Huawei Nova 9: Бидете инспирирани, „новата деветка“ пристигна

Објавено на 04.11.2021 12:27 во Рецензија


Huawei Nova 9: Бидете инспирирани, „новата деветка“ пристигна

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
10.0


Камера
10.0


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

+ Префинет дизајн;
+ Компактни димензии и заштита од лизгање од рацете;
+ Голем екран со 120Hz;
+ HDR10 поддршка;
+ Висок контраст за комотно ракување при дневна светлина;
+ Опција за сокривање на дупката за предната камера;
+ Мрачен режим за користење на телефонот;
+ Брз и прецизен скенер за отпечатоци на прсти под екранот;
+ Always-On Display;
+ Snapdragon Elite Gaming спецификација за игри;
+ Брзи перформанси;
+ Жолти потпиксели за зголемено пропуштање на светлина;
+ Одлична камера и за дење и за ноќе;
+ Можност за снимање на 4К видеа со селфи камерата;
+ Квалитетно слушање музика;
+ Одлична софтверска оптимизација;
+ APKpure е алтернатива за апликациите што ги нема во AppGallery;
+ Долготрајна батерија;
+ 66W SuperCharge технологија за брзо полнење;
+ Добра цена;
+ Подарок Huawei FreeBuds 4 безжични TWS слушалки;

 

Negatives:



Целата рецензија

Моќен, префинет и елегантен, тоа се зборовите што најкратко би го опишале новиот смартфон Nova 9 што конечно влезе на македонскиот пазар, со кого Huawei ќе остави трага во категоријата на средната-премиум класа. Nova серијата беше за прв пат претставена во 2016 година и се покажа како многу успешна серија на смартфони, која им нуди елегантен дизајн и солидни спецификации на корисниците. Беше претставена уште во септември годинава, но досега беше наменета само за кинески пазар. Nova 9 нуди брзо полнење, добра камера, и атрактивен дизајн. Ние имавме прилика да го користиме и смен многу пријатно изненадени од новиот модел на Huawei.

Дизајн

Смартфоните на Huawei се со одлична камера и квалитетна изработка, а кај Nova 9 главен акцент е ставен на дизајнот. Nova 9 е еден од најубавите смартфони на пазарот, поради неговата ергономија, тежина и компактните димензии. Токму затоа е лесен за да го држите во раце. Huawei Nova 9 тежи само 175 грами и има дебелина на профилот од 7.77мм. Задниот модул на камерата е со пластична изработка, која изгледа префинето и има специјален финиш, со што светлоста се рефлектира од неговото тело и така делува атрактивно и впечатливо. Нема да ви се лизга од рацете и дефинитивно ќе ви биде компактен и лесен за држење со една рака. Предниот панел се одликува со 3D закривено стакло, кое покрива дури 90% од предниот панел. Неговите димензии се 160 x 73.7 x 7.77 милиметри. 

Дисплеј

Huawei го направил овој OLED екран со 120Hz, кој располага со големина од 6.57-инчи и резолуција од 2.340 x 1.080 пиксели, со 392ppi, како и HDR10 поддршка. Екранот се одликува со живи и изразени бои со висок контраст, а видливоста на дневна светлина е навистина одлична. Боите на дисплејот може да ги подесите да бидат живописни или нормални, а со тоа корисникот може дополнително да ја подеси топлината на боите. Многу корисна можност на овој екран е можноста за промена на резолуцијата. Така може да одберете висока (2.340 x 1.080) и ниска (1.560 x 720) резолуција. Оваа ставка може да ја употребувате за зголемвуање на автономијата на уредот, а со голо око е многу тешко да видите некои поголеми разлики. Тука е опцијата на паметна резолуција, при која автоматски се намалува резолуцијата за заштеда на енергија кога е тоа потребно.

