Samsung Gear S - Најкул смарт часовник

Објавено на 26.12.2014 во Рецензија



Samsung Gear S - Најкул смарт часовник

Смарт часовниците се уште се во почетна фаза на развој, но во наредните години сигурно ќе бидат многу значен тренд во мобилната индустрија бидејќи расте интересот кај корисниците за овие мобилни преносни уреди. Досега видовме повеќе квалитетни смарт часовници кои одлично ја надополнуваат работата на смартфонот и служат како модерни технолошки додатоци, но Samsung оди чекор понапред со првиот самостоен часовник Samsung Gear S кој има целосни телефонски функции. Ова е навистина храбар потег на Samsung кој сака да биде лидер на пазарот и часовникот Samsung Gear S дефитивно е добар почеток за реализирање на футиристичката идеја за комуникациски уред кој ќе го носиме на нашиот зглоб.
 
 
Дизајн
 
Дизајнот на Samsung Gear S сосема се вклопува во оваа футуристичка идеја со невобичаен изглед кој се издвојува од конкуренцијата, има убава естетика која ќе веднаш ќе ви падне во око и интересно осмислен стил. Часовникот од друга страна има неколку недостатоци во дизајнот како што е преголемото тело што може да биде пречка за многумина, а истото може да се каже и за големиот 2 инчен дисплеј.
 
 
Главниот материјал на изработка е пластика која е доволно цврста и квалитетна и не се чуствува премногу тежината на телото. Ременчињата се направени од помека пластика за поголема удобност, но за жал не може да се заменат и тргнат од главното тело. Од голема корист ќе биде IP67 сертификатот кој обезбедува можност за потпување во вода на длабочина од еден метар во рок од 30 минути, а го штити часовникот од надворешните влијанија. На корисниците на располагање им се две бои на часовникот, црна и бела.
 
 
Дисплеј
 
Часовникот има невобичаено голем Super AMOLED дисплеј од 2 инча кој за одредени корисници ќе изгледа прегломазно, но од друга страна пак е одличен за тие сакаат поголема површина за преглед на мултимедијални содржини. Резолуцијата е една од најдобрите досега со 360 х 480 пиксели и висока густина на сликата од дури 300 пиксели на еден инч. Приказот на боите е одличен, а нема да имате никакви проблеми со видливоста од остри агли, што е многу важно за еден часовник. Екранот има правоаголна форма, но благодарение на малата заобленост се доаѓа до одличен распоред содржините на дисплејот, додека пак рефлексијата под директна сончева осветленост е сведена на најниско ниво.
 
 
Софтвер и интерфејс
 
Наместо да ја користи Android Wear платформата Samsung реши да се издвои од партнерите на Google со сопствениот оперативен систем Tizen кој одлично е прилагоден за работа со смарт часовник. Интерфејост е многу сличен со TouchWiz и ги има истите менија, распоред на бои и додатоци, па затоа корисниците на Galaxy уредите брзо ќе се прилагодат. Интерфејсот се управува со четири основни гестови на лизгање кон лево, десно, горе и доле, при што се активираат известувањата, виџетите односно, иконите за брз пристап, потоа менијата со контроли и апликации.
 
 
Tizen платформата нуди доволен број на квалитетни апликации за фитнес, календар, повикување, пораки, организација и комуникација. Тоа што му недостасува на Tizen во однос на Android Wear се активните нотификации кои може веднаш да ги искористите од самиот екран, како на пример брз одговор на порака, но се надеваме дека во наредните надградби на софтверот тоа ќе биде надоместено.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Samsung Gear S располага со приличлно моќен хардвер составен од дво-јадрен Qualcomm Snapdragon 400 процесор од 1.2 GHz, 512 MB RAM, а од конекциите застапени се Bluetooth 4.1, Wi-Fi 802.11, 3G и A-GPS. Со овие спецификации Samsung Gear S нема никакви проблеми при извршување на операциите и работата со апликации, додека пак интерфејсот е флуиден и сите транзиции се одвиваат без кочења.
 
 
Корисниците ќе имаат бенефит од големиот број на стандардни сензори кои ги има и кај модерните смартфони, а бонус е сензорот за мерење на работата на срцето и пулсот, кој како и кај останатите уреди не е секогаш најпрецизен и новиот сензор на Samsung за мерење на UV зрачењето.
 
 
Часовникот има солидна батерија со капацитет од 350mAh која е доволна за активна работа од 24 часа, што значи дека ќе треба да ја полните секој втор ден. Во пакет доаѓа и додатен полнач кој исто така има резервна батерија од 350mAh но, замислата за преносен полнач кој ќе го носите со вас не е добро реализирана, а исто така фидбекот при поврзување е слаб, па ќе треба добро да проверите дали поврзувањето со часовникот е правилно направено.
 
 
Телефонирање
 
Токму можноста за телефонирање и примање на повици го издвојуваат Samsung Gear S од големиот број на конкуренти, а тоа се должи на можноста за користење на SIM картичка и звучникот кој е доволно гласен за да го слушате соговорникот. Лоша страна на смарт часовник со телефонски функции е што ќе треба да користите посебна SIM картичка со различен телефонски број од вашиот стандарден број, како и истата да ја одржувате активна за да може да ве побаруваат. Секако, овој додаток и не мора постојано да го користите, бидејќи часовникот служи и за прием на известувањата од смартфонот, а со тоа и за пренос на пропуштените повици и пораки. Поврзувањето со смартфонот се прави преку Bluetooth конекција, а часовникот може да користи самостојна или заедничка интернет врска, како и независна Wi-Fi конекција.
 
 
Заклучок
 
Samsung Gear S е уникатен смарт часовник кој по многу карактеристики се издвојува од останатите конкуренти и најмногу ќе ги привлече корисниците со можноста за користење на посебен телефон за повици и пораки. Часовникот е прилично моќен уред со одлични перформанси, убаво склопен интерфејс и апликации, како и интересен дизајн кој одговара на футуристичката идеја. Тоа со главните предности на Samsung Gear S, но треба да се потенцираат и малите недостатоци кои го дефинираат часовникот.
 
 
Како прво на многумина нема да им биде привлечно големото тело со 2 инчен дисплеј барајќи помал часовник кој полесно ќе се носи на раката. Вториот проблем може да биде при користење на телефонските функции за кои е неопходно да имате втора SIM картичка, но тоа може да се реши со некој припејд број кој доволно е еднаш годишно да го наполните со кредит за да биде активен. Samsung Gear S се уште не е достапен низ продавниците во Македонија, но тоа ќе се случи од наредната година, додека пак за цената се уште немаме точни информации. Претпоставуваме дека ќе се продава по речиси иста цена како и на странските пазари односно најмногу до 300 евра. 
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: