Samsung Galaxy S6 Active - дизајн како тенк!

Објавено на 25.07.2015 во Рецензија



Samsung Galaxy S6 Active - дизајн како тенк!

Оваа година Galaxy S6 доживеа драстично редизајнирање, кое е мошне успешно и ни покажа на сите нас дека јужнокорејската компанија знае како да дизајнира премиум смартфони. Новиот наследник на Galaxy S6 тргна во нова насока - освен што е конструиран да биде отпорен на вода, направен е како тенк за да не се плашите дали ќе ви падне. S6 Active верзијата има многу сличности во спецификациите како својот претходник, но генерално однадвор е сосема поинаков смартфон.
 
 
Дизајн
 
На прв поглед Samsung Galaxy S6 Active изгледа слично како моделот од минатата година, кој беше изработен со ист концепт - цврста градба. Споредувајќи го со S6, нема сомневање дека S6 Active е како оклопен смартфон, конструиран за да издржи сериозни удари. Поголемиот дел од куќиштето е составен од цврста пластика и издржлив материјал со мат рамка. Површно изгледа како факсимил на минатогодишниот Active, но овој е со затворен дизајн - задниот капак му е фиксиран и немате пристап до батеријата. Мускулестиот S6 Active е дизајниран со цел да издржи речиси било какви удари, кои може да се случат со секојдневното користење во животот. Отпорен е на вода до најмногу 1,5 метри длабочина и времетраење во вода до 30 минути.
 
 
За време на тестирањето, S6 Active паднал случајно на бетонска подлога, по што биле забележани одредени гребаници на куќиштето, но сепак го преживеал падот без последици врз беспрекорното функционирање. Естетски S6 Active се одликува со обичен дизајн како и секој друг смартфон и нема сензор за отисоци на прсти, што значи дека нема да можете да го отклучувате телефонот преку отпечаток од прст. Поседува сензор за мерење на пулс, технологија за брзо полнење преку microUSB 2.0 порт и Wi-Fi полнење. Неговата батерија има капацитет од 3500 mAh и копчињата за контрола на звук се на нивните вообичаени места од двете страни на телефонот. 
 
Дисплеј
 
Samsung Galaxy S6 Active е опремен со 5,1-инчен 1440 x 2560 (QHD) Super AMOLED дисплеј, при што овозможува остри детали со добра густина на пиксели. S6 Active го следи својот претходник и се одликува со живи бои и брилијантна осветленост во секакви услови на голема/мала светлина. Дисплејот покажува неутрален тон - ниту студен, ниту топол. Благодарение на својот AMOLED екран има широк агол на гледање и совршени бои. Кога станува збор за боите, тој е идентичен со Galaxy S6, што го прави импресивен за различни нијанси. S6 Active продуцира заслепувачки 570 нити светлост, со што ги надминува браќата, делумно благодарение на својот режим со висок контраст, во ситуација кога е изложен директно на сонце. Сè на сè, има многу малку недостатоци во врска со тоа, а дополнително на тоа, неговиот режим за базичен дисплеј покажува дека е совршено калибриран.
 
 
Софтвер и апликации
 
Софтверот на Samsung Galaxy S6 Active не е премногу различен од оној на S6. Го поседува истиот TouchWiz кориснички интерфејс како својот поголем брат и Android 5.0.2 Lollipop, што значи дека визуелните карактеристики остануваат непроменети. Моделот се класифицира како солиден смартфон со добри перформанси и добри софтверски алатки. Нема да навлегуваме во детали, затоа што веќе детално го разработивме истото во нашата претходна рецензија на Galaxy S6, но да спомнеме дека TouchWiz нуди можност за преземање на теми, функционира одлично со мулти-таскинг со повеќе отворени прозорци, комфортно се ракува со една рака и содржи опции за гестови. TouchWiz е функционален кориснички интерфејс без никакви комплицирани менија.
 
 
Оригинално за Galaxy S6 Active е копчето Active, со кое се вклучува Activity Zone, апликација со која се вклучува времето, температурата, компасот, стоперката, светилката, барометарот за височина и притисок. Сите овие работи ќе ви бидат од голема помош кога сте на отворено. Апликацијата S Health е многу корисна ако сте надвор од урбано место, која внимателно ќе ги следи параметрите за зачувување вашето здравје. Копчето Activity не е откривање на топла вода, затоа што го имало и на други модели, но добро е во овој случај што совршено се вклопува со типот на моделот.
 
 
Процесор и меморија
 
Samsung овде веќе не се потпира на Qualcomm. Galaxy S6 Active функционира со истиот чипсет како Galaxy S6 - 64-битен octa-core Exynos 7420 процесор, со 4-јадрен Cortex-A57 и работи со фреквенција од 2.1GHz и плус 4-јадрен Cortex-A53 со 1.5GHz. Повеќе од јасно е дека смартфонот одлично ќе ги извршува задачите што му ги давате. Galaxy S6 Active има графички процесор Mali-T760 и 3GB RAM меморија. Графичките тестирања и брзината на телефонот поминале одлично, што значи дека „тенкот“ гази стабилно на пазарот на смартфони и се одликува со голема моќ - испорачувајќи феноменални резултати. За жал, Samsung одлучил да не вгради слот за microSD картичка, што значи дека ќе бидете ограничени и ќе мора да внимавате со меморијата од 32GB.
 
 
Интернет и батерија
 
Galaxy S6 Active вози со полна гас кога сурфате на интернет, при што имате избор да го користите сопствениот прелистувач на Samsung или Chrome на Google. Нема да бидете разочарани од било кој прелистувач и ќе сурфате на било која веб-страница без никакви маки и напори. Quad-HD Super AMOLED дисплејот има високо ниво на запазување на детали, но и тоа ќе се одвива без компликации. Смартфонот има поддршка за LTE 4G интернет врска и испорачува брзина од 300Mbps, за симнување на податоци. Телефонот може да се поврзува со Bluetooth 4.1, dual-band 802.11 a/b/g/n/AC Wi-Fi, NFC, DLNA, MHL и microUSB 2.0 порт. 
 
 
Galaxy S6 Active има батерија со капацитет од 3500 mAh, што значи дека векот на батеријата е проширен во однос на баткото S6. Импресивниот Galaxy S6 Active ги напаѓа поголемиот дел од смартфоните од висока класа, бидејќи батеријата е репер за сите останати. Батеријата издржува ефикасна работа од 12 часа и 9 минути, победувајќи ги S6 и S6 Edge. S6 Active е благословен со вградено безжично полнење и технологија за брзо полнење преку microUSB 2.0 порт. Ако го полните преку жица се полни за 103 минути, што значи дека се полни брзо како молња.
 
 
Камера
 
Хардверот на камерата е идентичен како flagship-от на S6 Active - 16-мегапиксели камера со 1/2,6 "Sony IMX240, сензор со објектив од f/1.9 широчина. Камерата има оптички стабилизатор на сликата, BSI, LED блиц и рамнотежа за инфраред баланс и многу брзо се вклучува, која можете да ја активирате за помалку од 1 секунда и со двојно притискање на копчето Home. Причината зошто камерата толку бргу се вклучува е затоа што никогаш не се чисти од меморијата на системот, така што секогаш работи во позадина. Во изборот на модули имате автоматско и рачно фокусирање, Панорама, забавена снимка, забрзано движење, виртуелно сликање и професионално сликање. 
 
 
Гледајќи ја целата слика, ако зумирате и набљудувате одблизу, камерата може да фаќа големи детали. Друг одличен пример за нејзините добри перформанси е сликата со топка за тенис на трева, гледајќи дека фокусот е нагласен на топката - додека позадината и другите елементи се надвор од фокусот. Додека автоматскиот модул работи добро во секакви услови, HDR докажува дека е најкорисен за сцените со силен контраст - како што се слики од сонце. Опцијата овозможува акцентирање на детали и одлично е што нема проблеми со преливање на бои.
 
 
Панорамската фотографија е лесен залак за S6 Active, кој е ист како iPhone во овој поглед. Снимањето на видео не е проблем за спортскиот смартфон, кој се одликува со повеќе видови режими за снимање: UHD, QHD, 1080p на 60 fps, 1080p на 30 fps, и 720p на 120 fps. Користењето на камерата за снимање видеа во услови на недоволна осветленост, нема проблеми со квалитетот на сликата. Ако сакате да снимате квалитетни видеа, Galaxy S6 Active има способност да ви заврши одлична работа.
 
 
Заклучок
 
Samsung Galaxy S6 Active нема да добие награда за дизајн, но неговата цврста градба дефинитивно поседува одлична конструкција за да ги издржи сите неизвесни падови. S6 Active има посебен дизајн како оклопно возило, отпорен на тешки удари. Некои работи останале од поголемиот брат S6, а други се отстранети, но сепак S6 Active е брз во извршувањето на своите задачи и ќе ве задоволи со долгиот животен век на батеријата. Неговата цена е иста со S6 и тоа е причината зошто би можеле да се двоумите за да го купите. Дефинитивно ќе го купите само ако ве привлече дизајнот, што всушност е главната разлика меѓу браќата. Немојте само да се излажете со надворешниот изглед, затоа што S6 Active е солиден телефон и тоа не смее да се занемари. Не може секој да го сака неговиот специфичен дизајн, но не можете со било кој смартфон да телефонирате под туш, да снимате под вода или да го испуштите на тврда површина без да се плашите од кршење.
 
Автор: Александар Младеновски