Брзината на освежување на екранот може да се подеси на стандардни 60Hz или 120Hz, а стапката на освежување на допирот изнесува 300Hz. При подесување на брзината на 60Hz се зголемвуа и автономијата на батеријата и тоа е нејзиното траење, додека кај 120Hz се добиваат реалистични анимации и подобро флуидно поместување на екранот. Тука го имаме и мрачниот режим на работа, благодарение на кој екранот може користи темни бои за позадина на системот и апликациите. Тоа е направено со цел да се намали напрегањето на очите кога уредот се користи во мрачни простории со пониска осветленост. Во дополнителните поставки за екранот, може и да се сокрие “дупката“ за селфи камерата.

Тука го имаме и Always-On Display што ви ги демонстрира основните информации кога уредот е заклучен, како што се времето, датумот, нотификациите за пораки и повици и процентот на батеријата. Always-On Display може дополнително да се персонализира според желбите на корисниците. Екранот нуди одличен приказ на бои, контраст и агли на гледање со топли и живописни бои, што го прави премиум смартфон. Huawei Nova 9 располага и со сензор за отпечатоци на прсти, лоциран под екранот и нуди прецизно и брзо отклучување.

Хардвер

Huawei сега работи со процесорите на Qualcomm, а Huawei Nova 9 го има Snapdragon 778G. Благодарение на овој процесор, телефонот функционира без никакви проблеми и ги обработува сите задачи што ќе ги ставите пред него. Процесорите на Qualcomm со додавката “G” означуваат дека уредот има „Snapdragon Elite Gaming“ спецификација, што подразбира побрза графика во споредба со стандардните процесори, со Qualcomm Game Quick Touch спецификацијата што помага за намалување на латентноста на телефонот за 20%.

Huawei Nova 9 има нова Touch Turbo опција за оптимизација на чувствителноста на допир, стабилноста и прецизноста, која е многу корисна при играње на игри. Qualcomm Snapdragon 778G е изработен со 6-нанометарски процес на производство и применува Qualcomm AI Engine што се состои од четири Cortex-A78 јадра со максимален такт до 2.4GHz и четири Cortex-A55 јадра со такт од 1.8GHz. Тука е Hexagon 770 или Adreno 642L графика, што е за 40% побрза во споредба со претходната генерација.

Новиот „викинг“ на Huawei располага со  8GB LPDDR4X работна меморија и 128GB UFS внатрешна меморија, но го има и во верзија со 8GB RAM + 256GB ROM меморија. Хардверот на Nova 9 е доволен за одлично корисничко искуство и вистинско олеснување е за играње игри.

Камера

Модулот на задната камера на Huawei Nova 9 доаѓа со 1/1,56-инчен Ultra Vision сензор со резолуција од 50MP отвор на блендата и f/1.9 со RYYB филтер. Кај RYYB филтерот, зелените потпиксели се заменети со жолти, затоа што жолтата му овозможува на сензорот да пропушти за 40% повеќе светлост од вообичаените RGGB филтри. Оваа промена би требало да биде видлива според квалитетот на сликата при слабо осветлување.

Овој сензор има 4-во-1 Pixel Binning технологија, како и XD Fusion Engine спецификација, која применува софистицирана компјутерска техника за да ги подобри деталите и квалитетот на фотографиите. Благодарение на големиот сензор, примарната камера на Huawei Nova 9 многу добро се снаоѓа во мрачни услови. Тука е ултра-широкоаголниот сензор од 8MP со отвор на бленда од f/2.2, па сензорот за длабочина од 2MP ја отвара блендата f/2.4 и за крај 2MP макро сензор со отвор на бленда од f/2.4. Huawei Nova 9 може со примарната задна камера да снима видео содржини во HD (30 и 60fps), FHD (30 и 60fps) и 4K (30fps) резолуција. Предната камера е со сензор од 32MP, отвор на бленда од f/2.0, и големина на пиксел од 0.8nm.

Апликацијата за камерата ни е веќе добро позната од смартфоните на Huawei, многу е едноставна за користење и подесена е така што најчесто користените начини за снимање фотографии, видеа, портрети и ноќно снимање, ќе бидат достапни штом апликацијата ќе се вклучи. Апликацијата за камерата како и досега, се потпира на AI спецификациите со вештачка интелигенција.

Фантастична е количината на деталите на секоја фтогорафија, имаат длабочина и живописни бои, дури и кога условите за осветлување не се идеални. Севкупно гледајќи ги добиените фотографии, изгледаат многу природно. Ултра-широкиот сензор од 8MP е способен за одлични фотографии што изобилуваат со детали, како и макро камерата од 2MP, која помага за внесување на подобри детали и подобар контраст на бледите бои. 

Селфи камерата од 32MP може да снима видеа во HD, FHD и 4K резолуција со 30fps, со која што може да се снима и забавено видео во HD резолуција со 240fps и FHD резолуција со 120fps. Предната камера може да послужи за Face Unlock спецификацијата за отклучување на уредот. Кај предната камера, освен популарниот Bokeh ефект, тука се и AI Beauty ефектите и филтрите.

Аудио

Од долната страна на Huawei Nova 9 има отвор за звучник, кој што традиционално се наоѓа покрај USB Type-C влезот. Звукот има одличен квалитет за оваа класа, кој дефинитивно ќе ги задоволи корисниците. Со оглед на ценовниот ранг, Huawei завршил одлична работа со звукот што го репродуцира овој смартфон. Доволно е богат и јасен и нема да ги разочара љубителите на музиката и видео содржините. Преносот на аудио сигналот го извршува USB Type-C портот, затоа што нема 3.5мм џек за слушалки. Уште подобро, зар не? 

Софтвер

Huawei Nova 9 е со HarmonyOS 2 оперативен систем во Кина, но тукашниот е со Android 11 оперативен систем и EMUI 12 кориснички интерфејс. Huawei продолжи со продажба на своите смартфони на глобално ниво и покрај санкциите од Америка. Кога го вклучувате новиот телефон може да ја прифатите опцијата Phone Clone за да може новиот Huawei смартфон да се замени со стариот Android или iPhone со цел да ги копирате сите слики, датотеки, музика, контакти, пораки, список на повици и апликации, но само оние со поддршка од Huawei. 

Наместо Play Store, тука го имате Huawei AppGallery, каде ќе ги најдете сите апликациите како Facebook и WhatsApp. Секако може да го инсталирате алтернативниот сервис за апликации како што е Apkpure, каде може да се најдат сите посакувани апликации. Може да ги пребарувате апликациите и преку Petal Search. EMUI 12 кај Huawei Nova 9 функционира брзо и флуидно, многу е удобен за користење и на секој корисник е му овозможи се што се очекува од еден смартфон. Дури и кога се вклучени најтешките апликации, анимациите вртат беспрекорно и лесно, а смартфонот е секогаш респонсивен. Huawei дефинитивно вложува многу во софтверската оптимизација.

Батерија

Автомијата на батеријата и брзината на нејзиното полнење се едни од најважните фактори при одлуката за купување на смартфон. Huawei Nova 9 доаѓа со литиумско-полмерска батерија со капацитет од 4.300mAh, која се полни брзо благодарение на HUAWEI SuperCharge технологијата. Батеријата со интензивно користење ќе ве издржи неколку дена без проблем. Nova 9 има 66W SuperCharge технологија за брзо полнење, која овозможува смартфонот да се наполни до 53% за само 15 минути, а за 100% полнење потребни се 38 минути.

Заклучок

Huawei Nova 9 е смартфон што се истакнува пред конкуренцијата со својот елегантен дизајн, а може да се пофали и со својот беспрекорен хардвер. Телефонот навистина нема недостатоци. Тоа што ги нема апликациите на Google дефинитивно не ги колеба корисниците за да купат Huawei телефон. Официјалната продажба на Huawei Nova 9 започнува на 02 ноември 2021, додека препорачана цена ќе биде околу 30 илјади денари, а е достапен во две бои, односно Starry Blue и Black. Претходно пишувавме дека моментално Huawei Nova 9 е во промотивен период, во кој добивате подарок Huawei FreeBuds 4 безжични TWS слушалки.

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.