Македонија дел од светскиот сервис Google Street View

Објавено на 08.10.2015 во Новости



Македонија дел од светскиот сервис Google Street View

Интернет гигантот Google реши да ја вклучи и Македонија на екстра корисниот Street View сервис за директен преглед на значајни локации. Сега ќе може секој  виртуелно да го истражува центарот на Скопје, да прошета на Широк сокак низ Битола, да ги види живописните планински слики од Маврово и Ростуша или да му се восхитува на прекрасното Охридско Езеро и градот на бисерите со лансирањето на новата Street View галерија во Македонија.

Целта на Google Street View е да им помогне на корисниците да имаат подобар увид во местото кое планираат да го посетат, да дознаат повеќе детали за инфраструктурата, природните убавини и локации, што ќе биде голем придонес за македонскиот туризам, но и воопшто станува збор за голем престиж Македонските топ локации да бидат дел од светски популарниот сервис.

„Многу сме возбудени со најавата од Google да го лансира Street View Македонија. Ни претставуваше задоволство да асистираме при собирањето на сликите од Македонија во текот на измината година и со нетрпение очекуваме корисниците на Google од Република Македонија и од целиот свет лесно да се движат низ земјава изјави Марта Арсовска Томовска, Заменик министер за Информатичко општество и администрација на Република Македонија.

Локалните бизниси, исто така може да имаат корист од Street View технологијата со бесплатно вградување на Google Maps директно во нивниот веб-сајт, помагајќи им да промовираат сместувачки опции или да информираат за рестораните, туристичките места и точки со историско и културно значење.

Извор: pozitiv.mk

Автор: Aleksandar Stankov