HTC Desire 601 - Баланс на перформанси и цена

Објавено на 03.10.2013 во Рецензија



HTC Desire 601 - Баланс на перформанси и цена

Тајванскиот производител се обидува да го најде совршениот баланс меѓу висината на цената на смартфонот и понудените перформанси, па така во последниот период излегоа голем број на уреди од ниската и средната класа кои одговараат на потребите на речиси сите купувачи. Еден од најновите е и HTC Desire 601 или популарно наречен HTC Zara, кој има повеќе скромни карактеристики, но добро распореден квалитет во речиси сите категории.
 
 
Дизајн
 
Задната страна на HTC Desire 601 е обложена со мека гума, која е еден од најкористените материјали во последните неколку месеци и може да се каже дека му дава добар завршеток на смартфонот. Него може лесно да го управувате со една рака, а странично поставените физички копчиња се лесно достани за притискање. Смартфонот тежи 130 грама, додека пак неговите димензии се добро скроени иако мора да се напомене дека ова е далеку од најтенките уреди на пазарот со дебелина од 9.2 милиметри. Бојата на маската доаѓа во три варијанти и тоа црна, црвена која е можеби премногу силна, како и бела која најмногу ќе ве потсети на изгледот на врвниот HTC One.
 
 
Екран
 
Изборот на големина на екранот од 4.5 инчи ќе им се допадне на многумина бидејќи тој не е премногу гломазен, ниту пак премал, додека пак нивото на резолуција изнесува скромни 540 x 960 пиксели што е доволно за пристојна густина на сликата од 256 пиксели на еден инч. IPS LCD дисплејот има добри агли на видливост, а истото се однесува и за употребата на отворено поради нискиот степен на рефлексија на сончева светлина и добрата позадинска осветленост. 
 
 
Софтвер
 
HTC и кај овој смартфон го искористува новиот интерфејс Sense 5.0 кој беше промовиран на почетокот на годината заедно со HTC One. Тоа значи дека голем дел од софтверските додатоци доаѓаат и кај HTC Desire 601 како што е распоредот на информации на почетниот екран BlinkFeed кои постојано се обновуваат со сите промени кои пристигнуваат од социјалните мрежи и останатите интернет сервиси или апликации кои најмногу ги користите. HTC Desire 601 доаѓа со релативно поновата верзија на Android 4.2.2 Jelly Bean.
 
 
Хардвер
 
HTC Desire 601 работи на нешто помоќен харвер во однос на HTC Desire 600, сличниот смартфон кој беше претставен летоска. Тука е искористен дво-јадрениот процесор од новата серија на Qualcomm Snapdragon 400 кој работи на фрекфенција од 1.4 GHz, а добро е што графичкиот перформанс ќе биде на повисоко ниво благодарение на графичката Adreno 305.  Во останатите спецификации се сместени и 1 GB RAM, како и 8 GB меморија која може да се надополни со microSD мемориска картичка. Смартфонот е опремен и со квалитетна батерија со капацитет од 2100 mAh која обезбедува пристојна работа од десетина часа со едно полнење. 
 
 
Камера
 
Интересно е што HTC кај претходната верзија на овој смартфон употреби квалитетна камера од 8 мегапиксели, но послаб хардвер, а пак кај HTC Desire 601 е заштедено на камерата која има сензор од само 5 мегапиксели. Таа има широки леќи од f/2.0 кои овозможуваат поголемо апсобрирање на светлина, а истото важи и за BSI сензорот. Недостатоци има во интерфејсот каде сите опции се сместени во мени во едно прозорче, па за да ги променувате сцените и различните додатоци во апликацијата ќе треба многу да „копате“ низ екранот. 
 
 
Заклучок
 
HTC Desire 601 е пристоен смартфонод средната класа кој нема да ве разочара ниту во една категорија. Најголемите слабости се бележат во делот на екранот кој има ниска резолуција и е далеку до новите HD стандради, но сепак е доволен за добра видливост без поголеми проблеми. Вториот голем недостаток е во камерата која е ограничена на 5 мегапиксели, заедно со апликацијата низ која е потребно подолго време за прилагодување на посакуваната сцена. Затоа пак хардверскиот дел е добро компониран и со HTC Desire 601 нема да забележите поголеми кочења кои инаку се јавуваат кај смартфони од оваа категорија. Пресудно за купување на овој смартфон ќе биде неговата цена која доколку бие поставена премногу високо за средната класа сигурно ќе ги одврати купувачите, но тоа е пред се одлука на HTC кој е во финансикси криза и успех со HTC Desire 601 би бил од големо значење.
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: