iPhone 6s Plus - најдобар фаблет на годината!

Објавено на 10.10.2015 13:20 во Рецензија


iPhone 6s Plus - најдобар фаблет на годината!

Оцени

usability
9.9


Перформанси
9.0


Цена
6.0


Камера
8.0


резултат
8.2


Наши забелешки

Positives:

- Добро оптимизиран интерфејс;
- 3D Touch технологија;
- Touch ID;
- Видеа со 4К резолуција;
- Голем и прегледен дисплеј;
- Добра камера;
- Цврст дизајн;

 

Negatives:

- Висока цена;
- Слаба батерија;



Целата рецензија

Стив Џобс категорично се противеше на идејата за да се произведуваат поголеми телефони, но од денешен аспект, апсурдно е да се одречете од фаблетите, затоа што добро се позиционирани на пазарот и корисниците ги купуваат. На чело со Тим Кук, Apple успеа да го задоволи вкусот на корисниците со iPhone 6 Plus минатата година. Луѓето сакаат големи телефони и секоја компанија веќе лансира по еден помал и поголем смартфон, со тоа што ги изработуваат да бидат лесни за менаџирање. Така iPhone 6 Plus го доби наследникот iPhone 6s Plus. Новиот телефон е непроменет однадвор, но Apple под хауба го подготвил многу добро за да се трка и да исплива на врвот како најдобар фаблет годинава. Конкуренцијата е жестока, но бS Plus не му се плаши на никој, особено не на Samsung Galaxy Note5.

Дизајн

S-линијата не воведува големи промени во својот дизајн, па ако ги ставиме двајцата со претходникот еден до еден, тешко би било да се каже што е што и кој е кој. Apple се уште се држи до легендарниот врвен дизајн, со акцент на мазната и избалансирана алуминиумска рамка. Исто како и кај 6S, така и кај 6S Plus, компанијата го изработила фаблетот со 7000 Series алуминиум, што му дава поголема цврстина и издржливост, така што нема потреба од загриженост за втор bendgate скандал. iPhone 6s Plus продолжува со дизајнот со спортски заоблени рабови, истата пластична антена од задната страна и истите копчиња од страната. Фаблетот изгледа добро и чувството е одлично кога ракувате со него. И покрај неговата цврста градба и грациозен изглед, се уште иритира што не го решиле прашањето со испапчената камера.

Површно изгледа многу слично со iPhone 6 Plus, но сепак има некои промени во дизајнот. Сега има нова опција за избор на боја на телефонот - розово-златна боја. Искрено, многу е суптилна бојата, којашто повеќе изгледа како лосос-розова, отколку златна, но тоа зависи и од кој агол го гледате. iPhone 6s Plus е физички потежок од претходникот - 192 грама, а iPhone 6 Plus тежи 172 грами - разликата не е многу забележлива. Без разлика на неговата широка фигура, iPhone 6s Plus лесно се држи во раце, но кога го ракувате со две раце, тогаш е идеално-практичен. 

Најновиот фаблет на Apple несомнено ги отелотворува сите квалитети што ги посакуваме кај премиум смартфон, уште повеќе што е изработен од рециклиран материјал. Сите копчиња се наоѓаат на истите места - копчето за вклучување е на десната страна, nanoSIM отворот исто така, контролите за звук и Mute прекинувачот се наоѓаат на левата страна и на долниот раб се наоѓаат 3.5 милиметарскиот џек за слушалките и микрофонот. Apple го подобрува Touch ID(Сензор за идентификација со допир), кој е вграден во копчето Home. Општо, Touch ID е малку подобрен при вчитувањето на отпечаткот од прстот.

Дисплеј

iPhone 6s Plus се одликува со 5,5-инчен 1080 x 1920 Retina Display, со IPS-LCD технологија. Quad-HD екранот со 401 ppi густина на пиксели е повеќе од доволно за острите детали што се лесно-забележливи за окото. Дисплеите на Apple се секогаш со фантастични квалитети, па така е и овој пат. Овој модел има посилна светлина од својот претходник со 593 нити светлост, што е одлично за надворешна употреба, понатаму има подобрувања кај гама вредноста и температурата на боите - 2,19 гама вредност и 7018K температура на боја. Температурата од 7018K дава ладна интонација на боите, но се е во рамките на нормалата. Како и да е, боите се живи и даваат точни детали, а различните агли за гледање се фантастични. 

3D Touch

Производителите досега ги подобруваа дисплеите на смартфоните, со тоа што ја зголемуваа нивната резолуција. Apple не го следи ова правило, бидејќи не се од типот што се фали дека има уреди со најдобри перформанси. Наместо тоа, тие смислија нова технологија - 3D Touch, која не ја доживеале порано. Новата технологија на Apple е сеопфатна и попрактична во споредба со SurePress технологијата на BlackBerry. Јаболкото ни нуди технологија што не сме ја виделе досега на телефон. 

Во основа 3D Touch е класифициран од Apple како следната генерација на мулти-допир и создава поинаква димензија при искуството и функцииите на телефонот. Сензорите на дисплејот мерат микроскопски промени во притисокот на истиот. Новиот Taptic Engine мотор за вибрации ја подобрува интеракцијата, со намвремено известување за командите што ги притискаме на дисплејот. 

Ѕирни набрзинка(Peek and Pop): Избирањето на опции е поедноставно, затоа што ви дава увид во апликацијата и опциите што можете да ги направите со неа, без да кликнете и влезете во истата. На пример, на апликацијата за вашиот e-mail можете да го проверите вашето влезно сандаче без да мора да влезете внатре.

Брзи активности(Quick Actions): Со 3D Touch може да притиснете неколку иконки на почетниот екран за брзи дејствија. На пример, има можности за да направите селфи, снимање на видео, снимање на забавена снимка, па дури и предвремена слика со притискање на иконата за камерата. Тоа спасува неколку чекори во процесот, што е многу корисно.

Подлогата за движење (Trackpad): Понекогаш е болно во обидот да го поставите курсорот во одредена точка кога пишувате со помош на тастатурата на екранот. Со 3D Touch ја елиминирате фрустрацијата бидејќи имате поголем степен на контрола при прилагодувањето на поставеноста на 3D Touch.

Мултитаскинг (Multitask): 3D Touch може да се користи за префрлање од една на друга апликација или да влезете во мултитаскинг менито. Со притискањето на левата страна на интерфејсот во секое време, добиваме брз преглед во мултитаскингот - каде што можеме да го заобиколиме подолгиот пат за да влеземе во менито.

Цртање со сензитивно притискање(Pressure sensitive drawing): Имаме на располагање голем број на алатки за цртање при користењето на Notes app. Со 3D Touch можете да регистрирате различни степени на притисок за да создадете поцврсти линии, користејќи ги алатките за цртање. 

Интерфејс и софтвер

iOS 9 е достапен за преземање веќе одредено време, што значи дека ако сте го користеле веќе софтверот со iPhone 6 Plus, нема голема разлика во искуството со iPhone 6S Plus. Се е исто, освен новите фунцкии со 3D Touch.  Ништо не е сменето кај кратенката за камерата, часовникот, Control center и Notification center - се е на своето вообичаено место. Колку една мала споредба со софтверот iOS 8.4, забележуваме суптилна промена на фонтот - iOS 9 го користи San Francisco како стандарден фонт, а претходниот го користеше Helvetica Neue. Ова не е голема работа, но интересно е да се забележи. Во секој случај, текстот во iOS 9 е полесен за читање и со мали димензии. iOS 9 не нуди многу опции за персонализација и уредување, но ни овозможува многу нови позадини, специјално дизајнирани за дисплеј на iOS уреди. А ако тоа не е доволно, корисниците имаат слобода за да ја претворат сликата од Live Photo опцијата во динамична позадина.

Она што е поинакво и подобро со iPhone 6s Plus е тоа што корисничкиот интерфејс е оптимизиран за да може лесно да се употребува со богатиот опус на недвижнини. Тоа значи дека имате комфортно одбирање на опции и полесен пристап до сите опции каде што сакате да влезете. Поголемиот дисплеј е всушност најголемата предност на смартфонот. 

Процесор и меморија

iPhone 6s Plus има голема надградба на хардверот - А9 процесор и зголемување на 2GB RAM меморија. Колку за споредба, новиот процесор е произведен со 14nm или 16nm процес, во споредба со претходниот А8 што беше изработен со процесот 20nm/A8X. Благодарение на тоа, A9 спакувал во себе повеќе транзистори на истата површина како и A8, зголемувајќи ги перформансите и енергетската ефикасност. Новиот iPhone 6s Plus е неспорно подобрен во однос на претходниот модел, во сегментот за отклучување на телефонот преку Touch ID сензорот. Бенчмарк резултатите покажуваат дека овој фаблет е сериозен играч и ја уништува конкуренцијата без тешкотии - има импресивни графички поени поради PowerVR GT7600 графичкиот процесор. 

За жал, Apple не го променува својот став за внатрешната меморија, основниот модел доаѓа со 16GB меморија за складирање на лични податоци, што е прилично лошо со оглед на тоа што има опција за снимање на 4K видеа и брзо ќе се полни меморијата. Искрено ви препорачуваме да си земете верзија со капацитет од 64GB или 128GB ако имате намера да снимате 4K снимки, или ако инсталирате голем број на апликации.

Интернет, конекција и батерија

Mobile Safari е веќе докажан во неговата практичност за лесно сурфање на интернет за сите наши потреби, па така продолжува и сега. Страниците се отвараат брзо и се оди како подмачкано. Уште повеќе е сега збогатено искуството со новата 3D Touch технологија, при што имате повеќе алатки на располагање за увид во линкот без да влегувате и да чекате да се отвори страницата со помош на „Peek and Pop“ функцијата. 

iPhone 6s Plus, е многу сличен со својот брат 6s, и може да се пофали со поддршка за широк опсег на фреквенции. Има поддршка за LTE/4G интернет, aGPS со Glonass, Bluetooth 4.2, dual-band 802.11 a/b/g/n, Wi-Fi со MIMO и NFC за Apple Pay. 6s Plus има ист капацитет на батеријата како неговиот претходник, со малку помал капацитет - 2750 mAh, но добро е што со сегашниот бенчмарк тест пројде добро - очигледно Apple ја подобрил долговечноста на батеријата. Со тестирањето батеријата трае од 9 часа и 11 минути, што е солидно, имајќи во предвид дека капацитетот е намален и батеријата е енергетски ефикасна.

Камера

Apple кај овој модел доставува добра задна камера од 12 мегапиксели со 1.22μ пиксели и релативно великодушно зголемување на предната камера со 5-мегапиксели. На задната камера имаме двоен LED блиц, 5-елементна леќа со решетка од f/2.2, автофокус со опцијата Focus Pixels, хибриден IR филтер, BSI и објектив од сафир. Квалитетот на фотографијата е подобрен, а најзначајна во овој случај е 4K (3840x2160) видео-снимката, која ја издигнува камерата на iPhone на ниво што никој не може да го стигне. Има подобрено снимање со забавена снимка од 120 FPS и 1080p - на 240 FPS и 720p.

Интерфејсот на камерата нема нови можности и функции, туку се е по старо. Истите режими за снимање се присутни и овде, како што се панорамата и HDR режимот, а 3D Touch технологијата овде е нешто ново. Користејќи 3D Touch, со притискањето на иконата на камерата, веднаш ни се појавуваат повеќе функции - сликање на селфи или снимање на видео. Live Photos е овде интересна алатка за да си го разубавите искуството со камерата, која ви овозможува размрдување и оживување на сликите. Во превод, правите GIF слики како што велат некои, само што е малку поинакво. Сликите се остри и квалитетни, давајќи им благ студен тон, но во општо земено се одлични, кој пробал знае.

Заклучок

Со новата "S" линија Apple дефинитивно ја збогати својата понуда на смартфони во вистинска смисла на зборот. Тоа значи дека општо земено перформансите се значително подобрени, снимањето со камерата во 4К резолуција, Touch ID алатката и иновацијата со 3D Touch, која започнува нова ера во мобилната телефонија. Можеме да се обложиме дека од наредната 2016 година веќе ќе има неколку производители на мобилни телефони, што ќе ја украдат новата технологија на Apple. Нормално е тоа и се случува секогаш, но никогаш нема да бидат чекор пред најновите iPhone-и. iPhone е iPhone, зар не? 

Новиот процесор и интуитивното ракување со 3D Touch технологијата ни овозможува целосно ново искуство со смартфонот, а фаблетот дефинитивно го заслужува вниманието на јавноста, затоа што е сосема нова технологија. Цената на iPhone 6s Plus изнесува 700 евра без договор, што значи дека има голема вредност и ќе мора да платите повеќе за да го имате во џеп. Два прста?

Автор: Александар Младеновски

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.