Acer Luquid Jade Z - Нешто поинакво за 200 евра

Објавено на 01.11.2015 17:46 во Рецензија


Acer Luquid Jade Z - Нешто поинакво за 200 евра

Оцени

usability
7.5


Перформанси
7.0


Цена
9.0


Камера
7.5


резултат
7.8


Наши забелешки

Positives:

 

- Квалитетен дисплеј со модерна техника

- Солидна батерија

- Добро опремен хардвер за средната класа

- Добри слики при слаба осветленост

 

Negatives:

 

- Премногу оптоварен софтвер



Целата рецензија

Acer е квалитетен бренд кој најголем успех има во продажбата на лаптопи и таблети, но се почесто ги гледаме неговите напори за влез на мобилниот пазар каде оди чекор по чекор. Acer претежно цели кон средната и основната класа, а има и одлична соработка со Microsoft како еден од главните партнери за Windows 10 платформатата, но за тоа ќе се посветиме наредниот месец кога ќе започне пласманот. Сега се фокусираме на Liquid Jade Z како најдобриот претставник на идеологијата на ниска цена од 200 евра со понуда на солидни компоненти и перформанси кои нема да ве остават на цедило. Acer Liquid Jade Z е одлично изработен и се издвојува од голем број на конкуренти, па еве што може да ви понуди. 

Дизајн

Acer Liquid Jade Z пристигна како еден од најлесните смартфони со тежина од само 110 грама и има ергномичен дизајн со тенка рамка од 7.9 милиметри, со пластично тело кое е солидно склопено за добро чуство на квалитет во раката, како и сигурен фат со задната површина која е порапава за да нема лизгање. Страничната рамка околу екранот е прилично тенка за поефикасна искористеност на предната површина, но просторот над и под екранот е нешто поголем со што се додава на неговата висина и ќе треба повеќе напор за достигање на прстот од врвот до дното. Смартфонот има овална форма и се разликува од повеќето смартфони во оваа класа кои имаат стандарден остар правоаголен крој. На задната страна прстенот околу камерата е нешто поиспапчен, а на долната страна е поставен квалитетен кружен звучник. Десно се наоѓа леверот за звук, на левата страна е влезот за мемориската и СИМ картичките, а на врвот е поставено копчето за вклучување и заклучување кое лесно се притиска. 

Дисплеј

Acer Liquid Jade Z направи вистинско изненадување со квалитетниот 5 инчен IPS LCD дисплеј со резолуција од 720 х 1080 пиксели со доволен степен на густина на сликата од 294 пиксели на еден инч. Изразот на боите и контрастот е одлично оптимизиран и ќе имате пријатна глетка на сите содржини, слики и видеа што ретко се наоѓа во оваа евтина класа на смартфони. При користење на отворено ќе немате големи проблеми со рефлексијата на сончева светлина. Причина за добрата видливост е техниката на лепење на панелот на дисплејот што е можно поблиску до самото Gorilla Corning Glass 3 стакло и покрај добрата заштита се добива и висок квалитет на сликата.

Хардвер и перформанси

Acer Liquid Jade Z е солидно опремен во хардверскиот дел и нуди пристојни перформанси со интернет, апликации, игри и мултимедија, но нема врвен потенцијал со кој би можеле да го искористите целиот капацитет на Android платформата. Acer Liquid Jade Z доаѓа со четири-јадрен Mediatek MT6732 процесор со Cortex-A53 јадра од 1.5 GHz, Mali-T760MP2 GPU, 1 GB RAM, 16 GB меморија и слот за мемориска microSD картичка кој подржува дополнителни 32 GB. Инаку Plus верзијата на Acer Liquid Jade Z која чини околу 50 евра повеќе нуди двојно меморија со 2 GB RAM и 32 GB ROM. Останатите спецификации се идентични и за двата модела со батерија од 2300 mAh која е доволна за 5 часа во 4G разговор и 400 часа во мирување. 

Софтвер и апликации

Acer Liquid Jade Z најпрво беше лансиран со Android 4.4.4 KitKat оперативниот систем и не можеше да се пофали со многу ефикасни софтверски алатки, но тоа се промени со надградбата со Android 5.1 Lollipop каде е воведена нова организација на заклучениот екран за поголема ефикасност и приказ на активни нотификации, самото мени е подобро дизајнирано со приказ на главните виџети и кратенки за апликациите на почетниот панел, а има и добра синхронизација со сервисите на Google како што е лентата за пребарување и активацијата на Google Now персоналниот асистент. Acer за жал додал еден куп на прединсталирани апликации и игри кои нема да ви бидат од огромна корист и ако сакате да ги избришете ќе мора да го рутирате системот. За мултитаскингот е додадена опцијата на „лебдечки“ прозорчиња за работа со апликации која е прилично корисна. 

Камера

Acer за својот буџетарски шампион одбрал камера која ќе донесе добри перформанси при сликање во темни услови и тоа е постигнато со Bright Magic режимот кој дава солидни резултати со фина репродукција на боите и деталите. Генерално 13 мегапикселната камера со f/1.8 леќа нуди добри можности за правење на слики од било која сцена, како портрет или широк агол, но не очекувајте премногу квалитетни детали и острина, а автофокусот не е најбрз и најпрецизен што ќе ви создаде мали проблеми. Со камерата ќе може да снимате Full HD видеа што е добар бонус, но недостасува оптичка стабилизација. 

Заклучок

Acer Liquid Jade Z е квалитетен обид на Acer за пробив во средната класа со поставување на атрактивна цена од 200 евра која е многу прифатлива за голем број на купувачи на кои им треба нов и ефикасен смартфон, но без преголеми адути кои ќе извлечат некаков бонус.

Liquid Jade Z има големи предности во дисплејот кој со модерни техники дава врвни резултати и покрај резолуцијата од само 720p, додека пак камерата ќе ви донесе добри слики при слаба осветленост. Хардверот може да одговори на сите модерни потреби но, не треба премногу да форсирате. 

Автор
Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар