Интервју со MobileFirst Mk: Мобилните апликации се тренд и во Македонија

Објавено на 02.04.2015 во Новости



Интервју со MobileFirst Mk: Мобилните апликации се тренд и во Македонија

Ако погледнете наоколу ќе видите дека речиси секој не го испушта својот мобилен телефон од рака, без оглед дали се допишува на Facebook, праќа слики на Snapchat, закачува селфи фотки на Instagram или се обидува да го сруши рекордот на Flappy Bird. Несомнено е дека голем дел од нашето време го поминуваме гледајќи во малите екрани на смартфонот, но прашање е дали правиме нешто повеќе, на пример да најдеме корисна апликација која ќе ја зголеми нашата продуктивност или пак ќе не информира за важни аспекти.

Македонските програмери стануваат се поактивни и бележиме раст на квалитетни апликации и игри, а многумина ја одбираат оваа област и стануваат професионалци.Токму за нив, за ентузијастите, почетниците, искусните дизајнери, претприемачите и визонерите ќе се одржи првата конференција наменета за мобилни технологии MobileFirst MK. Разговараме со тимот кој стои зад организација на MobileFirst MK, за да дознаете што може да очекувате од настапите и предавањата, како и кој се може да учествува.

1. Ова е една од првите мобилни конференции во Македонија, што може да очекуваат корисниците, дали ќе биде наменета за лица и професионалци кои веќе се бават со изработка на мобилни апликации и софтвер или пак и за сите ентузијасти од мобилната сфера?

Да, ова е првата македонска конференција која е посветена на мобилните апликации. MobileFirst е наменета, како за развивачите на мобилни апликации, така и за сите оние кои сакаат да ги научат сите аспекти на процесот на развој на софтвер и апликации за мобилните телефони на сите популарни платформи.

2. Објавени се и првите имиња кои ќе имаат улога на предавачи на MobileFirst MK, дали листата е затворена или пак може да очекуваме и некое изненадување?

Да, листата на предавачи е затворена и веќе се познати сите теми кои ќе бидат обработени на конференцијата. Објавувањето на предавачите беше внимателно бидејќи имаме и гости кои не се од Македонија и требаше да се внимава и нивното присуство да биде потврдено.

3. Светски, па и регионален тренд е девелоперите и професионалците од мобилната индустрија да се вмрежуваат и помагаат со совети и меѓусебна подршка, дали ова ќе биде еден од аспектите на конференцијата и што може да им понудите на учесниците во оваа насока?

Се разбира дека конференцијата го опфаќа и тој тренд. За време на самата конференција има доволно време за вмрежување, дружење и запознавање на професионалци од индустријата. На конференцијата ќе бидат присутни и неколку македонски страртапи кои директно се вклучени во развојот на мобилни апликации.

4. Се почесто гледаме македонски апликации специјализирани за македонски пазар, дали тоа значи дека македонските корисници се почесто ги активираат своите смартфони и таблети или пак има уште многу простор за поголем напредок.

Кога станува збор за мобилни апликации или мобилни технологии секогаш има простор за поголем напредок. Задоволство е да се види дека во Македонија се почесто се појавуваат квалитетни и популарни мобилни апликации, што покажува на големиот технички потенцијал кој го имаат македонските инженери.

5. Која е вашата порака за креаторите но, и за корисниците на апликации за смартфон?

Да се биде дел од светот на мобилни апликации веќе не е луксуз туку потреба. Мобилните телефони се додаток на нашиот живот, а мобилните апликации имаат за цел да ни го олеснат секојдневието или да не забавуваат.

MobileFirst MK ќе се одржи на 4-ти април во просториите на ФОН Универизтетот и ќе може да ги проследите предавањата на повеќе деволепери од Македонија и Балканот.

Автор

Христијан Станоевиќ