Slack воведе директни пораки – Одличен новитет или преоптоварување на вработените?

Објавено на 24.03.2021 18:43 во Рецензија


Slack воведе директни пораки – Одличен новитет или преоптоварување на вработените?

Оцени

usability
0.0


Перформанси
0.0


Цена
0.0


Камера
0.0


резултат
0.0


Наши забелешки

Positives:

 

- Можност за поголема интеракција

 

Negatives:

 

- Преоптоварување на соработниците во реално време и очекување инстант одговор



Целата рецензија

Речиси и да не постои голема технолошка компанија која не посакува нејзиниот производ да се трансформира во социјална мрежа која преку ноќ ќе се стекне со стотици милиони корисници кои ќе се „заразат“ со нејзина непрекината употреба. Таква манија ја зафати и компанијата Slack која од платформа за работа од далечина и онлајн соработка на професионални тимови се повеќе ќе наликува на месенџер или пак било која алатка за комуникација и споделување на содржини.

Slack уште во октомври најави дека ќе воведе директни пораки кои организациите ќе може да ги користат за допишување и директна комуникација со соработниците и членовите на тимови во реално време и сега тоа ветување и го оствари. Сепак, се поставува прашањето дали директните пораки на Slack се добра идеја и корисен новитет или пак пречка за ефикасноста.

„Пријателско“ потсетување да се заврши работата

Основна причина поради која организациите, стартапите и компаниите користат софтвери како Slack, Trello, Jira и други е за да може да воспостават систем на менаџирање на работните процеси, да обележат јасни обврски и задачи со конкретни рокови и спецификации кои треба да се исполнат за успешно завршување на работата.

Во идеални услови Slack би требало да функционира како софтвер за организација и делегирање на обврски, како и следење на прогресот при остварување на целите. Едноставните ставки во кои се наведени „тасковите“ и роковите треба да бидат доволен патоказ како за менаџментот така и за извршниот тим за исполнување на работните обврски.

Како една виртуелна табла со патоказ на активности Slack може да биде и повеќе од доволен за преземање на одговорност и следење на членовите од тимот кои работат добро, како и да се увиди кои членови или соработници не го понесуваат потребниот товар на работното место, без оглед дали работат од канцеларија или од дома или далечина.

Затоа додавањето на директни пораки на Slack кога веќе постојат илјадници начини за директна комуникација меѓу претпоставените, вработените и колегите може да биде уште едно оптоварување на работниот процес. Сите ние кои сме работно ангажирани сме членови или на Viber групи, некои се поврзани преку Facebook Messenger, други пак непотребно отвораат „чат“ соби на групните разговори на Skype, а некои пак имаат навика да испраќаат мејлови и по завршување на работното време.

Засилување на културата на „воркохолизам“ и „прегореност“

Создавањето на корпоративна култура на достапност од 24 часа само создава дополнителен притисок на работното место, ја спречува одвоеноста на професионалниот од приватниот живот, и го зголемува стресот и анксиозноста дека вработените мора да бидат достапни во секое време за да одговорат на сите можни барања и сугестии.

Токму таквото трансформирање на Slack кога сме веќе преплавени со нотификации на e-mail, Viber, Skype, Zoom, Google Hangouts, Microsoft Teams, како и на социјалните мрежи кои ги користиме прави овие платформи да бидат напорни за употреба и да влијаат врз продуктивноста и мотивираноста на вработените.

Што мислите вие, какви се вашите искуства во изминатиот период на вонредни услови за исполнување на работните обврски и дали во системите за менаџирање на работните процеси како Slack би користеле и директни пораки за комуникација со соработниците?

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Христијан Станоевиќ
Author Image
Дипломиран новинар