Lenovo Vibe Shot - Телефон со јака камера

Објавено на 27.10.2015 14:30 во Рецензија


Lenovo Vibe Shot - Телефон со јака камера

Оцени

usability
9.0


Перформанси
9.0


Цена
9.0


Камера
10.0


резултат
9.2


Наши забелешки

Positives:

 

- Екстра камера

- Елегантен дизајн со тенко тело

- Оптимизиран софтвер

- Бројни додатоци во интерфејсот

 

Negatives:

 

- Послаб процесор од премиум класата



Целата рецензија

Паметните телефони направија вистинска револуција во начинот на кој ги користиме дигиталните камери и фотоапарите и отворија цело ново поглавје на социјалните мрежи каде секој сака да се истакне со воодушевувачки кадар или интересно селфи. Токму затоа нов тренд на производителите е да лансираат смартфони кои ќе имаат моќни и квалитетни камери за секојдневни ситуации, но и за подигнување на вообичаениот квалитет. Тука настапува и Lenovo со камера-телефонот Vibe Shot кој има неколку адути кои го издвојуваат од стандардната конкуренција, а истовремено нуди и доволно добри телефонски функции за работа со апликации, гледање видеа, играње мобилни игри и поврзување. telefoni.mk благодарение на Lenovo Macedonia имаше ексклузивна можност да го тестира Lenovo Vibe Shot и сите негови потенцијали, како во хардверот, така и во камерата.

Камера

Бидејќи Lenovo Vibe Shot е специјализиран смартфон за фотографирање и снимање рецензијата и оценките сосема природно ќе ги започнеме токму со најважната апаратура, а тоа е 16 мегапикселната камера и колку таа се издвојува од смартфоните кои имаат „обична“ камера. Lenovo Vibe Shot располага со камера од 16 мегапиксели со автофокус, сензор со позадинско осветлување и блиц со три светла кои ги осветлуваат и најтемните сцени за добивање на поприродно забележување на боите и формите. Вклучен е и инфрацрвен автофокус кој е два пати побрз од стандардниот што значи смартфонот треба само да го „вперите“ и веднаш ќе ја сликнете било која сцена без губење на време. Токму брзината на правење на слики во серија е овозможена од компјутерскиот сензор кој ефикасно ги процесуира сликите. 

Оптичкиот стабилизатор на сликата е многу ефикасен и ја подобрува камерата во сите сценарија на сликање и правење видеа. Предната камера за селфи фотки воопшто не заостанува со својот квалитет од 8 мегапиксели и широка леќа за опфаќање на поголем агол за групни портрети или пак сликање зад широка панорама. Lenovo Vibe Shot докажува дека е профи за љубителите на фотоапарати со двете физички копчиња поставени странично, едното е за притискање за слики, а второто е промена на режимот од автоматски поставена сцена и „про“ за прилагодување на сите параметри според вашата способност и „острото“ око за фотографија и кадар. Тука може да ја прилагодите брзината на активирање на „шутерот“, ISO квалитетот, изложеноста и балансот на бело. 

Слики направени со Lenovo Vibe Shot

 

Дизајн

Lenovo Vibe Shot има уникатен дизајн кој го издвојува од целата конкуренција и наместо како останатите гломазни камера-смартфони има многу тенко и елегантно тело, додека пак задната страна има форма на вистински фотоапарат што придонесува во неговата целокупна функција.

Визуелната идеја зад Lenovo Vibe Shot е правење вистински хибрид меѓу апарат и телефон и тоа е постигнато на одличен начин. Телото е изработено од цврст и мазен алуминиум што му дава голема стабилност и леснотија при држењето. Дебелината е сведена на само 7.3 милиметри што е вистински дизајнерски и инжинерски потфат за пофалба. 

Слики од отпакувањето на Lenovo Vibe Shot

 

Дисплеј

Фокусот на предната страна е секако ставен на LCD дисплејот со големина од 5 инчи за да имате прегледност на тоа што го сликате и снимате, но и секако да го користите за работа со многу апликации, игри и видеа. Екранот располага со Full HD резолуција од 1080 х 1920 пиксели што е сосема доволно за висок степен на видливост, богат израз на бои и силен контраст кој ги збогатува самите содржини. 

Хардвер и перформанси

Lenovo Vibe Shot нема намера да се натпреварува со хардверските ѕверови туку на корисникот да му понуди балансирани перформанси во делот на користење на апликации, игри, гледање видеа и споделување на мултимедија. Затоа за добивање на баланс на спецификации и цена е применет осум-јадрениот Qualcomm Snapdragon 615 кој е за само една нијанса под Snapdragon 810, но за разлика од него ги нема истите проблеми со прегревање при тешки и интезивни операции, што го прави многу поефикасен и брз. Чипсетот располага и со Adreno 405 графичка карта која е многу агилна при визуелниот приказ на содржините, а совршено ја надополнува и апаратурата на камерата. 

За мултитаскинг се обезбедени дури 3 GB RAM кои се сосема доволни, додека за складирање на сите слики, видеа и мултимедијални фајлови на располагање имате 32 GB, како и можност за дополнување преку microSD картичка за четири пати поголем капацитет со 128 GB. За конекција ќе користите 4G LTE модем за супер брз пренос на податоци со мобилен интернет, а батеријата со капацитет од 2900 mAh ќе биде сосема доволна за целодневна активна работа со едно полнење. 

Софтвер и апликации

Lenovo Vibe Shot има одлично оптимизиран софтвер кој има неколку скриени адути за брза навигација и организирање на апликациите и виџетите на главните панели на почетното мени. Софтверот е предводен од оперативниот систем Android 5.1.1 Lollipop и е надополнет со со Vibe UI интерфејсот кој нема главно мени со листа на апликации и распоредот на менито „прилагодување“ е многу сличен како кај iOS. Во понудата не Lenovo апликации има одлични сервиси за управување со мултимедија и поврзување како CloneIt, SyncIt и ShareIt. Во интерфејсот се вклучени и опции за брзо активирање на смартфонот со и Quick Snap и Knock to light.

Заклучок

Lenovo Vibe Shot е дефинитивно уникатен смартфон кој најмногу се истакнува со елегантниот дизајн кој е уникатен и има своја визуелна приказна, мошне различна од последните трендови во мобилната индустрија кои веќе се повторуваат и копираат едни од други. Моќната камера којасо квалитетот е блиску до дигиталните фотоапарати ќе им пружи голема забава на фото ентузијастите, а ќе ви даде и одлично чуство на компактност и ефикаснот при фотографирањето.

Освен за правење на супер слики и видеа, на располагање ќе имате доволно моќен смартфон за секојдневните работни задачи и поврзување со совршен софтвер, додека пак батеријата има доволен капацитет и за најактивните корисници. Lenovo Vibe Shot според цената припаѓа на средната класа, но тоа не треба да ве измами бидејќи работи како подмачкан и е доволно моќен и за најнапредните операции при активирањето на апликации, игри и мултимедија. 

Автор

Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар