HTC Desire 300 - Телефонот наречен желба

Објавено на 06.11.2013 во Рецензија



HTC Desire 300 - Телефонот наречен желба

Тајванскиот производител HTC го вoди својот бизнис според сите логични правила, има богата понуда на мобилни телефони од најевтини, па се до врвни модели како HTC One, но некаде нешто не штима. Компанијата е во загуби подолго време и не успева да излезе на крај со огромната конкуренција. Овој пат се фокусира на ниската класа продавајќи го еден од најевтините смартфони HTC Desire 300 кој е замислен како уред наменет за широката побарувачка, но за да успее во тоа треба да не убеди дека за потрошените пари ќе добиеме смартфон кој ќе ги задоволува минималните критериуми на квалитет, па да видиме што може да добиете со него.

Екран

Кога ќе помислите на смартфон од ниската класа прво на памет ви паѓа дека ќе има мал и речиси неупотреблив екран, но HTC Desire 300 всушност нуди екран со големина од 4.3 инчи кој би требало да биде сосема доволен за удобно гледање на видеа, играње на игри и читање на текстови. Секако не е еден од најголемите на пазарот, ниту пак најмалите, на пример iPhone 5s има екран со големина од 4 инчи. Втората точка на која сите внимаваат со евтините уреди е степенот на резолуција, која кај HTC Desire 300 е изразена со за жал премногу скромни 480 x 800 пиксели. IPS LCD дисплејот сепак обезбедува силно изразени бои и контраст, кои се пријатни за око, а исто така видливоста на отворено е добра со оглед на малата рефлексија на сончева светлина на екранот.

Дизајн

Естетски гледано кај HTC Desire 300 ќе го најдете препознатливиот дизајнерски израз на HTC и ова е еден од подобрите смартфони во ниската класа иако е изработен од пластика. Предната страна има рамни линии со благо закривени агли, додека пак околу екранот има поставено пластична рамка која го истакнува тенкото тело и минималните гранични линии. Уредот има многу компактни димензии кои изнесуваат 131.78 x 66.23 x 10.12 mm со што само дебелината е малку над просекот, но не е голема пречка, додека пак тежината на HTC Desire 300 изнесува 120 грама.

Задната страна има изразена заоблена форма и присуството на пластичната прекривка речиси и не се забележува со оглед на тоа што не дава чуство на евтиност. Смартфонот е удобен за држење и пластиката е издржлива па, така нема да забележите премногу гребаници. Како и кај повеќето смартфони на HTC така и кај Desire 300 копчето за вклучување/заклучување се наоѓа на врвот, додека пак на десната страна се наоѓа регулаторот на звук. Смартфонот доаѓа со избор на бела и црна боја на маската.

Кориснички интерфејс и софтвер

HTC Desire 300 работи на веќе застарениот оперативен систем Android 4.1.2 Jelly Bean, но него не му недостига речиси ништо во однос на софтверските додатоци и функционалност, бидејќи ги има вклучено оптимизацијата на системот наречена Project Butter, како и новиот контролен центар во кој се сместени најважните опции за брз пристап во различни прилагодувања. Смартфонот работи на корисничкиот интерфејс HTC Sense 5.0 кој за прв пат беше претставен со HTC One, но сега тој е заменет со новата 5.5 верзија која доаѓа со фаблетот HTC One max, па така сеуште нема конкретни информации дали Desire 300 ќе добие надградба.

Од тоа што е на располагање во овој момент може да се истакне почетниот интерфејс изразен со многу поедноставни бои и опции во однос на „шареноликите“ прилагодувања кои ги прават Samsung и LG. Затоа пак HTC го направил интерфејсот малку комплициран за користење, па ако сакате да менувате нешто, на пример додавање или преуредувања на кратенките и виџетите ќе треба непотребно да копате низ менито.

 

Тука е и социјалнот агрегатор HTC BlinkFeed кој се наоѓа на почетниот екран и на него се прикажуваат сите најнови известувања од социјалните мрежи. Доколку ви смета и не сакате да го користите не постои опција да го исклучите, туку може да го сместите на крајниот панел од почетниот екран. Предности на корисничкиот интерфејс се одличните апликации за именикот и повикувањето, праќањето пораки, како и виртуелната тастатура на HTC.

Хардвер

Можеби најважната работа на која купувачите внимаваат со евтините смартфони е дали е обезбеден квалитетен хардвер кој ќе ги задоволи минималните функционалности. Desire 300 работи на дво-јадрен Qualcomm Snapgragon S4 процесор со брзина од само 1 GHz и токму тука смартфонот најмногу потфрлува. Двојадрен процесор од ланската серија на Qualcomm и не е така страшна карактеристика, но проблемот е што е изработен врз многу послаба архитектура од останатите процесори. Тоа во комбинација со 512 MB RAM и Adreno 203 графичка придонесува за многу послаби перформанси, па така со Desire 300 ќе треба да имате трпение.

Играњето на поновите игри за мобилен не претставува проблем, што е некаков плус, а исто така сурфањето на интернет се одвива со голема брзина. Смартфонот има само 3G мобилна мрежа, а присустни се Wi-Fi, GPS и Bluetooth конекција. Хардверот е најслабата точка на HTC Desire 300, a тоа се гледа и со употребата на само 4 GB вградена меморија која може да се надополни со мемориска microSD картичка. Смартфонот има батерија со капацитет од 1650 mAh која можеби изгледа недоволна, но поради малите системски побарувања таа издржува работа од два дена со едно полнење.

Камера и мултимедиа

HTC Desire 300 има камера со сензор од 5 мегапиксели која нема премногу да ве воодушеви и има ограничен квалитет на сликите, а исто така и недостасува блиц. Ниту видеата не се многу квалитетни бидејќи се ограничени на ниска резолуција од 800 х 400 пиксели со 28 фрејма во секунда. Во делот на забавата недостасува новиот HTC BoomSound стерео звучник, кој е заменет со моно звучник кој не е доволно гласен. Апликацијата за мултимедија е обезбедена од Google Play Music, а може да ја користите и апликацијата која ја има изработено HTC.

Заклучок

HTC Desire 300 е телефон кој се продава по цена од околу 180 евра во Европа, но во понудата има направено голем број на компрoмиси. Затоа со HTC Desire 300 нема да добиете врвни перформанси, ниту пак високо квалитетна камера, а ќе бидете задоволни со големината на екранот и квалитетната градба на дизајнот. HTC Desire 300 е одличен за тие што сакаат смартфон по ниска цена и не се грижат премногу за најновите и скапи модели. Смартфонот нема да ве разочара, бидејќи со него ќе може да ги извршувате сите потребни функции без никаков проблем и ако не ви пречат малите недостатоци направени во хардверот и камерата HTC Desire 300 може да биде вашиот избор.

Автор

Христијан Станоевиќ