Android 6.0 Marshmallow - Најдобриот оперативен систем од Google

Објавено на 11.10.2015 15:00 во Рецензија


Android 6.0 Marshmallow - Најдобриот оперативен систем од Google

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
10.0


Камера
10.0


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

- Голем број новитети

- Прегледен интерфејс

- Поефикасна батерија

- Заштита на приватноста и безбедноста

- Подобра функционалност

 

Negatives:

- Ограничен пристап до постарите уреди



Целата рецензија

Google со најновата верзија на оперативниот систем Android 6.0 Marshmallow не донесе огромни промени во дизајнот бидејќи за тоа беше задолжен Material Design во Android Lollipop чии стандарди и до денес се почитуваат, но затоа пак се вметнати неколку новитети кои корисниците подолг период ги бараа и компанијата реши да ги испочитува нивните барања. Android 6.0 Marshmallow треба да донесе многу постабилен систем иако нема огромни технички и „внатрешни“ подобрувања, туку мало дотерување на опциите. 

Android 6.0 Marshmallow се фокусира на зачувување на приватноста на корисниците и заштита на податоците со енкрипција на комуникацијата, безбедно сурфање на интернет и заверка преку скенерот за отпечатоци. Во продолжение ќе ги разгледаме сите новитети и колку тие ќе го подобрат искуството кај корисниците на Android.

Google now on tap

Начинот на кој ќе го користите интернетот и Google Search во Android 6.0 Marshmallow целосно ќе се промени и подобри. Google now on tap е фантастична опција која може да се активира од било кој дел на менито, како и внатре во самите апликации, па пребарувањето станува екстра интерактивно. Најпластичен пример за тоа е ако читате вест за некој нов филм преку Google now on tap може веднаш да најдете карти за кино премиерата, па корисноста на оваа алатка за поврзување на различните информации кое ќе ви биде секогаш достапно е на високо ниво. Со долго притискање на почетното копче Google now ќе го скенира екранот на кој моментално работите и ќе ви даде целосна анализа што може да поврзете и што од интернет би ви било корисно. 

Визуелна промена на менито

Како што спомнав на почетокот Material Design стандардите во оваа верзија на Android само се подобрени, па затоа најголеми визуелни промени ќе забележите во главното мени кое сега има светла тема со бела позадина, а иконите се нешто поголеми за подобра прегледност. На самиот врв насекаде е поставена Google Search лентата која освен за интернет пребарување ќе ви користи и за пребарување на опции на телефонот, како и содржини и фајлови, што е навистина добар потег. Навигацијата во листата на апликации е вертикална, а тие се подредени по азбучен ред и нивното пронаоѓање е полесно од било кога.

Променет тивок режим на работа

Менито за поставување тивок режим на работа повторно е изменето, но овој пат е полн погодок бидејќи имате три сегменти кои може да ги „стишите“. Првиот е стандарден за сите нотификации и звуци кои ги произведува уредот, вториот дел е за гласноста на музиката, видеата и останатите содржини, а третиот сегмент е за јачината на алармот. 

Значително подобрен Do not disturb режим

Мора да се спомене и новата организација на Do not disturb режимот кој кај Android Lollipop беше вистински хаос. Сега, до Do not disturb може да пристапите од менито за брз пристап и тука имате три вида на организација. Првиот е тотална тишина, што значи дека ништо нема да ве вознемирува, потоа имате само аларми кога се друго е стишено, а третата опција е прилагодлива на вашите потреби и може да одберете кои апликации да ве вознемируваат, а кои не.

Поединечни дозволи за пристап

Една од најголемите забелешки на корисниците беше целосниот пристап кој се бара од вас при инсталирање на апликации од Play Store. Сега тоа целосно се менува и за одредена апликација ќе може да ги одобрите или не сите поединчни барања за пристап до работата на смартфонот, интернет навиките, пристап до хардверот, анализа на профилите и сите привилегии кои ги отстапувате на изработувачот на апликацијата или играта. На овој начин доколку сметате дека одредено барање на одговара на видот на апликацијата тогаш нема да го одобрите. 

App permissions Android 6.0

Целосна подршка за скенери и USB Type C

Со Android 6.0 Marshmallow доаѓа целосна подршка за скенери за отпечатоци од прсти кои ќе добијат еден куп нови функции. Секако и претходно имаше Android смартфони кои ја користеа оваа технологија, но сега софтверската подршка е на многу подлабоко ниво со што се отвора можноста за користење на системот за мобилни плаќања Android Pay, поставување на идентификациска сигурност при работа со апликации, превземање електронски содржини и отклучување на уредот. Подршката за USB Type C ќе значи дека производителите ќе може вистински да го искористат новиот стандард USB 3.1 кој ќе биде за 40 пати побрз при преносот на податоци, како и при користење за полнење на батеријата. 

Подобра батерија

Со новата Doze апликација во Android 6.0 Marshmallow вашиот уред ќе има подолготрајна батерија во сренд бај режимот на работа со тоа што сите сервиси кои работат во позадина ќе бидат редуцирани за заштеда на енергија. Додека се користи Doze во секој случај ќе може да наместите аларм, како и да добиете известувања за пораки кои ви пристигнуваат.

Освен Doze, воведен е и систем на „Оптимизација на батеријата“ според секоја апликација. Со тоа се поставува најдобар режим на работа на секоја поединечна апликација за да не дојде до екстремно трошење на енергија, а и самиот уред ќе биде подготвен и ќе ги намали активностите, а корисникот може да одбере кои апликации ќе бидат исклучени од овој избор доколку смета дека треба постојано да ги користи во полн капацитет.

Doze

Нова Memory manager апликација

Исто како што може да ја управувате батеријата, така може да ја набљудувате и искористеноста на меморијата со новата Memory manager апликација. Во менито settigns ќе го најдете копчето Memory од каде ќе имате увид за искористеноста на RAM меморија, потоа дали работата е ефикасна или пак има проблеми, а може да направите и анализа од последните часови на работа или пак за целиот ден за да се утврди која апликација премногу „јаде“ RAM. Ова практично е официјална Memory manager апликација наместо да инсталирате најчесто сосема контрапродуктивни чистачи на RAM од Play Store.

Memory manager Android 6.0

Заклучок

Android 6.0 Marshmallow е досега убедливо најдобрата верзија на оперативниот систем на Google која ги покрива сите можни аспекти кои му се важни на корисникот, почнувајќи од можноста за персонализирање на сите детали од менито, режимот на работа, организација на визуелните детали, па се до внатрешни алатки која ја подобруваат целокупната работа на хардверот, а вие воопшто и не треба да се мачите да ги барате и одржувате. Android 6.0 Marshmallow одговори речиси на сите барања на заедницата на корисници и ги подобри безбедносните стандарди и принципот на заштита на приватноста, ги направи поефикасни со примена на скенери за отпечатоци сите авторизации за корисникот, а воведе и значајни подобрувања на перформансите. 

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар