Sony Xperia M4 Aqua - телефонот подморница

Објавено на 15.08.2015 во Рецензија



Sony Xperia M4 Aqua - телефонот подморница

Sony Xperia М4 Aqua е стилизиран и лесно пристапен телефон рамо до рамо со смартфоните од средната класа, а дизајнот го позајмува од врвните модели на Sony. Главната предност е неговата водоотпорност, така што можете слободно да го нурнете под вода и да се забавувате со вашите пријатели снимајќи видеа во базен, без да се грижите дека телефонот ќе се оштети. Xperia М4 Aqua има 5-инчен екран со резолуција од 720 x 1280 пиксели, функционира со Android 5.0 Lollipop, 64-битeн octa-core Snapdragon 615 процесор и 13-мегапикселна камера. Sony намалува одредени делчиња од својот дизајн, М4 Aqua има 8GB внатрешна меморија и батерија со мал капацитет.

Дизајн

Sony Xperia М4 Aqua изгледа многу слично со flagship моделот Sony Xperia Z3 - речиси невозможно е да се забележи разликата. Ова е супер бидејќи и двата се тенки и импресионираат со својот изглед. Xperia М4 Aqua е малку помал и има 5-инчен екран (Z3 е опремен со 5,2-инчен екран), а димензиите на двајцата се речиси идентични. Со оглед на тоа што Xperia М4 Aqua се продава за половина цена од Xperia Z3, нормално е да се очекува да содржи одредени разлики. Разликата е во чувството кога го држите и материјалите за изработка на телефонот. Xperia М4 Aqua има пластична рамка и рефлективна пластична плочка позади, направена за да изгледа како стакло, додека Xperia Z3 е направен од цврст алуминиум и вистинско стакло позади. Пластичниот М4 Aqua изгледа како да е малку поевтин, затоа што нема солидно цврста градба како братот Z3.

Се се врти околу дисплејот и двата звучника од предната страна. Не постојат физички копчиња и наместо тоа M4 Aqua ја вклучува својата навигација од екранот. Сите физички копчиња се од десната страна на телефонот: мали и супер дизајнирани, лесно за наоѓање без да мора да гледате да го најдете копчето за заклучување/отклучување и вклучување/исклучување и двонасочно копче одозола за камерата. Како што имплицира самото име, Xperia М4 Aqua содржи материјали за заштита од прашина и вода, официјално сертифициран со висока оценка IP65/68. Овој рејтинг ви гарантира дека можете да го нурнете вашиот телефон на длабочина од 1,5 метри во времетраење од 30 минути без никакви штети и последици. Пред да го направите тоа, осигурајте се дека сите отвори се затворени и имајте на ум дека тоа може да се направи само во свежа вода, како на пример во базен, но не и во солена морска/океанска вода.

Дисплеј

Sony Xperia М4 Aqua има 5 инчен IPS LCD дисплеј со резолуција од 720 x 1280 пиксели, со 294ppi - доволно остар дисплеј за убаво да се забележат деталите од блиско растојание. Во однос на боите екранот не е совршено калибриран и има тенденција да дава малку ладни бои. Додека ова го држи телефонот настрана од тоа да биде совршен, боите општо земено се живи, без да бидат нападни и пренатрупани. За својата средна класа, дисплејот е супер. За перфекционистите за боја Sony вградил рачно подесување на црвената, зелената и сината боја во сетинзите. Можете слободно да додадете малку црвена боја за да го надоместите ладниот тоналитет. На висока осветленост лесно се чита од дисплејот, затоа што има прилично високо ниво на светлост - максимално до 551 нити. Тоа е дури и малку повеќе од просекот. Аглите за гледање се исто така пристојни и нема да се разочарате.

Софтвер и апликации

Xperia М4 Aqua функционира со модерен Android 5.0 Lollipop, нашминкан со оригиналната кожа на Sony обложена на интерфејсот на телефонот. Светлата природа на Sony овозможува брз и добар изглед на природниот дизајн на Android 5.0. Ова се најважните и најкарактеристичните можности на подморницата: Sony dialer, самостојно уредување на апликациите со лизгање на екранот, мултитаскинг со мали апликации кои работат во позадина, како и интерфејсот на камерата. Природно, апликациите за видеа, слики и музика на Sony може да ги одберете како алтернатива, како што се Google Photos и Play Music - генерално брзи и едноставни за користење.

Sony ви нуди голем избор на позадини и теми, при што добивате комплет шарени живи позадини, карактеристични за идентитетот на Sony-евиот бренд. Темите на Xperia М4 Aqua имаат прилично нормален фонт за прилагодување, но не до тој степен како современите теми на телефоните како што се Samsung Galaxy S6, со сопствени икони и графички контроли. Android 5.0 Lollipop ви е доволен за овој средно рангиран телефон, што е за пофалба, бидејќи Sony разбира дека е важно да се има солиден интерфејс, а не брод полн со 1 тон на бескорисни апликации. 

Процесор и меморија

Sony Xperia М4 Aqua под хауба е опремен со 8-јадрен Qualcomm Snapdragon 615 процесор, 64-битен A53 Cortex и функционира со брзина до 1.5GHz, има 2GB RAM меморија и Adreno 405 графички процесор. Важното прашање што повеќето од вас ги интересира е - дали телефонот одговара брзо на задачите? Одговорот е „да“, тој ги извршува своите задачи прилично брзо и лесно. А ако го отвориме прашањето за активирање на камерата, тогаш може малку да запелтечиме, но за сите останати операции е беспрекорен.

Овој уред нема импресивни бенчмарк поени, но тие не се голем репер за корисничкото искуство, кое е прилично добро со М4 Aqua. Adreno 405 GPU е далеку од моќен графички процесор, но со оглед на тоа што М4 Aqua има дисплеј од 720p, значи дека нема голем товар за да се справи со задачите што му се задаваат. Со тестирањето е покажано дека нема големи проблеми при играњето на игри. Имате 8GB внатрешна меморија, од која помалку од 6GB е достапна за корисниците, но за среќа смартфонот поддржува проширување на меморијата за складирање на податоци преку microSD картички до 128GB.

Камера

Подморницата Xperia М4 Aqua има 13-мегапикселна камера со еден-LED блиц и f/2,0 објектив, додека на предната страна има стрелец од 5-мегапиксели, кој може да снима Full HD видео. Апликациите за камерата се вообичаени: имате избор за автоматски режим и рачно избирање и различни опции за ефекти и додатоци на сликите. Интерфејсот е чист и практичен, со посебни копчиња за видео и фотографии, но суштинските опции како што се HDR, се малку изгубени и треба да се помачите да ги побарате, т.е. ги нема кај избирањето на автоматски режим. Во овој случај телефонот сам одлучува дали треба или не треба да го вклучува HDR, а не можете ниту рачно да смените тоа, што е многу чудно. Камерата не се активира многу брзо како што споменавме погоре, што може да биде малку тешко искуство за љубителите на целодневно фотографирање. Истото важи и за фокусирањето, слаба страна за брзината.

Сликите на Xperia М4 Aqua се малку ладни, не се остри и телефонот не умее да направи баланс во белата боја. Значи, тоналитетот на боите е неприроден во неонско светло. Во затворен простор и ограничени услови на осветленост, сликите страдаат од недостаток на динамика, но во споредба со другите телефони во оваа класа, подобро се справуваат во темнина и сликите не се премногу матни. LED блицот си ја извршува достојно својата функција и осветлува прилично добро, но боите ги прави студени и фрла сина боја. Xperia М4 Aqua може да снима со 1080p видео и 30fps, при што квалитетот на снимката може да ве разочара, затоа што недостасуваат остри детали за добро искуство во гледањето. 

Интернет, конекција и батерија

Sony Xperia М4 Aqua го користи Chrome на Google како стандарден прелистувач и тоа е добра работа - пребарувачот е брз, добро оптимизиран за страници и лесно се синхронизира со различни уреди, од мобилен на таблет и десктоп. Моделот има поддршка за 4G/LTE, Wi-Fi, Bluetooth 4., и GPS. М4 Aqua располага со батерија со капацитет од 2,400mAh, додека Xperia Z4 има многу поголема - 3,100mAh. Сепак, Sony ветува 2-дена траење на батеријата на Xperia М4 Aqua, што е запишано од десната страна на мобилниот телефон. Со тестирањето батеријата без мирување трае 6 часа и 22 минути, а Xperia Z3 од друга страна има за 50% подолго траење на батеријата - 9 часа и 29 минути.

Заклучок

Sony Xperia М4 Aqua се одликува со еден од најомилените дизајни на корисниците од ценовно прифатливите телефони - мелем за очи, тенок и уредно декориран, а пластичниот материјал е добро изработен и дава чувство како да имате поскап гаџет во рака. Се разбира, ова не значи многу ако телефонот не се снаоѓа како што треба со неговите задачи. Од овој аспект M4 Aqua е солиден со Android. Гледајќи од аспект на цената, смартфонот се наоѓа во средината на пазарот - малопродажната цена на Xperia М4 Aqua изнесува околу 350$ (280 евра), на исто ниво со Samsung Galaxy А5, што е всушност неговиот главен ривал. Двата телефона имаат одличен дизајн, со тоа што Galaxy А5 има предност кај камерата, но има недостаток со отпорност на вода. Постојат голем број на конкуренти и противници на M4 Aqua, како што е на пример Xiaomi Mi 4, кој има иста цена, само што Mi 4 има поостри слики поради дисплејот од 1080 x 1920p, а се одликува и со богат MIUI софтвер.

Двата недостатока на Xperia М4 Aqua се камерата и ограничената меморија за складирање на податоци, која сепак може да се прошири со microSD картичка. Генерално, M4 Aqua не е лош уред и вреди да се искуси од оние што бараат нешто несекојдневно, а тоа е дефинитивно нуркањето под вода. Кој дига два прста за оваа подморница?

Автор: Александар Младеновски





Прочитајте повеќе: