HTC Desire 610 - Остварување на желбите

Објавено на 19.10.2014 во Рецензија



HTC Desire 610 - Остварување на желбите

HTC подолго време се мачеше да ја создаде идеалната комбинација на квалитетен смартфон во средната класа кој нема да трпи голем број на компромиси, а притоа цената да остане на прифатливи 200 до 300 евра. Како што се зголемуваше финансиската криза во компанијата HTC сфати дека мора да се симне од високо и да понуди многу подобри Desire смартфони и според наше мислење тоа конечно е постигнато со 610 кој е еден од најраспространетите во последниот период и многу корисници од Македонија веќе го поседуваат. Тие веќе знаат како функционира и кои се неговите предности и слабости, па затоа се одлучивме да го тестираме за сите останати кои се двоумат дали да го купат.
 
 
Дизајн
 
На прв поглед HTC Desire 610 многу наликува на One смартфоните од премиум класата и естетиката е точно погодена, но разбирливо со употреба на поевтини материјали на градба. Кога го држите HTC Desire 610 во раката добивате впечаток дека пластиката е многу мека и лесна, па затоа неговата тежина од околу 150 грама и вооопшто не се забележува.
 
 
Смартфонот е прилично крупен со дебелина на телото од 9.6 милиметри и страничните линии околу екранот се поголеми од вообичаено, но тоа не е премногу нападно, напротив паметно се искористени бидејќи на врвот и дното се сместени двата HTC BoomSound стерео звучници за дополнителен и засилен аудио квалитет. Очигледно е дека HTC се обидува со овој смартфон да се доближи до поширока маса на купувачи, па затоа маската има бои за сечиј вкус со црвена, зелена, темно сива, како и традиционалните црна и бела.
 
 
Дисплеј
 
HTC Desire 610 расплага со 4.7 инчен FWVGA дисплеј со резолуција од 580 х 960 пиксели што секако е под HD или Full HD стандардот, но тоа не е голема пречка за квалитетна слика и солидна видливост на деталите со силните бои и добро изразениот контраст. Дисплејот на HTC Desire 610 има густина на пикселација од 234ppi и е добро избалансиран кога е во прашање видливоста од остри агли, но најголем предизвик ќе имате кога ќе го користите смартфонот на отворено под силна сончева светлина, каде рефлексијата е доста изразена, што е сосема разбирливо за уреди во оваа класа со FWVGA резолуција. 
 
 
Софтвер и апликации
 
Софтверот на HTC Desire 610 е прилично ефикасен бидејќи е искористена верзијата на Android 4.4 KitKat со сите подобрувања во системот, надополнет со веќе препознатливиот кориснички интерфејс HTC Sense 6.0. Главен фокус на софтверот на HTC е ставен на почетниот лаунчер, како и централната апликација HTc BlinkFeed каде се распоредени сите најнови информации, вести од медиумите, приказ на времето и други корисни детали.
 
 
Голем напредок има и во интерфејсот на камерата со различен сетап на алатки за идеално поставување на сцената за сликање и снимање, а со HTC Zoe може да креирате видео колаж со вашите најинтересни слики и да го споделите со пријателите на социјалните мрежи.
 
 
Сите елементи на менито, контролниот центар, брзиот пристап до последно користените апликации и листата со апликации се одлично вклопени и се чуствува флуидност при транзициите, што секако е за голема пофалба.
 
 
Хардвер и перформанси
 
HTC Desire 610 како и повеќето смартфони од средната класа за 2014 година работи на четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 400 процесор од 1.2 GHz кој досега одлично се покажа и обезбедува супер перформанси за поевтините уреди, како гледање на HD видеа, играње на потешки мобилни игри и непречено користење на 4G LTE мобилна конекција, при што сите интернет сервиси и социјални мрежи брзо се отвораат.
 
 
Хардверот е надополнет и со 1 GB RAM, 8 GB вградена меморија која ако не ви е доволна може да ја зголемите преку microSD картичка до 128 GB. HTC Desire 610 малку заостанува зад конкурентите со батеријата од 2020 mAh, на пример Sony Xperia M2 е нешто подобар со батерија од 2200 mAh, па затоа ќе треба да се задоволите со активна работа од 6 часа и секојдневно полнење на смартфонот.
 
 
HTC наведува дека батеријата во 3G разговор трае 15.8 часа, а во мирување 650 часа. Камерата од 8 мегапиксели со LED блиц на задната страна нема да ве разочара во никој поглед и ќе ви овозможи правење на квалитетни фотки со добра деталност и репродукција на бои, а исто така ќе може да снимате видеа со резолуција од 1080p. Предната камера од 1.3 мегапиксели ќе биде доволна за повремено правење на селфи фотки.
 
 
Заклучок
 
HTC Desire 610 е интересен смартфон во средната класа кој во изминатиот период беше прилично популарен во Македонија поради специјалните понуди на операторите и попустот со потпишување на двегодишен договор. Според нас сите што веќе го купија не згрешија бидејќи за релативно помала сум се добива солиден телефон со супер оптимизиран софтвер кој нема никакви кочења и ги содржи сите новитети од Android 4.4 KitKat и HTC Sense 6.0. Четири-јадрениот Snapdragon 400 процесор одлично си ја врши работата и во оваа класа конечно го доведе потребното нивно на квалитет, па затоа корисниците нема да бидат оставени на цедило, особено кога ќе користите 4G LTE мобилна конекција. Недостатоците на HTC Desire 610 се пред се во дисплејот со пониска резолуција кој нема импресивни перформанси, особено кога ќе го користите на отворено, додека во останатите ситуации нема премногу да се забележат маните. 

Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: