пазар и голем број на корисници се одлучуваат за моделите од средната и основната класа, па добро е да се види дека понудата се обновува и со поновите телефони како што е ZTE Kis 3. Овој телефон припаѓа токму на основната и најевтина класа и е наменет за купувачите кои сакаат да се префрлат од обичен на смарт телефон, како и на тие што им треба резервен телефон. ZTE Kis 3 речиси целосно се совпаѓа со годинешната понуда на евтини телефони кои имаат скромен хардвер, но со неколку новитети како што е одличниот софтвер составен од Android 4.4 KitKat, па во продолжение ќе ги разгледаме сите категории и се надеваме дека нашата анализа ќе им помогне на сите кои сакаат да го купат.
 
 
Дизајн
 
ZTE Kis 3 како „сиромашен“ смартфон не може да се пофали со прекрасен дизајн со преквалитетни компоненти бидејќи тоа не е постигнато, но има неколку позитивни страни како што е убавата маска на задната страна со темно сина боја која му дава пристоен изглед, а исто така страничните копчиња се убаво поставени и склопени. Рамката околу екранот навистина завзема голем простор бидејќи копчињата за навигација се сместени на дното наместо да бидат вградени во самиот интерфејс. ZTE Kis 3 е елегантно пополнет смартфон чии димензии изнесуваат 126mm x 65mm x 11mm, а тежи 120 gr. 
 
 
Дисплеј
 
ZTE Kis 3 доаѓа со 4 инчен дисплеј чија големина е сосема доволна за преглед на мултимедијални содржини, но од VWGA резолуцијата од 480 х 800 пиксели не треба да очекувате преголема деталност и прецизност на боите. Густината на сликата изнесува околу 230 пиксели на еден инч што ќе биде доволно за прецизност при приказот на текстуални содржини и нема да имате проблеми со читање, додека пак осветленоста на екранот е на задоволително ниво.
 
 
Софтвер
 
ZTE направи одличен избор на софтверот кој е управуван од релативно новата верзија на оперативниот систем Android 4.4 KitKat и интересно е што кај ZTE Kis 3 речиси и да нема никакви интервенции во интерфејсот, додавање на анимации, дополнителни апликации и виџети. Тоа значи дека ZTE Kis 3 работи на основната верзија на Android 4.4 KitKat која ќе ја најдете и кај Nexus смартфоните што го прави интерфејсот многу побрз и полесен за управување, со брза транзиција низ менито и почетните панели на кои се сместени иконите и кратенките за апликациите. Малку изменет е заклучениот екран кој се активира со подолго држење, а на располагање имате и неколку икони за брза активација на апликациите кои најчесто ги користите.
 
 
Хардвер
 
ZTE Kis 3 е составен од скромни хардверски компоненти кои не располагаат со раскошен капацитет, но се сосема доволни за извршување на секојдневните задачи, како што е работа со апликации, користење на мултимедија, обработка на документи и посета на интернет страни и социјални мрежи. ZTE Kis 3 користи дво-јадрен процесор од 1.2 GHz што навистина е чудна одлука за смартфон со година на производство во 2014 но, на бенчмарк тестовите не покажуваат големи недостатоци и е речиси изедначен со останатите модели како Motorola Moto E и Nokia Lumia 520. 
 
Најмногу проблеми може да предизвика RAM меморијата од само 512 MB што доведува до побавно отворање на веб страници и поспоро одвивање на транзициите низ менито. За вашите фајлови и документи на располагање имате 4 GB меморија, но доколку сакате повеќе простор може да користите мемориска microSD картичка. Батеријата има капацитет од 1400 mAh што не е премногу, но со оглед на малата потрошувачка на енергија на хардверот ќе може да издржи ден-два активна работа. Смартфонот располага со сите стандардни конекции како Wi-Fi, Bluetooth, GPS, USB и 3G.
 
Камера
 
ZTE Kis 3 има 3 мегапикселна главна камера која нема воопшто да ве воодушеви со  детални слики, но дава сосема пристојни резулатите со добро изразени бои кога сликате преку ден со голема сончева светлина бидејќи воопшто нема LED блиц, ниту пак автофокус. За да немате често заматени и дефокусирани слики ќе треба стабилно да го држите телефонот и да почекате леќата да се намести на потребните агли. На располагање имате повеќе додатоци во интерфејост со кој може да ја прилагодувате сцената, осветлувањето и изложеноста, но севпкупниот впечаток е под нивото, а да споменеме дека нема ниту предна камера, па ништо од селфи фотките.
 
Заклучок
 
ZTE Kis 3 има голем број на недостатоци кои се резултат на ниската цена и тука нема никаков начин да се надоместат освен да се прифатат, бидејќи основната функционалност е сосема солидна за еден евтин телефон, кој како бонус има добро оптимизиран софтвер. ZTE Kis 3 е прифатлив избор во основната категорија и добро е пред да го купите да знаете точно што добивате или подобро кажано на правилен начин да ги поставите вашите очекувања од неговите перформанси. Најпозитвна страна е што може да го најдете во понудите на македонските оператори за 0 денари во основните претплатнички договори, а неговата цена без договор достигнува и до 6000 денари.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: