HTC Desire 820 - Голем телефон со сите нишани

Објавено на 14.10.2015 17:00 во Рецензија


HTC Desire 820 - Голем телефон со сите нишани

Оцени

usability
8.5


Перформанси
8.0


Цена
7.0


Камера
7.5


резултат
7.8


Наши забелешки

Positives:

 

- Привлечен дизајн

- Високи перформанси во средната класа

- Голем дисплеј

- 64 битен процесор

- Квалитетни камери

 

Negatives:

 

- Повисока цена

- Мала меморија

- Послаба осветленост и контраст



Целата рецензија

HTC во изминатиот период докажа дека може да биде доверлив кога е во прашање средната класа каде многумина се задоволни од поевтините смартфони. Бидејќи цените на HTC не се баш ниски треба да знаете дека за вложените 300 евра ќе платите повеќе од останатите брендови, но тука сте сигурни дека ќе добиете соодветен квалитет и смартфон кој долгорочно ќе го користите. HTC Desire 820 апсолутно се вклопува во оваа шема како еден од најдобро изработените смартфони во средната класа, а е насочен кон корисниците на кои им треба прилично огромен дисплеј со големина од 5.5 инчи.

Покрај големината Desire 820 се докажува во сите категории со пристојни перформанси за секојдневна употреба и нема голем број на видливи недостатоци и маани. Во продолжение прочитајте ја деталната анализа и можеби издвоените поенти ќе ви помогнат да се одлучите дали Desire 820 е вистинскиот смартфон за вас.

Дизајн

HTC е апсолутен шампион кога е во прашање дизајнот и квалитетот на градба на своите смартфони. Добро познатата естетика и стил се применети и кај HTC Desire 820 кој и покрај гломазниот дисплеј дава впечаток на ергономичен смартфон кој лесно се држи во рака и се носи во џебот. Аглите на дното и врвот се убаво скроени за добивање на пожив и поатрактивен изглед, додека задната маска е обложена со пластика со мек финиш за стабилен фат. Најголема предност на дизајнот на HTC Desire 820 е тенкото тело од само 7.7 милиметри што во оваа класа е одлично достигнување. Смартфонот има и стерео звучници поставени над и под екранот. Единствена пречка како и кај останатите Desire смартфони е црната лента која го опкружува дисплејот и се чини дека е неефикасно искористена, но тоа е неопходно за сместување на внатрешните компоненти.  

Дисплеј

Како што наведов и во воведот главната појдовна точка на HTC Desire 820 е токму големиот LCD екран од 5.5 инчи со HD резолуција од 720 х 1280 пиксели и доволен степен на густина од 267 пиксели на еден инч што можеби не е во сегментот на „најострите“ но, е доволно за квалитетен приказ на содржините. Боите се доволно силно изразени, но контрастот нема најсилен ефект, па ќе треба да гледате во дисплејот од поблиску. Осветленоста исто така може да биде мал предизвик во текот на денот кога има силна сончева светлина. 

Хардвер и перформанси

Хардверските можности на HTC Desire 820 достигнуваат високо ниво благодарение на 64 битната архитектура на осум-јадрениот Snapdragon 615 процесор, Adreno 405 графичката карта и 2 GB RAM. За складирање на податоци достапни ви се помалку од 16 GB па, затоа може да размислувате и за купување на мемориска картичка доколку имате многу песни, слики и видеа. Перформансите при играње на 3D мобилни игри се одлични и нема да забележите кочења и пад на резолуцијата. Сурфањето на интернет и гледањето на видеа е одлично доколку користите 4G LTE мрежа, а интернет прелистувачот на HTC е добро оптимизиран, но доколку не сте навикнати на него пробајте со Chrome или Opera Mini кој ги компресира веб страните.  

Софтвер и апликации

HTC Desire 820 стартуваше со софтверска комбинација составена од корисничкиот интерфејс Sense 6.0 UI кој беше вграден во основата на оперативниот систем Android 4.4.4 KitKat. Оваа комбинација полека застарува бидејќи време е за надградба со многу понапредниот систем Android Lollipop, а од голема корист ќе бидат и измените кои HTC ги воведе во сопствениот интерфејс со Sense Launcher за целосна организација на почетното мени со икони за најчесто користените апликации, виџети за временска прогноза и вести, како и нотификации од социјалните и интернет мрежите кои ги користите. HTC Desire 820 има одлична оптимизација на софтверот со добра интеграција на Google сервисите како што се Search лентата и папката со Google апликации. Во делот на мултифункционалноста се приказ на панелот Recent apps и специјално креираните виџети со богат приказ на информации на главните панели.

Камера

Двете камери присутни кај HTC Desire 820 се од висок калибар и сосема добро го надополнуваат смартфонот чија примарна цел е освојување на средната класа. Главната камера има сензор од 13 мегапиксели и силен LED блиц што ќе ви овозможи правење на одлични слики како во текот на денот, така и во ситуации кога осветленоста е многу слаба. Интерфејсот на камерата е прилично едноставен и лесно може да го прилагодите блицот и останатите додатоци за сцената, како и да се префрлите на снимање на видео. Селфи камерата е една од подобрите со 8 мегапиксели и леќа со широк агол за опфаќање на поголема површина кога се сликате со поголемо друштво. 

Заклучок

HTC Desire 820 е еден од подобрите смартфони во средната класа кои може да се најдат на македонскиот пазар, па затоа и неговата прилично висока цена од околу 300 евра е сосема оправдана. Со HTC Desire 820 добивате огромен дисплеј со кој ќе прегледувате мултимедијални содржини во висок квалитет, а со хардверскиот сетап ќе немате никакви предизвици при работата со апликациите, интернет сервисите и мобилните игри. Камерата вади сосема пристојни слики, додека пак батеријата со капацитет од 2700 mAh ќе ви обезбеди активна работа во текот на целиот ден со само едно полнење. Можноста за поврзување на 4G мрежа ќе ви даде пристап до брз пренос на податоци преку интернет, а дизајнот е атрактивен за око и удобен за подолготрајно ракување. 

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар