Т-мобиле сè уште паѓа, Вип континуирано расте

Објавено на 13.08.2012 во Новости



Т-мобиле сè уште паѓа, Вип континуирано расте

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги објави резултатите за првиот квартал од оваа година во однос на фиксната, мобилната телeфонија, дигиталната телевизија.

Во извештајот се направени многу анализи за сите сегменти, но ние ќе се осврнеме на оние кои се од наш најголем интерес – мобилната технологија.

СМС/ММС

Накратко ќе го разгледаме падот на бројот на СМС пораките, проследено низ бројки: во првиот квартал од оваа година се испратени 130.705.924 наспроти 134.429.553 СМС пораки во истиот период од минатата година, што ни говори за пад од -2,77%, додека кај MMS пораките се бележат раст од 11,09%, односно 220.488 ММС пораки во првиот квартал од оваа година, наспроти 198.477 ММС пораки во истиот период од минатата година.

Претплатници по оператори

Следно ќе ја разгледаме работата на трите главни оператори во земјата по број на активни претплатници:

Удел на операторите во вкупниот број на активни претплатници во првиот квартал од 2012 година

Од овој графикон можеме да заклучиме дека Т-Мобиле учествува со 50,96%, ОНЕ со 22,59% додека ВИП учествува со 26,45% што ни говори за растот на претплатниците, односно уделот на пазарот, на ВИП во однос на минатата година – еве подетален приказ низ квартали:

Удел  на  пазарот за мобилна телефонија според активни претплатници  низ квартали

 

 

Од овој графикон можеме да заклучиме дека ВИП бележи стабилен раст низ  кварталите, неговото учество во однос на истиот квартал од претходната година е  зголемено за 3,97%, наспроти падот на учеството на Т-Мобиле и тоа за 2,75%, додека Оне го намалил уделот на пазарот за 1,19%.

Интересно е да се забележи и времетраењето на разговорите на претплатниците во својата мрежа по оператори во однос на претходниот, каде ВИП бележи дури 22,47% раст, во однос на Т-Мобиле со 2,70%, односно кај ОНЕ се забележува пад од 1,90%

Просечно времетраење на разговор по претплатник (во минути) поединечно по оператор

Бр. Оператор Q1 2012  Q4 2011  разлика % Q1 2011 разлика %
1 Т-Мобиле 1,52 1,48 2,70% 1,50 1,33%
2 ОНЕ 2,06 2,10 -1,90% 2,12 -2,83%
3 ВИП 2,18 1,78 22,47% 1,82 19,78%

Споредено со првиот квартал од 2011 година ОНЕ покажува намалување од 2,83%, ВИП покажува зголемување од 19,78%, а Т-Мобиле зголемување од 1,33%.

Интернет

Раст има и во мобилниот пристап на интернет преку 2G и 3G мрежата, чии податоци говорат дека во првиот квартал од оваа година имало 161.337 корисници во споредба со истиот квартал од минатата година кој брои едвај 93.583 претплатници со мобилниот пристап до интернет, што ни говори за раст од дури 72,40%.

Резултатите се нешто поразлични кај бројот на претплатници на пристап до интернет со широк опсег преку мобилна мрежа (2G/3G) кои покажуваат дека во последниот квартал ваков пристап до интернет имале 383.610 наспроти 384.897 корисници во истиот период минатата година (незначителен пад од  0,33%).

Но, тука не смееме да го заборавиме и фактот дека денес сè повеќе корисници се поврзуваат безжично на интернет преку своите смартфони, кои во најголем дел поддржуваат безжична конекција, па така предвид не се земен пристапот кој корисниците го остваруваат преку јавните безжични (Wi-Fi) мрежи.

 

Заклучок
 
Падот на СМС пораките е очекуван поради екстра поволните понуди од типот на „0 денари во твоја мрежа“ и сл., така што на корисниците им е полесно да муабетат отколку да пишуваат пораки.
 
Во однос на операторите, ОНЕ веќе подолго време се наоѓа на третата позиција и не прави некои поголеми напори за да ја врати, што се гледа и од неговото опаѓање на квартално ниво.  Борбата продолжува помеѓу ВИП и Т-мобиле како водечки оператори. Иако разликата е речиси двојна, сепак да не заборавиме дека Т-мобиле е повеќе од 15 години присутен на пазарот, додека ВИП е релативно нов (5 години) на нашиот пазар. 
 
Исто така, да не заборавиме дека Т-мобиле беше прв, а првите секогаш ги поставуваат правилата, така што не секогаш е лесно да се следат (случајот со ОНЕ како втор оператор).



 
 
 




Прочитајте повеќе: