Sun S2 - Смарт часовник со аудио повици

Објавено на 28.08.2015 12:00 во Рецензија


Sun S2 - Смарт часовник со аудио повици

Оцени

usability
7.8


Перформанси
7.8


Цена
9.1


Камера
4.9


резултат
7.4


Наши забелешки

Positives:

  • Ниска цена
  • Квалитетна изработка
  • Лесно поврзување со Android и iOs
 

Negatives:

  • Мал број на апликации
  • Лоша камера, ама сепак е часовник


Целата рецензија

NO.1 е нов кинески бренд кој со големо посветување на развојот на дизајнот и софтверот, како и со ниските цени, сака да се наметне кај купувачите. Од нив доаѓа најновиот смарт часовник Sun S2 кој се издвојува од Android Wear конкурентите и има сопствен софтвер и интерфејс, а може да се поврзе со речиси секој телефон. Неговата главна предност е прилично ниската цена од 50 долари со што добивате квалитетно изработен часовник со повеќе смарт функции. 

Sun S2 се обидува со забрзани чекори да ја искористи новата технологија која обичниот часовник го претвора во корисен уред во секојдневието и ви олеснува при одредени функции за да не мора постојано да го вадите смартфонот од џеб. Sun S2 како за еден од првите уреди на NO.1 покажува капацитет и доволна доза на квалитет, но јасно е дека станува збор за часовник од основната класа кој не претендира да понуди десетици апликации и сложен интерфејс, туку се фокусира на најглавното.

telefoni.mk имаше можност прв да го тестира Sun S2 во Македонија што ни претставува особено задоволство, како и должност на нашите читатели да им ги претставиме сите негови карактеристики и спецификации, па во продолжение прочитајте ги нашите импресии од смарт часовникот.

Дизајн

Sun S2 изгледа прилично елегантно со металното ременче кое е изработено во висок стил со пристоен квалитет и удобност при носењето на раката. Металниот модел повеќе одговара за корисници кои сакаат елегантен стил на облекување, но и истакнување со своите модни додатоци.

Во пакетот е влучено и кожно ременче кое може да се замени и одговара на сосема поинаков и посуптилен изглед, во зависност од изборот на корисникот, така што повеќе ќе им одговара на тие кои не сакаат премногу да се дотеруваат, туку бараат поедноставен изглед.

Тежината на ременчето и главното тело со дисплејот е поднослива и нема да почуствувате поголеми потешкоти, секако доколку сте навикнати да носите часовници. Металното ременче е поголемо, па нема да им одговара на припадничките од понежниот пол, за кои се препорачува сами да одберат кожно или пластично ременче.

Sun S2 е изработен во кружна форма со екран на допир со пристојно ниво на видливост дури и на отворено под директна изложеност на светлина, така што нема да имате никави проблеми со прегледноста на податоците на дисплејот. Вградено е и едно копче за активација и навигација низ менито, а до него и микро камера која нема премногу да ве воодушеви.

Софтвер, интерфејс и апликации

Како што напоменавме на почетокот Sun S2 работи на сопствен софтвер со неколку инсталирани апликации кои ќе ви бидат најпотребни. При тестирањето многу бргу ги научивме сите потези во интерфејсот, па затоа очекуваме дека секој корисник веднаш ќе се снајде. 
Навигацијата се врши со притискање на страничното копче при што се активира аналоген приказ на стрелки за часовникот кои имаат три различни стилови за избор.

Со допир на екранот се влегува во главното мени и на првиот панел се прикажува дигитален часовник, како и икони за прием на повици и пораки од поврзаниот смартфон. Следната навигација е со лизгање низ екранот во лево или десно каде ќе ги најдете сите инсталирани апликации.

Тука би ги издвоиле апликацијата за мерење на пулсот и отчукувањата на срцето која е многу прецизна и се чини неизоставна кај модерните смарт уреди. За тие што се поактивни достапен е и педометар за мерење на изминатите чекори, како и детекција на UV јачината на зраците за да не престојувате предолго на сонце.

Со Sun S2 ќе може да го следите вашиот процес на спиење и часовникот ќе ви направи анализа на сонот со препораки за подобро време на заспивање и будење. Фитнес серивисите ги заокружува и апликација со која ќе поставите потсетник дека не треба предолго да седите, туку да станете по одредено време. Sun S2 нуди и аларм, стоперица со тајмер, потоа калкулатор, снимач на звук или диктафон кој вади прилично достоен квалитет, како и менаџер на сите фајлови.

Делот на телефонските функции на часовниот е одлично разработен бидејќи преку Bluetooth конекција веднаш ќе може да видите кој ве повикува или кој ви испраќа порака. За повикување преку смартфонот имате две опции кои ги нуди Sun S2, а тоа е апликацијата именик од каде може да ги изберете контактите или пак преку телефонскиот повикувач за внесување на телефонскиот број. Истото важи и за апликацијата за SMS пораки, каде може да испратите брза порака, да ги прочитате пораките во влезното сандаче и да добиете известување за нова пристигната порака. За евиденција имате и бележник на сите повици.

Батерија и функции

NO.1 Sun S2 се полни со магнетски приклучок кој се сместува под дисплејот, а потоа се поврзува со стандарден USB кабел кој може да се користи и како мултимедиски конектор. Батеријата може да работи во мирување околу три дена, а со почеста употреба на сите функции, како на пример прием на пораки и позиви ќе може да го користите барем десетина часа со едно полнење. За дополнување на капацитетот на целата батерија ќе ви бидат потребни околу 3 часа.

Во издвоените функции на смарт часовникот би ја издвоиле камерата која повеќе „делува“ шпионски и се сомневаме дека ќе ја користите за правење селфи фотки или видеа. Со часовникот може да правите и преносни слики со камерата на телефонот без притоа да го активирате. Сликите и видеата кои би ги направиле со камерата може да ги прегледувате преку двете соодветни апликации кои имаат галериски приказ на содржините.

Доколку часовникот заборавите каде сте го оставиле може да ја активирате опцијата за пронаоѓање со емитување на звучен сигнал. Во овој сегмент функционира и апликацијата Anti Lost која пак обратно, ќе може да го следи вашиот телефон преку часовникот во случај на кражба или загуба. 

Една од најкорисните функции е секако заштита од оштетување од попрскувања со вода што е многу важно додека сте на отворено и не треба да се грижите за дожд, но не се опуштајте премногу па да се бањате со часовникот.

Заклучок

NO.1 кој како што споменавме уште на почетокот има големи амбиции добро е што уште од почеток ќе биде присутен на македонскиот пазар со своите производи, вклучувајќи го и смарт часовникот Sun S2, па еве ги завршните зборови и конечната оценка.

Sun S2 е ефикасен смарт часовник која главната предност ја има во ниската цена од само 50 долари. Софтверот не е премногу развиен и нема да добиете голем пристап до база на апликации, па дури и игри, но NO.1 е амбициозен бренд кој вложува многу во својот развој. Сепак, за почеток ќе треба да се задоволите со убавиот дизајн и квалитетните ременчиња, како и можноста за поврзување со вашиот смартфон при приемот на повиците и пораките.

Sun S2 не е наметлив смарт уред со постојан приказ на сите известувања, туку ќе ви биде од корист во специфични ситуации без многу одземање на вашето време и дефокусирање. Втората предност е неговата универзалност, што значи дека може да се поврзе и со Android и iPhone смартфон преку Bluetooth, а софтверот одлично функционира и на двете платформи.

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар