ОНЕ и Телеком Словенија спонзори на EuroBasket 2013

Објавено на 20.06.2013 во Новости



ОНЕ и Телеком Словенија спонзори на EuroBasket 2013

Македонскиот оператор ОНЕ, членка на Групацијата Телеком Словеније со гордост објавува дека мајката компанија е спонзор на најголемиот европски спортски настан годинава - EuroBasket 2013 кој ќе се одржи од 4 до 22 септември 2013 година во Словенија.

Во финалето на подготовките за најпрестижниот спортски настан во историјата на самостојна Словенија, Телеком Словеније одлучи да застане зад настанот и да обезбеди максимална поддршка за негова успешна реализација. Македонската подружница на словенскиот Телеком, телекомуникацискиот оператор ОНЕ е силен поддржувач на спортот, а особено на македонската кошарка. Четврта година по ред ОНЕ е официјален спонзор на Македонската Кошаркарска Репрезентација, која на Европското кошаркарско првенство во Литванија 2011-тата со брилијантна игра и освоеното 4 место, успеа да обезбеди директен пласман на првенството во Словенија.

`Ми претставува огромна чест и задоволство да објавам дека Телеком Словеније е спонзор на EuroBasket 2013. Престижното спонзорство на EuroBasket 2013 и спонзорството на ОНЕ на МКФ се доказ за консолидираниот маркетиншки пристап на Групацијата Телеком Словеније и големата поддршка која ја даваме во промоција на националниот спорт, но и престижни спортски настани во земјата и во регионот. Горди сме што логоата на Телеком Словеније и ОНЕ ќе се најдат на терените на најголемиот кошаркарски спектакл во Европа, годинава`, изјави Виктор Доневски, Директор за маркетинг и односи со јавност во ОНЕ.

`Кој би можел да одолее на покана за настан ако ја добиете честа да седите до една од најголемите кошаркарски легенди на сите времиња,  Иво Данеу, по сите стандарди, спортист со импресивна кошаркарска биографија и пример за спортист за многу генерации после него. Благодарение на ОНЕ, нашиот најголем поддржувач на патот кон Европскиот успех и компанијата Телеком Словеније, од денес и официјален спонзор на  EuroBasket 2013, ја добив честа, рамо до рамо со Данеу да се заблагодарам за огромната поддршка од ОНЕ и да изразам уверување до целата нација дека ќе сториме се за да го повториме историскиот успех од 2011`, изјави на прес конференцијата Претседателот на МКФ, Даниел Димевски.

“Благодарам на поканата и на честа што можам да зборувам на претставувањето на новиот спонзор на EuroBasket 2013 во Македонија. Многу сум задоволен што компанијата Телеком Словеније одлучи да биде спонзор на нашиот шампионат нaшто се одзваа и нивните колеги во ОНЕ кои го организираа ова прекрасно претставување во Скопје. Јас се надевам дека ќе се видиме во Словенија во септември во уште поголем број и дека таму ќе бидат многу повеќе македонски навивачи, а и дека вашата репрезентација со нашиот врвен стручњак Алеш Пипан ќе биде меѓу првите 4 во Европа. Можеби дури, да дојде и до финалето, но да е таму и Словенија.” изјави Иво Данеу, официјален амбасадор на EuroBasket 2013, кој во рамките на  промо турнејата на EuroBasket 2013 денес допатува во Скопје.

Во текот на денешниот ден, во организација на Амбасадата на Република Словенија во Македонија, а по повод Денот на државноста на Република Словенија, на плоштадот “Македонија” е предвиден настан на кој кошаркарските фанови ќе имаат можност одблиску да се запознаат со програмата на EuroBasket 2013, да одиграат баскет и да се дружат со официјалните претставници на настанот.

“Искрена благодарност во име на целиот организационен одбор на  EuroBasket 2013 до компанијата Телеком Словеније што ја препозна важноста на овој спектакл кој не очекува во септември и благодарност до ОНЕ нашиот денешен домаќин. Јас сум уверен дека ќе имаме одлична соработка и дека по првенството ќе зборуваме само за позитивните ефекти. Организацискиот одбор се подготвува за EuroBasket 2013, многу работи и на промоција на првенството во странство и подготвува се што е потребно за продажба на билетите за првиот дел од натпреварите, а која почнува на 1 јули на www.eventim.si, на сите “Петрол” бензиски станици и на страницата на  официјалната туристичка агенција Палма (www.palma-travel.eu) за сите оние кои би сакала билети во пакет со превоз и сместување”, изјави портпаролот на EuroBasket 2013, Анже Блажиќ.  

Под мотото `Почувствувај ја Словенија`, Словенците се подготвуваат срдечно да ги пречекаат сите љубители на спортот и кошарката. Од 4 септември 2013, Словенија ќе ги отвори вратите на четирите спортски сали во Јесенице, Копер, Цеље и Љубљана каде се до 22 септември ќе се одржуваат натпреварите на EuroBasket 2013.