Sony Xperia U - Скратена верзија на Xperia S

Објавено на 16.09.2012 во Рецензија



Sony Xperia U - Скратена верзија на Xperia S

Навистина не може да се пожалиме на смартфоните кои доаѓаат од јапонскиот електронски гигант Sony. По разводот со Ericsson следуваше одличен период  кога е во прашање понудата на смартфони. Не заблежавме недостаток на идеи, напротив освежената серија Xperia, како и останатите смартфони од пониската класа создадоа слика за Sony како стабилна компанија која постојано оди напред. Ако сте љубители на нивните смартфони единствен проблем е да изберете од големата понуда, затоа со серија на рецензии се надевам дека ќе ви помогнеме во изборот. На ред за разгледување е Sony Xperia U.



Генерални карактеристики

Sony Xperia U е сместен во средната класа. Најблиски роднини му се Sony Xperia S и Sony Xperia P, со напоменување дека овој смартфон е за нијанса со послаби карактеристики, но негова цел  се потрошувачите со помал буџет, а притоа да им понуди најдобри карактеристики во однос на останатите производители. Па, да видиме, дали е така ?!



Најпрво се издвојува малиот екран од 3.5 инчи, кој што има добар сразмер на резолуција од 854 х 480, потоа двојадрениот процесор и добрата конекција. Сепак на листата ќе најдете и неколку недостатоци, а тоа се малата меморија од 8 гига, без приклучок за мемориска картичка и застарен оперативен систем Android Ginegerbread 2.3.7  со мала веројатност за надоградба со ICS.



Дизајн и Дисплеј

Новите смартфони на Sony тешко може да ги разликувате еден од друг, речиси сите се идентични со некои мали посебни детали или пак различни бои на маските. За дизајнот на Xperia уредите Sony навистина доби повеќе пофалби, пред се поради јасната оригиналност и вообичаениот футуристички изглед кој го негува оваа компанија во дизајнот на речиси сите уреди.



Во кутијата изненадувачки ќе најдете повеќе додатоци. Тоа се заштитна лента за екранот, слушалки, адаптер за  пренос на microSIM картичка, USB  кабел и полнач, како и додатна транспарентна лента, која може да има различна боја. Сето ова покажува дека Sony не сака да заштедува таму каде што корисниците најмногу бараат, што значи дека добивате целосен пакет за сите пари.



Димензиите на смартфонот изнесуваат 112 x 54 x 12 mm, што значи имаме малку здебелен телефон, но тоа е во прифатливи граници. Во однос на квалитетот на дизајнот како и секогаш се е доведено до совршенство. Sony Xperia U иако припаѓа на пониската класа, го има истото ниво на квалитет како и кај дизајнот на Sony Xperia S, но во помало пакување.



Екранот кај Sony Xperia U е 3.5 инчен  со FWVGA Bravia LCD квалитет, острина на сликата од 280 пиксели на еден инч, одличен контраст и изразени бои. Вака поставен помалиот екран има подносливи губења на контрастот при гледање од различни агли, секако не е совршен, но видливоста и при најискривен агол е присутна. Малиот екран можеби пак не е најадекватен за мултимедијални содржини, но ќе им значи на тие што сакаат помал и практичен смартфон, кој убаво лежи во една рака.



Останатите карактеристики се речиси исти како и кај останатите смартфони од Xperia семејството. Под екранот се трите копчиња за навигација низ интерфејсот, Back, Home и Menu кои се наоѓаат на транспарентната лента. Овој додаток е најинтересен и нема некоја исклучителна примена. Интересно е што ги менува боите во зависност што работите момeнтално со смартфонот.



Кориснички интерфејс

Како што напоменавме на почетокот за оперативниот систем е задолжeна застарената верзија на Android Gingerbread, најави за апдејт има, но во неколку наврати веќе пишувавме дека тој процес кај Sony се одвива прилично неажурно. До закажаниот фејслифтинг со ICS еве со што ќе се соочите.



Xperia U има 5 вида на почетно мени, без можност за додавање или остранување на одредени икони. Нa почетното мени има интересна опција наречена Overview mode. Со допир може да зумирате било кое од петте почетни панели и ќе се отвори нов екран со повеќе информации. 

 

Xperia U има и неколку виџети изработени од  Sony како дополнување на софтверот. Такви се виџетот Timescape, кој доаѓа и со сопствена апликација и Mediascape виџетот за слики, видеа и музика, иако присутна е и старата галерија на Sony.

 
  
 
Хардвер

Sony Xperia U е опремен со 1GHz dual-core процесор заедно со Mali-400MP GPU, 512 MB RAM и STE U8500 chipset. Вака составен овој смартфон нема да ви остави голем впечаток, но капацитетот е добро искористен, двојадрениот процесор сепак си ја врши целата работа, а на повеќе тестови е многу подобaр од сличните конкуренти и се пласира веднаш зад еден смартфон како HTC One S. Во целиот микс многу подобrо би легнала RAM меморија од 1 гига, но операциите на тeлефонoт се доволно брзи.

Камера

Нема никакви причина да бидете незадоволни со 5 мегапикселната камера на Sony Xperia U. Таа поседува LED блиц и произведува резолуција од 2592 х 1944 пиксели. Квалитетот е пристоен, со добивање на многу реални бои. Има на располагање пет начини на правење слики : Normal, Scene recognition, Sweep Panorama, Sweep Multi Angle и 3D Sweep Panorama.



Кај 3D Sweep Panorama како и вообичаено се добиваат одлични панорамски слики кои потоа може да се прикажат во 2D и 3D стил на  екран со соодветна технологија, бидејќи самиот смартфон нема таква можност. Истото важи за опцијата Sweep Multi Angle каде што сликите се прикажуваат во посебна апликација наречена 3D album.

 
 
Снимањето на видеа е ограничено на 720 пиксели  и 30 fps што и не е лошо, но сепак има повеќе смартфони кои достигнуваат највисока резолуција од 1080 пиксели. Без разлика на бројките видеата имаат добар квалитет, а тоа се должи на добрите опции кои се на располагање, како и стабилноста на камерата.

 
 
Media Remote

Media Remote е специјализирана апликација со која може да го поврзете смартфонот со остантите уреди на Sony, како што се BRAVIA телевизорите и  Sony DVD/Blu-ray плеерите. Конекцијата се одвива преку DLNA технологијата, а апликацијата е едноставна за користење со одлични опции за прегледување на различни содржини. Media Remote е бесплатна за превземање во Google Play Store.


 
Google Play Store

Онлајн продавницата на Google e одлично место доколку сакате дополнителни апликации, игри или мултимедијална содржина. Play Store е одлично органзиран и прегледен, содржините се групирани во повеќе категории и се истакнати најпопуларните апликации, а секој новитет е јасно прикажан.

b
 
Заклучок

Аудио квалитетот е одличен во поглед на слушање на музика преку силните звучници, а исто така при разговор нема да имате никаков проблем да се разберете со соговорникот. Батеријата кај Sony Xperia U е со капацитет од 1320 mAh што во суштина е прилично малку. Друг недостаток е тоа што нема пристап до батеријата, па така отпаѓа можноста за носење резервна батерија при патување или слични ситуации кога немате пристап до приклучок за струја .Мала предност сепка кај овој уред е што преку преносниот USB кабел смартфонот се полни со голема брзина, односно за еден час. Се на се батеријата издржува околу еден ден активна употреба, што и не е многу различно од многу други смартфони кои досега ги анализиравме.



Автор

Христијан Станоевиќ
 





Прочитајте повеќе: