Intel-овиот говорен софтвер на Стивен Хокинг конечно достапен

Објавено на 19.08.2015 во Новости



Intel-овиот говорен софтвер на Стивен Хокинг конечно достапен

Познатиот астрофизичар Стивен Хокинг комуницира со специјален компјутер произведен од Intel поради својата здравствена состојба. Сите сме љубопитни како функционира софтверот што му помага на Хокинг да зборува и сега конечно имаме шанса да дознаеме. Intel одлучил да го објави овој софтвер со слободна лиценца, што значи дека се работи за софтвер со отворен код, кој може да се проучува и да го користат сите девелопери.

Софтверот се вика ACAT (Assistive Context-Aware Toolkit), кој Intel го опишува како „платформа со отворен код, развиен од страна на Intel Labs, со цел да им овозможи на луѓето со заболени моторни неврони (ALS) и други пореметувања, да имаат целосен пристап кон апликациите од своите компјутери, прилагодени кон нивната состојба“. 

Статусот на отворен код за овој софтвер нема да им користи на обичните корисници, но ќе биде од големо значење за девелоперите што ќе креираат слични системи како што е оној на Стивен Хокинг. ACAT е моментално достапен само за Windows уреди, кој бара и веб-камера, бидејќи се потпира врз визуелни параметри за да ги разбере командите. 

Автор: Aleksandar Stankov