iPhone 11 Pro Max: Луксуз со топ перформанси

Објавено на 05.01.2020 08:30 во Рецензија


iPhone 11 Pro Max: Луксуз со топ перформанси

Оцени

usability
10.0


Перформанси
9.9


Цена
8.8


Камера
9.9


резултат
9.7


Наши забелешки

Positives:

- Super Retina XDR OLED дисплеј;
- Реални слики во мрачно осветлување;
- 4K видео и SloMo видеа;
- Одличен софтвер со гестикулации за полесно ракување;
- Моќен процесор;
- Се се одвива флуидно и брзо;
- Брзо Face ID отклучување;
- Безжично и брзо полнење со долготрајна батерија;

 

Negatives:

- Нема 3.5мм аудио џек;
- Нема влез за microSD картички;
- Превисока цена;
- Малку меморија; 
- Нема Always ON дисплеј;



Целата рецензија

Од трите модели на iPhone 11, најлуксузниот, најголемиот и најскапиот е iPhone 11 Pro Max. Изгледот на iPhone 11 Pro Max од предната страна е одличен со засек од горната страна. Екранот е со тенка рамка, со две камери, каде што се наоѓа и Face ID сензорот и звучникот. Има уште еден звучник од долната страна на телефонот, кој придонесува за многу добар стерео звук. Рамките на телефонот се изработени од нерѓосувачки челик со боја на куќиште. 

На левата страна се наоѓа копчето за контрола на звук и копчето за вклучување/исклучување на звукот, копчето за повикување на Siri и влезот за nano SIM картичка. Врвот на уредот е чист, а одоздола се Lightning портот на средината со микрофонот и главниот звучник. Се разбира, овде нема 3.5мм аудио џек, ниту влез за microSD картички.

Екран

Класичниот iPhone 11 е со LCD дисплеј со HD+ резолуција, додека iPhone 11 Pro Max е со Super Retina XDR OLED дисплеј, со големина од 6.5-инчи, густина на пиксели од 458, на кого никој не може да му одолее. Приказот на бои е реален, се подесува автоматски според амбиентот, во којшто гледате. Остар е, брилијантно читлив од секој агол, внатре и на отворено. Always ON дисплеј опцијата овде ја нема, но се вклучува за кратко после секое известување. Станува збор за еден од најубавите екрани моментално достапни на пазарот, но ништо помалку не очекуваме за парите што ги даваме.

Камера

iPhone 11 Pro Max и 11 Pro имаат идентични камери, па се што ќе видите овде, знајте дека го има и кај помалиот модел. Од задната страна има три камери со сензори од 12MP. Главниот отвор на блендата изнесува f/1.8 со dual pixel PDAF автофокус и OIS. Со неа тука е 12MP ултра-широкиот објектив со отвор на бленда од f/2.4 со фиксен фокус и без OIS, додека третиот сензор е оној што го нема iPhone 11 - 12MP телефото камера со 2x оптички зум и OIS.

Со сите три камери може да снимате 4K видео при 60fps доколку тоа го сакате, а со преминувањето од една на друга во текот на снимањето е импресивно мазно и речиси незабележливо. 12MP селфи камерата има отвор на бленда од f/2.2, а исто така снима и 4K видео и SloMo видеа. Софтверот на камерата како и досега е насочен кон автоматско фотографирање без мудрување преку Pro режимите во Android светот.

Ноќниот режим Apple го воведува меѓу последните, но сега кога го воведоа, го покажаа на другите како се прави тоа. Уредот автоматски го вклучува и ја продолжува експозицијата, во зависност од количината на светлото и колку ви е мирна раката. Нуди опција за исклучување или скратување на експозицијата доколку мислите дека е тоа потребно. Убаво е тоа што ноќните фотки не излегуваат како нереално осветлување како кај повеќето Android-и, а притоа задржуваат многу детали.

Квалитетот на сликите и видеата снимени со сите четири камери е на највисоко ниво. iPhone 11 Pro Max затоа конкурираше за смартфон со една од најдобрите камери во 2019 година. 

Софтвер

Најважните издвоени апликации може да ги отворите со пролизгување на прстот од десниот горен агол на екранот, додека Центарот за известувања од спротивниот. Со оглед на тоа што врвот на екранот на овој телефон е навистина високо, може да го користите прстот на втората рака или со гестот со лизгање од дното на екранот ќе го спуштите приказот и така лесно ќе го достигнете она што е на врвот. Со лизгањето од дното кон горната страна и задржувањето на прстот, ќе добиете приказ на неодамна користените апликации. Уште побрзо се влегува од апликација во апликација со лизгање на прстот од долната страна кон лево или кон десно.

YouTube и Netflix сервисите изгледаат фантастично, а звукот со стерео звучниците е неприкосновен со висока гласност. Слушалките во пакетот се ОК, се приклучуваат на Lightning port. Еко системот на Apple за апликации е на далеку познат. Нивната App Store нуди претежно корисни апликации, кај кои сите може да ги пронајдат оние што им одговараат. Од прединсталираните iOS апликации, онаа за здравјето ќе ве поттикне на активност и движење. 

Хардвер и батерија

iPhonea 11 Pro Max има моќен чип под хаубата, а тоа е гаранција за одлично искуство кога сурфате на интернет и социјалните мрежи. Истото вреди и за мултимедијалните задачи. Сите три iPhone 11 модели, па и 11 Pro Max имаат hexa core A13 Bionic (7nm+) чип со 4GB RAM меморија и 64GB внатрешна меморија во основниот модел, што се продава за цена од €1400. Цената е навистина превисока. Ако сакате повеќе меморија, може да доплатите за моделот со 256 или 512GB меморија. Во перформансите нема потреба да се сомневате, телефонот функционира како подмачкано, а така ќе биде и после 3 години.

Face ID е како златен стандард кај iPhone, со ваква добра технологија, дефинитивно нема да ви недостасува сензор за отпечатоци на прсти. Квалитетот на телефонските повици и локациските услуги се истото нешто што не треба да го издвојувате. На оние што никогаш не им е доста од батерија, дефинитивно имаат потреба за iPhone 11 Pro Max да го внесат во тесниот избор, затоа што ова чудо трае и трае. Повеќето без никакви проблеми ќе добијат цел ден, па дури и два дена на користење. Има поддршка за полнење преку жица со 18W, преку USB C PD полнал, кој овде се испорачува во пакет со Qi безжично полнење, што е многу добро. За 30 минути на овој полнач се полни до 50%, а до 100% му треба 1:45 минути.

Дали iPhone 11 Pro Max е за тебе?

Прашањето дали телефонот вреден 1400 евра, е за тебе, треба да си го одговориш само доколку не ги броиш парите во џеб. Дефинитивно iPhone 11 Pro Max е за тебе, доколку е тоа така. На првата мисла дефинитивно ќе бидеме убедени дека цената е луда, затоа што ќе ви требаат три македонски просечни плати за да го купите iPhone 11 Pro Max 64GB. Телефонот на Apple ги оправдува парите со тоа што го има еден од најдобрите екрани на пазарот, без претерување, една од најдобрите камери во светот на смартфоните, топ перформанси, Face ID отклучување, и високо ниво на автономија со батеријата. Што мислите вие за iPhone 11 Pro Max? 

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.



 
Најнови телефони