LG L Bello - Елегантен смартфон

Објавено на 08.01.2015 во Рецензија



LG L Bello - Елегантен смартфон

LG Mobile по слабиот успех во средната и основната класа на смартфони се реши да лансира нова серија која ќе се издигне над генеричните и досадни телефони со примена на поубав дизајн за око, како и позајмување на неколку квалитетни додатоци од високата класа. Тоа го оствари со новата L серија каде се издвојува убавиот LG L Bello со висока естетика која може да се најде и кај премиум моделот LG G3, додека пак функциите и хардверот се сосема пристојни за цената по која се нуди на пазарот. Во продолжение со нашата анализа на LG L Bello ќе се обидеме да ви помогнеме дали да се одлучите да го купите овој смартфон или пак да одберете друг модел кој повеќе ќе одговара на вашите потреби.
 
 
Дизајн
 
LG L Bello е еден од ретките смартфони во основната класа кој има убаво разработен дизајн со што се гледа дека LG Mobile вложил повеќе труд од останатите брендови кои само штанцаат еден куп смартфони со досаден и неоригинален изглед. LG L Bello на прв поглед потсетува на смартфон од високата класа и покрај тоа што има скромни хардверски компоненти.
 
 
Од премиум серијата воведена е и уште една препознатлива карактеристика, а тоа е поставеноста на главните физички копчиња на задната страна за што LG тврди дека е многу поприродно за корисникот при нивно управување. Со димензии од 138.1 x 70.6 x 10.7 mm LG L Bello не е баш најкомпактниот смартфон на пазарот но, е удобен и лесен за држење и чување во џебот. 
 
 
Дисплеј
 
Со големина од 5 инчи IPS LCD дисплејот на LG L Bello е сосема пригоден за гледање на видеа и користење на мултимедијални содржини, но резолуцијата од скромни 480 x 854 пиксели нема да ве воодушеви бидејќи се добива густина на сликата од само 196 пиксели на еден инч. Затоа читањето на текстови може да биде проблематично поради недостигот на детали, а позитивна страна на дисплејот е осветленоста, па така нема да имате големи пречки со видливоста на отворено или под остри агли.
 
 
Софтвер и апликации
 
Софтверот на LG L Bello е убедливо најмоќната страна бидејќи на корисниците им се нудат речиси сите новитети кои може да се најдат и кај LG G3, како што е на пример Knock Code за отклучување на екранот со поставување на уникатна комбинација која само вие ќе ја знаете, потоа прилагодувањето на виртуелната тастатура која може да се зголемува или намалува во вертикала, гостински режим на работа и уште многу други кои веќе ги анализиравме во рецензиите за новиот Optimus интерфејс.
 
 
LG L Bello работи со оперативниот систем Android 4.4 KitKat и има одлична оптимизација на главното мени со брзи транзиции и прегледен интерфејс.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Во делот на хардверот LG L Bello не може да се пофали со голема компјутерска моќ, но има солидни компоненти со кои може да се завршат сите операции. LG L Bello работи на четири-јадрен Mediatek MT6582 Cortex-A7 процесор од 1.3 GHz, Mali-400MP2 графичка, 1 GB RAM, 8 GB со можност за надополнува од 32 GB преку microSD мемориска картичка, како и батерија со капацитет од 2540 mAh. Со оваа батерија ќе бидат задоволени потребите на корисникот за целодневна работа со едно полнење и смартфонот може да издржи до 10 часа разговоро во 3G. Од конекциите обезбедени се Wi-Fi, GPS, NFC, FM радио со RDS, microUSB 2.0, Bluetooth 4.0, но недостасува 4G LTE мобилна конекција која има и најбрз пренос на податоци. 
 
 
Камера
 
LG L Bello има сосема пристојна 8 мегапикселна камера со автофокус, LED блиц и повеќе додатоци како панорама, а квалитетот на сликите е на задоволително ниво со добар приказ на боите и деталите, но за најдобри резултати потребна ви е голема количина на светлина, а блицот добро функционира во темни услови. Предната камера има капацитет од само 1 мегапиксел и ќе послужи за повремено правење на селфи фотки. Смартфонот нема посебно физичко копче за активирање на камерата, но за правење на слики може да го користите копчето за намалување на звук кое се наоѓа на задната страна.
 
 
Заклучок
 
LG L Bello е смартфон кој ќе ве освои со елегантниот дизајн и пристапната цена од околу 200 евра без склучен договор, додека пак во понудите на операторите може да го купите и за 0 денари во претплата. Во оваа основна класа LG L Bello се издвојува со квалитетната изработка и модерниот софтвер, солидната камера и издржливата батерија. Недостатоците се неизбежни кога купувате евтин смартфон и компромисот кај LG L Bello е направен во дисплејот кој има низок степен на деталност на дисплејот и хардвер на кој му недостасуваат повеќе „коњски сили“. Во суштина LG L Bello е солиден смартфон кој се издвојува во основната класа и нема да погрешите доколку го одберете.
 
 
Автор 
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: