Motorola Moto X - Најисплатливиот премиум смартфон за 2014

Објавено на 15.09.2014 во Рецензија



Motorola Moto X - Најисплатливиот премиум смартфон за 2014

Motorola Mobility ја претстави втората генерација на Motorola Moto X кој ќе ја застапува нивната премиум понуда за 2014 година и со цена од околу 450 евра е значително поевтин од силната конкуренција, но прашањето е дали навистина е најисплатливиот смартфон оваа сезона.
 
 
Класа дисплеј
 
Motorola Moto X доаѓа со 5.2 инчен AMOLED дисплеј со Full HD резолуција од 1080 х 1920 пиксели, со густина на пиксели од 424 ppi, заштитен со Corning Gorilla Glass 3 стакло, што го прави еден од најдобрите во оваа класа, секако доколку не го земеме во предвид Quad HD стандардот кој го применија LG G3 и Samsung Galaxy Note 4. Видливоста на Motorola Moto X е одлична кога е во прашање поставеноста на смартфонот од различни агли, а истото може да се каже и кога ќе го користите на отворено бидејќи силната осветленост ќе биде доволна за да се справи со рефлексијата на сонцето.
 
 
Вреден работник
 
Хардверот на Motorola Moto X е прилично ефикасен со четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор со Krait 400 градба, работен такт од 2.5 GHz и Adreno 330 графичка карта. Motorola Moto X располага и со 2 GB RAM, 16 или 32 GB меморија кои може да се надополнат преку microSD картичка. Motorola Moto X има Li-Ion батерија со капацитет од 2300 mAh која ќе биде доволна за работа од 8 часа во текот на денот со едно полнење, но според новите стандарди кои ги поставија Sony, Samsung, LG и HTC тоа е речиси под просекот.

Елегантно пополнет смартфон
 
Кога е во прашање компактниот дизајн Moto X не е совршен бидејќи има дебелина на телото од 10 милиметри, а тежи 144 грама и обложен е со материја која ја одбива водата, но не е целосно водоотпорен, како Sony Xperia Z3. Како и претходниот модел на корисниците на располагање ќе им биде изборот на маската и други додатоци, но тоа важи само за САД и најголемите европски држави како во Велика Британија.
 
Квалитетни додатоци
 
Moto X располага со 13 мегапикселна главна и 2 мегапикселна предна камера со сите вообичаени додатоци како автофокус, двоен LED блиц, panorama и HDR, како и многу едноставен интерфејс со приказ на сите можости за прилагодување на самиот дисплеј. . За поврзување вклучен е и 4G модем кој ги покрива LTE 800 / 1800 / 2600 френкфенциите во Европа, па затоа нема да имате никакви грижи при користење на супер брз мобилен интернет.
 
 
Паметна контрола
 
Софтверот доаѓа со речиси непроменета верзија на Android 4.4 KitKat, надополнета со повеќе функционални апликации на Motorola кои се одлични. Motorola Moto X се контролира со повеќе гласовни команди преку апликацијата Motorola Assist преку која ќе добивате насоки и мапи во сообраќајот, да воспоставите посебен режим на комуникација додека возите, како и да одредите повеќе операции кои ќе се активираат автоматски со што ќе заштедите на време. 
 
 
Заклучок
 
Кога се ќе се сумира доаѓаме до заклучок дека Moto X е одличен смартфон кој апсолутно ги опрадва очекувањата и е драстично подобрена верзија во однос на моделот од 2013 година со сите расположливи можни средства. Сепак, за почеток наоѓаме неколку недостатоци како што е крупното тело и ограниченоста на прилагодувања за корисниците надвор од САД, како и батеријата која на првите тестови покажува дека не е на нивото на задачата. 
 
 
Цената од 450 евра е сосема пристојна и навистина пониска од понудата на конкурентите, но доколку веќе на располагање имате поголем буџет тогаш со 150 до 200 евра повеќе ќе може да го купите  Samsung Galaxy Note 4 кој е вистински ѕвер или пак за сто евра помалку може да најдете квалитен смартфон од помалку распространетите брендови како Alcatel, ZTE или Huawei.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: