Samsung Galaxy S22 Ultra: Отварање на нова ера на S-класата со S Pen

Објавено на 15.04.2022 17:20 во Рецензија


Samsung Galaxy S22 Ultra: Отварање на нова ера на S-класата со S Pen

Оцени

usability
10.0


Перформанси
10.0


Цена
9.9


Камера
10.0


резултат
10.0


Наши забелешки

Positives:

- Подобрен и гумиран S Pen;
- S Pen може да го употребувате како далечински управувач;
- Пониска латентност во S Pen кај S22 Ultra;
- Атрактивни бои;
- Неодолив дизајн;
- Сензор за отпечатоци на прсти;
- Висока отпорност од удари благодарение на Gorilla Glass Victus+;
- Точност на боите и добра видливост странично;
- Висока светлост дури и за време на сончево осветлување и автоматско подесување на светлоста во зависност од условите;
- Долгорочни коренити софтверски надградби на OneUI 4;
- Синхронизирање на сите Galaxy уреди со останатите уреди и други брендови на смартфони;
- Подобра поврзаност со Windows;
- Одлични фотографии во ноќен режим;
- Автофокус имаат сите сензори;
- Долготрајна батерија;
- Брзо полнење со 45W;
- Поголема брзина и подобро ладење на процесорот;
- Моќен процесор;
- Голема меморија;
- Брзи перформанси;

 

Negatives:

- Нема слот за мемориска картичка;



Целата рецензија

Samsung го претстави новиот Galaxy S22 Ultra, со што ова е првиот чекор кон исчезнување на Note серијата, карактеристична со своите премиум перформанси, дизајн и фамозниот S Pen. Тој е наследникот на Samsung Galaxy Note 20 Ultra и изгледа дека Note смартфоните повеќе нема да се вратат. Се разбира, компанијата има големи планови со своите следни модели на смартфони. Samsung сега се фокусира на преклопната технологија со Fold и Flip серијата.

S Pen е она што овде би го ставиле како акцент во новата S-серија на Samsung, со оглед на тоа што е прв пат вметнат во дизајнот. Galaxy S22 Ultra е прв на пазарот со перформансите, со оглед на тоа што го има најновиот процесор, голема меморија, подобрен дизајн и друго.

Дизајн

Од предната страна Galaxy S22 Ultra не се разликува многу од Note 20 серијата, додека не го свртите од задната страна. Го има во неколку бои, од кои зелената и бургунди се поатрактивни. S22 Ultra е достапен и во светло сина, графитна, црвена боја и бела варијанта. S Pen е сместен на истата локација како што беше и кај 20 Ultra, од левата страна. Типките се на десната страна, точно таму каде што треба да бидат, каде што е палецот. Сензорот за отпечатоци на прсти е сместен на идеалната позиција, веднаш под екранот, таман на третина од висината на уредот, така што палецот природно паѓа врз него.

Предната и задната страна се заштитени со најдоброто стакло на Gorilla Glass Victus со додаток Plus. Се разбира, овој телефон потешко дека ќе го скршите од претходниот модел, што е секако за пофалба. S22 Ultra не е мал уред, но не е ниту претерано голем. Без сомневање, ова е прекрасно парче технологија и како такво остава одличен визуелен впечаток кај нас.

S Pen

Новиот S Pen има исти димензии како и претходните неколку генерации, но завршната обработка е суптилно гумирана, што значи дека има подобрување. Ако го изгубите овој стилус, оној од Note серијата ќе функционира сосема нормално. Секој стилус ќе биде со црна боја, со таа разлика што чепчето ќе биде со бојата на уредот. Само со црвената верзија на S22 Ultra ќе добиете целосно црвено пенкалце. 

Во стилусот има мала батерија, која што може да ви помогне да фотографирате полесно со камерата. Со притискањето на копчето на S Pen, можете да фотографирате полесно и да го употребувате како далечински управувач. Може да се употребува и за контролирање со помош на гестикулации. Имате ниска латентност кај S Pen кај овој модел во споредба со Note 20 Ultra (9 илјадити дел од секундата). Благодарение на процесорот и вештачката интелигенција, латентноста е намалена на 2,8 илјадити дел од секундата.

Екран

Екранот на Samsung Galaxy S22 Ultra е најдобриот екран што сме го виделе досега - Dynamic AMOLED 2x, со големина од 6,8 инчи и резолуција од 1440×3088 пиксели и 500ppi. За сите оние што немаат потреба од толкава острина, зададените 1080×2316 пиксели ќе бидат сосема доволни, затоа што приказот на сликата, независно од поставките на резолуцијата, се одлични. Имате стапка на освежување со прилагодување кон потребите, која што варира од 1 до 120Hz за врвно искуство со скролањето.

Samsung тврди дека поединечни делови од екранот во одредени услови може да достигнат дури и 1750 нити светлост. Кога сонцето го осветлува телефонот, а тој е ставен на автоматска контрола со осветлувањето, тоа е добро, затоа што ќе се вклучи на повисока светлост за да може слободно да го гледате екранот. За аглите на видливост нема што да спомнуваме, кога за Samsung е секогаш ова приоритет и го држи на високо ниво веќе со години, како и точноста на боите. 

Хардвер

За прв пат се среќаваме со новиот Exynos 2200, соодветно со самото име на процесорот, Samsung така одредува за која година и за која серија се произведува. Новиот процесор е сепак подобар од ланскиот Exynos 2100. Се работи за 8-јадрен процесор со главни Cortex-X2 јадра со 2,8 GHz, уште три дополнителни Cortex-A710 јадра со 3,5GHz, додека последните четири и поштедливи јадра Cortex-A510 функционираат со 1,8GHz. Едниот дел од процесорот е задолжен за подобро ладење и тој е намален во споредба со претходната генерација, која што имала главно јадро со 2,9GHz, следните три на 2,8GHz, додека последните четири на 2,2GHz. Новиот дизајн на јадрата дава подобри резултати, врз основа на понискиот такт на јадрата. За графичките перформанси на телефонот е задолжен новиот Xclipse 920 GPU, кој е „роден“ благодарение на соработката меѓу Samsung и AMD.

Моќноста на овој чип се состои од самиот софтвер, добро е прилагоден со цел да го искористи целосниот потенцијал на новиот графички процесор. Слободно играјте игри и нема да имате проблеми. Немате слот за меморија што може екстра да се зголеми и имате напредна биометрија за отклучување со помош на лицето. Читачот за отпечатоци на прсти е ултрасоничен и сместен под екранот, кој е толку добар, што нема да имате проблеми при вчитувањето дури и кога рацете ви се влажни или мрсни. Моделот го има во повеќе верзии со меморија: 128GB + 8GB RAM, 256GB + 12GB RAM, 512GB + 12GB RAM, 1TB + 12GB RAM меморија.

Софтвер

Кориснички интерфејс има OneUI 4.1, кој што се базира на Android 12. Нема да имате потреба да се навикнувате на нови преместени опции со Galaxy S22 Ultra, затоа што се е слично. Овој пат софтверот содржи коренити промени под хауба, најважните функции доаѓаат со нов интерфејс. Поддршката за новата генерација на Samsung смартфони, е она што содржи најголеми промени. Samsung ветува дури 4 години големи надградби за своите Galaxy смартфони, што е голем чекор напред.

Samsung во соработка со познатите производители на апликации, го подобрил алгоритмот на камерата со сопствени софтверски решенија. Така на пример, со Instagram или Snapchat ќе може да се искористува и ултра-широкоаголната камера за потребите на снимањето на Story или Snap. Истото важи и за телефото камерите, што досега не беше така. Изгледа како ситница, но оваа интеграција е една од клучните и главните предности, затоа што кога објавувате Story, Snap или селфи, директно ги фаќате со апликациите за камерата. Подобрена е комуникацијата со другите уреди, првенствено со другите Galaxy. Од неодамна повиците или работата во одредени апликации можете да ги започнете на смартфонот и да ги завршите на вашиот таблет. Се работело и на подобрување на конекцијата со Windows компјутерите.

Камера

Samsung Galaxy S22 Ultra располага со главен сензор од 108MP со f/1.8 отвор на бленда, Phase Detection Autofokus систем со дополнителен ласерски автофокус, кој на хартија изгледа идентично како и сите минатата година, со подобрена оптичка стабилизација благодарение на новата генерација на сензори. Ултра-широкоаголната камера од 10MP врши одлична работа, а имаме и автофокус, кој не е присутен кај другите двајца браќа - S22 и S22+.

Хардверските промени полесно се забележуваат кај телефото камерата, задолжена за тројно зумирање, додека перископската камера е со 10х зумирање. Двата сензора се со 10MP, зад кои се крие сензор од 1/3,52”. Подобрен е во споредба со минатиот од 1/3,24”. Фотографиите се импресивни кога сакате да сликате и во текот на денот и во текот на ноќта. Се работи за квалитетно изработени и комбинирани сензори, кои што нема да ве разочараат. 

Сите камери се опремени со PDAF и оптичка стабилизација на сликата, што може да го погледнете и во нашето видео, додека го тестиравме S22 Ultra во природа, околу згради: 

Селфи камерата изнесува 40MP и има автофокус, која креира подобри фотографии во споредба со оние од минатата година. Овде имаме друг сензор и подобрен алгоритам. За камерата немаме никакви забелешки. 

Во ноќниот режим Samsung Galaxy S22 Ultra со примарната камера е способен да направи одлични фотографии, а подобрувањата се видливи и кај ултра-широкоаголната камера, која што само на Ultra има можност за фокусирање. Пониско рангираните телефони се задолжени за автофокус, па ако тоа ви е важно, ова би ви била уште една причина плус зошто би го купиле Ultra во споредба со помалите модели. Неверојатно е тоа што во џеб имаме смартфон со кого можеме да прочитаме натпис на далечна зграда, оддалечена неколку километри, нешто што тешко може да се постигне без соодветен објектив и со многу скап професионален фотоапарат. 

Батерија

Samsung Galaxy 22 Ultra ја има истата батерија со капацитет од 5000mAh како и минатата година, но овој пат е за пофалба, затоа што во куќиштето мораше да се смести и S Pen, така што дизајнот е дефинитивно ремек дело на компанијата, за кого веруваме дека уште повеќе ќе се подобрува. Се разбира, со подобрувањето на софтверот и процесорската моќ, така и батеријата станува подолготрајна. За да ја истрошите батеријата, мора најмалку 3 часа и без престан да играте игра, и тоа два дена после полнењето. Слободно може да го полните и доколку поседувате Android Auto во вашиот автомобил. Навистина ќе заборавите кога последен пат сте ја полнеле батеријата и покрај екстремното користење. Со Ultra немате полнач во комплет со кутијата, за кој што може да користите полнач од 45W со PD опција. Телефонот се полни од 0 до 100% за само 60 минути, додека за S21 Ultra беа потребни 75 минути со полначот на Samsung од 25W.

Заклучок

Samsung Galaxy S22 Ultra едноставно воодушевува со својот неодолив дизајн, како што спомнавме и погоре, со неговата процесорска моќ, ненадминливи перформанси на камерата за дневно и ноќно сликање и зумирање, долготрајната батерија и најважната ставка - S Pen. И покрај тоа што многу корисници се разочараа што потенцијалниот S22 Note е заменет со S22 Ultra, веќе со S Pen се е заборавено и се фокусираме кон иднината. Иднината е во S-класата и преклопните смартфони, со кои што Samsung е лидер на пазарот. 

Со сите предности во софтверот, хардверот, автономијата и олеснетото поврзување и синхронизирање со другите уреди, дефинитивно го прави Samsung Galaxy S22 Ultra недостижен на пазарот на смартфони. Што велите вие?

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар




За авторот

Александар Младеновски
Author Image
Дипломиран новинар, истражувач со познавања во повеќе области, практикува јога, сака да ги инспирира луѓето и да поттикне промени.