Samsung Galaxy S9 е мало подобрување во однос на S8, но и натаму еден од најдобрите смартфони

Објавено на 17.04.2018 во Рецензија


Samsung Galaxy S9 е мало подобрување во однос на S8, но и натаму еден од најдобрите смартфони

Оцени

usability
9.5


Перформанси
9.5


Цена
7.0


Камера
9.0


резултат
8.8


Наши забелешки

Positives:

Премиум дизајн кој и натаму изгледа многу привлечно
Подобрена камера, која вади особено подобри фотографии навечер
Предната селфи камера е една од најдобрите во сегментот
Најдобриот дисплеј од сите смартфони
Стерео звучници со вграден Dolby Atmos
Брз и мазен во работата благодарение на Exynos 9810
Слот за micro SD картичка (многу од конкурентите веќе немаат)
Подобрена позиција на читачот за отпечатоци
Поддршка за сите стандарди за брзо полнење

 

Negatives:

Батеријата трае „само“ еден ден со и не се полни брзо како кај конкуренцијата
Забавеното видео е лимитирано на само 0,2 секунди и HD резолуција
Повисока цена во однос на директните конкуренти



Целата рецензија

Во првата половина од минатата година, апсолутно најинтересни смартфони на пазарот беа Galaxy S8 и S8+, телефони кои ги поместија границите во дизајнот и не беа допрени од конкуренцијата се до лансирањето на iPhone X и вториот знаменосец на Samsung, Galaxy Note 8. Тие два модели беа толку импресивни, што Samsung значително го зголеми профитот на својата мобилна дивизија, а купувачите уште посериозно почнаа да гледаат на Samsung како вистински премиум производител. 

Една година подоцна, Samsung ги освежи тие два модели, но на прв поглед, разлика скоро и да нема. Единствен начин на кој дури и оние со истренирано око можат да препознаат разлика е да погледнат во задниот дел, каде читачот за отпечатоци сега не е до камерата, туку под неа. Ова беше добредојдена и очекувана промена, но дали Galaxy S9 има да понуди нешто повеќе во однос на својот претходник?

И натаму изгледа секси однадвор, но веќе го нема “WOW” факторот на претходникот
Во времето кога излезе Galaxy S8, немаше ниту еден смартфон на пазарот со таков изглед, односно со мала рамка околу издолжениот 18,5:9 дисплеј, придружени од IP68 водоотпорност. Воедно, иако не претерано корисни, закривените страни на екранот изгледаат импресивно, како да она што го гледате на сликата ќе се растече по самиот телефон...

Луѓето сепак навикнаа на овој дизајн и иако уште изгледа одлично (по мене се уште е еден од најубавите смартфони на пазарот), сега има и пожестока конкуренција, како на пример iPhone X, кој од некои агли дури и делува поимпресивно. Се чини дека Samsung го достигна врвот со Galaxy S8 и сега ќе гледаме само подобрувања на тој дизајн, особено во намалување на рамката во горниот и долниот дел на телефонот

Извонреден Super AMOLED дисплеј и одличен стерео звук
Она што и натаму нема да ве разочара е дисплејот, кој кај S9 се растегнува на 5,8 инчи и има резолуција од 2960х1440 пиксели. За него ќе повториме нешто што секој ќе ви го каже, а тоа е дека се работи за најдобриот дисплеј од сите смартфони на пазарот. Тука контрастот е најголем, боите најубави и видливоста на сонце е најдобра. Samsung е уште ненадминат со своите Super AMOLED екрани.

За прв пат кај еден Galaxy S смартфон, врвниот дисплеј е придружен и од стерео звучници. Сега, гледањето видеа на YouTube ќе биде одлично искуство и со вградените звучници, кои се гласни и со чист звук, а имаат и добра стерео сепарација. Samsung дури има вградено и Dolby Atmos, па некои филмови (Netflix) ќе имаат и сараунд звук. Да, Atmos не може да замени вистински сараунд, но ќе ве изненади квалитетот на опкружувачкиот звук, особено што се работи само за смартфон. Голема предност на Galaxy S9 во однос на директните конкуренти е и тоа што има 3,5 mm излез за слушалки.

Два системи за отклучување со биометрија, но корисен е само читачот за отпечатоци
Многу важно од перспектива на корисникот, читачот за отпечатоци на прсти е поместен под камерата во однос на Galaxy S8, што го прави многу лесно достижен за показалецот. Како и да е, мислам дека Samsung требал дополнително да го оддалечи од камерата, бидејќи неретко се случува да ја допрете ние и да ја извалкате. Samsung би можел тука да земе пример од Huawei, кој остава доволно простор меѓу читачот и камерите за да не оставате отпечатоци на нив наместо на читачот.

Samsung кај овој телефон има вградено и читач за ирисот на окото, кој е исклучително безбеден, но на кој неретко му требаат и до две секунди за да го препознае корисникот, за разлика од оној во iPhone X на пример. Според мене, читачот за отпечатоци е многу подобро решение за секојдневно користење.

Понов Exynos 9810 чип, но скоро подеднакви перформанси
Ако мислевте дека само поради тоа што има понов процесор, Galaxy S9 ќе биде значително побрз од S8-ката, ќе погрешите. Во секојдневното користење скоро е невозможно да се забележи разлика во однос на претходникот модел. Ова не е недостаток – Galaxy S9 работи мазно и флуидно, без воопшто сецкање. Споредено со конкурентите пак, S9 има 4 GB рам, кои за оние што користат повеќе апликации можат повремено да бидат ограничување, но тоа се случува многу, многу ретко, односно дефинитивно е нешто кое нема да го забележи просечниот корисник. Радува и тоа што Samsung и натаму вградува слот за micro SD картичка, иако телефонот има одлични 64 GB простор.

Воедно, иако Galaxy S9 доаѓа со вграден Android Oreo, разликата во однос на претходникот нема да биде претерано голема. Дизајнот е ист, а и функционалностите се генерално исти како кај S8. Лично, ми се допаѓа како Samsung го замислува Android и во моментов според мене ова е најдобрата верзија, настрана чистиот Android кај Pixel телефоните. Оперативниот систем изгледа одлично, има корисни функционалности и работи без сецкање. 

Батеријата е само просечна – очекувајте еден ден со потешко користење
Батеријата во Galaxy S9 има капацитет од 3.000 mAh, што е доволно само за еден ден користење ако го користите телефонот повеќе од вообичаеното. За поголемиот број на корисници ова е задоволително, но на пазарот има телефони кои ќе надминат еден ден користење, како на пример Huawei Mate 10 Pro и P20 Pro. 

Рака на срце, Samsung го има и Galaxy S9+, кој има за 500 mAh поголема батерија и кој на тестовите се покажува како телефон кој трае подолго со едно полнење, односно ќе ви овозможи да влезете и во вториот ден. Ако пак не го користите премногу, S9 не троши енергија кога е заклучен и преку ноќ губи само неколку проценти од капацитетот на батеријата, што во превод значи дека тој има одлична оптимизација. 

Galaxy S9 поддржува и брзо полнење преку USB Type-C полначот, но само QuickCharge 2.0, што е доста побавно отколку кај Huawei P20 Pro на пример. Ќе помогнеше ако Samsung вградеше нов стандард за брзо полнење – QuickCharge 2.0 веќе постои неколку години. Во негова одбрана, S9 има и брзо безжично полнење (Qi и PMA), што е голем бонус во однос на конкурентите, кои се полнат побавно со безжичен полнач или пак имаат поддршка за само еден стандард, односно воопшто и немаат можност (телефоните на Huawei).

Една од најдобрите камери од сите смартфони
Помалиот Galaxy S9 и натаму има единечна камера назад, но со нов сензор и нова леќа со променлива бленда. Сензорот и натаму има 12 мегапиксели, што е повеќе од доволно за споделување на социјалните мрежи, но блендата сега се шири до f/1.5 во ноќни услови, а се затвора до f/2.4 во денски услови. 

Samsung го има направено ова со цел да овозможи поголем влез на светлина навечер (f/1.5 е најбрза бленда од сите смартфони), но поостри слики преку ден. За оние кои не знаат, сите леќи (објективи), вадат поостри резултати со затворена бленда и самото тоа што Samsung ја има вклучено оваа можност е голема предност пред конкурентите, кои имаат фиксна бленда.

Резултатите се импресивни – Galaxy S9 ја има една од најдобрите камери вградени во кој и да било смартфон. Како и кај секој претходник, останува забелешката дека фотографиите се повеќе обоени од оние на конкуренцијата и имаат повисок контраст, но корисниците тоа и го сакаат. Ноќните фотографии се исто така значително подобрени, со многу повеќе детали и помалку шум, разлика која се забележува дури и на самиот телефон.

Апликацијата за камерата вклучува и можности за сликање во “Pro” мод, односно со сите опции кои би ги имале и на вашиот апарат со променлива оптика. Galaxy S9 може да слика и RAW датотеки – со оваа опција може да постигнете и резултати кои ќе бидат повеќе по ваш вкус, односно вие ќе имате целосна контрола на боите, острината, контрастот итн.

Важно за помладата популација, предната камера е исто така подобрена. И натаму има 8 мегапиксели, но има подобрена леќа со f/1.7 бленда и автофокус, а може да снима и видео со 1440p резолуција. Резултатот се одлични селфи фотографии – дефинитивно едни од најдобрите што можете да ги добиете со еден смартфон. Предната камера може да се користи и за AR Emoji, односно емотикони кои ќе ги следат гримасите на вашето лице. Сигурен сум дека ова ќе биде супер интересно за помладите.

Покрај подобрувањата во делот на фотографиите, Galaxy S9 сега може да снима и значително подобро видео, со подобра стабилизација, како и снимање 4K видео со ефикасниот H.265 кодек, што значи дека видеата ќе одземаат помалку простор. Ова е еден од ретките смартфони кој може да снима и супер забавено видео во HD резолуција (960 слики во секунда), кое изгледа навистина импресивно. Samsung има вклучено и специјален алгоритам кој знае кога има брзо движење на сцената и почнува сам да го снима видеото, што е корисно, бидејќи снимањето трае 0,2 секунди (но е нормално подолго кога ќе го гледате). Бидејќи ваквото снимање е ограничено на само 0,2 секунди, сепак сметам дека тоа може да се користи само во специјални намени и не е особено употребливо на секојдневниот корисник.

И натаму еден од најдобрите смартфони на пазарот
Samsung Galaxy S9 е смартфон на кој тешко може да му најдете забелешка. Има допадлив дизајн со прецизна изработка, врвен дисплеј и звук, високи перформанси и одлична камера. За да извадиме каков и да било недостаток треба да бидеме и малку „погруби“ во проценката, односно би сакале малку поголема батерија која ќе му овозможи да се користи и вториот ден после полнењето и малку побрзо полнење. Исто така, иако импресивно, забавеното видео трае многу кратко и мислам дека многу купувачи нема никогаш да го искористат. Најголемо ограничување се чини сепак е цената, која изнесува околу 50.000 денари кај нас и која е меѓу највисоките во класата.

Ова не значи дека нема да бидете задоволни со Galaxy S9, дури и ако треба да платите малку повеќе за него. Тој е и натаму импресивно парче технологија, кое сум сигурен дека ќе ве служи без никаков проблем во наредните две години. Вие што имате Galaxy S8 пак, нема да имате потреба да го замените за S9-ката – искуството ќе биде генерално подеднакво и затоа ќе биде подобро да го почекате Galaxy S10 или пак Galaxy Note 9.

Дали ви се допадна рецензијата? Ако имате нешто да дополните ве молиме напишете коментар


За авторот

Телефони.мк
Author Image
Телефони.мк е веб портал кој што постои од 2007.



 
Најнови телефони
 
  • Watch Edition Series 3
  • Watch Series 3
  • Watch Series 3 Aluminum
  • Watch Edition Series 2 42mm
  • Watch Series 2 42mm
  • Watch Edition Series 2 38mm
  • Watch Series 2 38mm
  • Watch Series 2 Aluminum 42mm
  • Watch Series 1 Aluminum 42mm
  • Watch Series 2 Aluminum 38mm