No.1 D2 - Смарт часовник за елегантните

Објавено на 27.11.2015 15:40 во Рецензија


No.1 D2 - Смарт часовник за елегантните

Оцени

usability
8.5


Перформанси
8.5


Цена
9.0


Камера
6.5


резултат
8.1


Наши забелешки

Positives:

 

- Елгантен дизајн над ценовната класа

- Издржлива батерија

- Мини камера

 

Negatives:

 

- Нема многу надворешни апликации



Целата рецензија

Кинескиот бренд No1. со големи чекори се пробива до врвот и за кратко време стана сериозен конкурент со различни решенија во сите понуди, а серијата на смарт часовници е една од најдобрите на пазарот чија главна предност е секако ниската цена. Со смарт часовникот D2 од самиот изглед тешко ќе процените дека станува збор за некој кинески конкурент бидејќи има навистина квалитетна изработка и висок стил, а тоа се одразува и во самите функции, дисплејот, батеријата и софтверот. 

За сите адути на D2 можеме од прва рака да ви ги пренесеме нашите импресии бидејќи имавме одлична можност да го тестираме. D2 за почеток многу пријатно не изненади со самата градба и изглед на класичен и елегантен часовник, а функциите за поврзување и надоместување на работата на смартфонот се покажаа многу ефикасни и корисни во секојдневните активности. Во продолжение дознајте ги сите детали за D2 смарт часовникот.

 

Дизајн

No.1 D2 уште на прв поглед наликува на вистински часовник и не личи на некоја евтина пластична играчка со мал број на функции. D2 со изгледот припаѓа на премиум класата иако нема никакви претензии да „глуми“ непотребен луксуз со скапоцени камења или злато, па затоа и цената сосема одговара на тоа што го добивате, а самиот квалитет на изработка е на многу високо ниво па сигурно ќе бидете многу задоволни. 

Главното тело на часовникот е изработено од метал со тоа што на прстенот се поставени 60 рачно изработени чешки дијаманти за украс и повеќе одговараат на женската популација во комбинација со црвено и розево-златно ременче, додека пак за машките купувачи на располагање има кафено кожно ременче со висок квалитет. 

D2 удобно се носи на раката и тие што се навикнати да користат часовници брзо ќе се прилагодат на овој смарт додаток. Ременчето за мажи е доволно големо па ќе одговара и на тие со поголеми зглобови. На самото тело од десната страна е поставена микро камера со која може да правите брзи слики, како и физичко копче за навигација низ менито кое служи и за активирање на екранот и враќање на почетниот главен панел. 

Одличен додаток е и IP67 сертификатот кој е многу важен за еден часовник бидејќи го заштитува од навлегување на вода и оштетување, па затоа D2 ќе може слободно да го носите додека врне или пак ги миете рацете.

Поврзување

D2 смарт часовникот може да се поврзе и со Android и со iPhone смартфони бидејќи работи на независна софтверска платформа и се што ви е потребно е спарување преку Bluetooth 4.0 стандардот кој е поефикасен и штеди енергија. Тогаш може да се активираат и главните функции  D2 за целосна контрола на смартфонот само со допир на екранот на часовникот. Тука ќе ги добивате сите повици, СМС пораки на кои ќе може да вратите со брз одговор, како и да ги примите нотификациите од смартфонот. 

Преку D2 часовникот може да управувате и со мултимедијалните содржини, што е многу практично додека слушате музика па наместо постојано да го вадите телефонот со media плеерот ќе менувате песни или плејлисти, заедно со контроли за звук. Со D2 исто така добивате и пристап до галеријата на слики и видеа од часовникот кој го користите. Неколку апликации ќе ви бидат од голема помош, како што се аларм и потсетници. 

Интерфејс

D2 има многу едноставен интерфејс кој брзо ќе го совладате бидејќи има само неколку контроли и гестови со лизгање низ екранот кој може да биде постојано вклучен или пак да го заклучите со физичкото копче отстрана и да го активирате со природно вртење на зглобот. Доколку не саката екранот постојано да биде активен за да се заштеди батерија може во менито опции да го исклучите и да го активирате по потреба со физичкото копче. Со лизгање странично може да ги листате сите апликации во менито, а на еден панел се прикажани по четири икони, што е прилично практично. Над нив се наоѓаат и индикатори за батеријата и Bluetooth конекцијата. 

Фитнес функции

D2 како и сите модерни смарт часовници големо внимание посветува на фитнес функциите кои на корисникот ќе му помогнат да води многу поздрав начин на живот и да има увид во сите дневни активности. Со вградениот сензор може да вршите мерење на пулсот и ЕКГ ритамот на срцето, на пример по напорни кардио вежби, трчање или пак тренинг во теретана. Часовникот има апликација за мерење на чекорите и со внесување на вашата тежина и висина ќе добиете попрецизни информации за потрошените калории. 

Апликации

D2 нуди и неколку дополнителни апликации меѓу кои апликација за мерење на УВ зрачењето, Battery Saver за заштеда на батеријата кога капацитетот е при крај, потоа апликација за гласовни белешки, дигитрон, локатор за телефон со кој ќе може да го пронајдете изгубениот уред со пуштање на сигнал, календар, како и апликација која пушта вибрации за масажа и релаксирање на зглобот. 

Заклучок

D2 часовникот на No1. е едно од најпријатните изненадувања во понудата на „носечка“ технологија, најпрво со супер квалитетниот дизајн и самата изработка кои даваат впечаток од високата класа и елеганција, додека пак издржливоста на батеријата, вклучувањето на солиден хардвер со Mediatek процесор, звучник, камера и софтверки оптимизации се најдобар показател за неговата употребливост. 

Смарт часовниците стануваат се поатрактивна категорија за корисниците и се добар додаток за основната работа со смартфонот, давајќи голема практичност. Затоа кога сте зафатени, наместо постојано да го вадите телефонот од џебот и да проверувате известувања и пропуштени позиви, на самиот дисплеј на часовникот D2 ќе ги имате сите потребни информации. 

Автор
Христијан Станоевиќ

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар