Samsung Galaxy S20 Plus vs Huawei P40 Pro - Кој модел е за вас?

Објавено на 13.06.2020 12:04 во Рецензија


Samsung Galaxy S20 Plus vs Huawei P40 Pro - Кој модел е за вас?

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
10.0


Камера
10.0


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

 

- Споредба на двата најисплатливи смартфони во премиум класата

 

Negatives:



Целата рецензија

Фановите на најновите парчиња на мобилна технологија сигурно ќе бидат многу задоволни од тоа што може да го понудат врвните модели како Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro кои моментално се вистински предводници во премиум класата, располгаат со револуционерно добри камери, имаат гарантирани топ перформанси и се смартфоните кои секој може да ги посака.

Тимот на telefoni.mk ја имаше ретката можност да помине одреден период во тестирање на двата прекрасни смартфони и да ги забележи нивните поединости и можности и да направи споредба во повеќе категории на функции на Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro. 

Клучни спецификации


Дизајн

Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro го нудат моментално најдоброто во поглед на квалитет на материјали на телото и стил кој е модерен и свеж, а притоа нуди доза на хај-тек. Samsung Galaxy S20 Plus поради поголемиот екран има и пошироко тело, но всушност е за за нијанса полесен од неговиот конкурент Huawei P40 Pro со околу 20 грама во тежина.
Huawei P40 Pro има потешко тело со 209 грама, вистински голем смартфон кој изгледа ѕверски, но притоа е и компактен, поради потенката линија, одлично се чуствува додека го држите во раката, има фини завршетоци на задниот дел на алуминиумската маска и заоблени рабови. Предната страна на Huawei P40 Pro е за степен позаоблена од Samsung Galaxy S20 Plus кој пак има само една средишна дупка за селфи камерата и сензорите.

Дизајнерски кај Huawei P40 Pro селфи камерата е решена на дизајнерскиот избор во форма на пилула и опфаќа мал дел од горната лента на екранот каде се прикажуваат основните информации за мрежата, датумот и времето и слични пропратни нотификации. 

Huawei P40 Pro нуди и поголем избор на бои на маската како што се сребрена, нежно златна, темно сина, бела и црна. Samsung Galaxy S20 Plus беше првично лансиран со црна и сива боја на маската кои се и најчесто понудени, но во меѓувреме достапни се и изборот на две нијанси на сина боја, бела, како и црвеникава боја на маската. Со тоа корисниците навистина имаат доволен избор на стилови и дизајн на овие модели кои може да се вклопат во сечија естетика. 

Дисплеј

Како што наведовме Samsung Galaxy S20 Plus доаѓа со нешто поголем дисплеј во дијагонала со 6,7 инчи, додека пак речиси незабележително Huawei P40 Pro има дијагонала од 6,58 инчи ако веќе сакаме да бидеме најпрецизни. 

Дисплеите и на двата модела уште на прв поглед ќе ве освојат, нудат многу висок степен на деталност и висока резолуција. Вообичаено Huawei P40 Pro се истакнува со топлината на боите кои според преференците на корисниците делуваат многу природно и пријатно за око, а за голема пофалба е и самата прецизност и острина на сликата.

Samsung Galaxy S20 Plus ја користи усовршената AMOLED технологија, а има и софтверска опција да изберете Vivid израз во менито за посилен впечаток на боите и контрастот за да добие поголема топлина на екранот. 

Во суштина видното поле на Samsung Galaxy S20 Plus има помал зафат од засекот на селфи камерата, но и „пилулата“ на Huawei P40 Pro не е голема пречка поради висината на дисплејот и вообичаено овој дел од екранот не е прекриен во видното поле. 

Рабовите на Samsung Galaxy S20 Plus се доста осетливи па така додека го држите уредот со двете раце можни се ненамерни типкања додека се навикнете да работите со овој уред. Доколку често пишувате текст на смартфонот, без оглед дали се тоа пораки или документи, препорачуваме да примените заштитна маска која минимално ќе ги прекрие крајните делови на рабовите, па така нема да се грижите за случајни допири и внесови на команди. 

Камера

Тоа што најверојатно најмногу ги интересира корисниците се перформансите на камерите на Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro со оглед на употребата на социјални мрежи каде сакаме да ги „фатиме“ најдобро омилените моменти и да изгледаме убаво и совршено. Генерално квалитетот на камерите на Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro е еден од најдобрите досега со врвни технологии кои се применуваат во различни сценарија на сликање и снимање, со различни надворешни услови и изложеност.

Huawei P40 Pro освојува највисоки оценки за неговиот поприроден приказ на сцената, а има шампионски оценки и за сликање при слаба осветленост, како и со употреба на посебниот Night режим кој дури и кога е најтемно дава употребливи резултати со доста детали на самите слики. 
Samsung Galaxy S20 Plus нуди за нијанса поостри слики со поголема деталност и подобар приказ на високата динамика на сцената во преден и заден план, како и попрецизен и побрз фокус. Од друга страна, пак таа тенденција за „кристализирање“ може на моменти да доведе до посилен контраст со што дел од деталите во потемните области на сликата да се пониски. 
Huawei P40 Pro задржувајќи го поприродниот изглед на сликите и видеата нуди поопширен приказ на деталите, нема толку остар контраст и острина, но има подобра осветленост на сликите и поприродни бои. 

Samsung Galaxy S20 Plus се истакнува со оптичката стабилизација на видеата кои дури и при движење се фиксирани на кадарот, нешто слично како кај акционите камери Go Pro, барем приближно со тие перформанси за еден смартфон. Huawei P40 Pro го нема истото ниво на постојана стабилизација на кадарот во движење, но има поприродно прикажување на сцената иако со помал опфат во однос на ширината на леќата на Samsung Galaxy S20 Plus.

Селфи камерите на Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro и покрај разликата во бројот на мегапиксели во суштина имаат многу слична леќа и апаратура па така и перформансите се доста слични. Huawei P40 Pro нуди поголем степен на осветленост на сликите, додека пак селфи камерата на Samsung Galaxy S20 Plus опфаѓа поширок агол, но што од тоа е подобро како краен резултат ќе зависи од личните преференци на корисникот.

Финални забелешки

Samsung Galaxy S20 Plus и Huawei P40 Pro се смартфони кои може да се споредат рамо до рамо од најмоќните брендови на пазарот, па со оглед на нивното сместување во премиум класата зад верзиите на нивните поголеми браќа Samsung Galaxy S20 Ultra и  Huawei P40 Pro Plus нудат и најголема исплатливост за вложените пари, со оглед на тоа што подолу споменатите модели се и поскапи, а хардверот во голема мера е идентичен со тоа што имаат неколку функции повеќе.

Samsung Galaxy S20 Plus дефинитивно ќе им се допадне на корисниците кои сакаат смартфони со изразено голем дисплеј, силни црти на телото и перформанси кои со себе ги носат најмодерните иновации.

Huawei P40 Pro од друга страна пак, со својот стил и елеганција во која минимално се разликува од конкурентот ќе им се допадне на корисниците кои сакаат покомпактни смартфони во премиум класата, како и врвни перформанси на камерата со бројни режими на сликање и снимање, особено навечер и со ограничена надворешна осветленост.

Тешко е да им се најде било какви забелешки и на двата модели, сепак станува збор за внимателно креирани смартфони кои нудат максимум за влогот на корисникот, но и тешко е да се одлучиме на кого би му дале дефинитивна предност. 

Од погоре споменатите спецификации, односно во оние категории каде еден од моделите е во блага предност и во зависност од потребите и специфичните преференци на корисникот ќе се одлучи „победникот“. Затоа ние се потрудивме најобјективно да ги претставиме клучните спецификации и лепезата на услуги кои ги нудат Huawei P40 Pro и Samsung Galaxy S20 Plus, па конечниот избор да го препуштиме на вас. 

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар