Lenovo Vibe Z2 Pro - Метално чудовиште

Објавено на 17.12.2014 во Рецензија



Lenovo Vibe Z2 Pro - Метално чудовиште

Lenovo подолго време беше присутен во средната класа на смартфони и се до пласманот на Lenovo K900 не беше интересен за купувачите во премиум сегментот. Основата која беше поставена со K900 е надградена со најновиот Lenovo Vibe Z2 Pro кој веднаш ќе ве воодушеви со импресивното цврсто тело изработено од алуминиум, засилено со метална рамка и одличен дизајн кој е прилвечен за око. Целта на Lenovo Vibe Z2 Pro е да се натпреварува со Samsung Galaxy Note 4 и моќните компоненти го прават сосема достоен противник. Lenovo Vibe Z2 Pro е вистинско освежување во премиум класата и не се сомневаме дека брзо ќе ги освои кориснците со бескомпромисните перформанси и богатиот софтвер.
 
 
Дизајн
 
Изгледот на Lenovo Vibe Z2 Pro ќе ве воодушеви веднаш и ќе се заљубите на прв поглед, бидејќи е нешто ново, оригинално и свежо. Lenovo Vibe Z2 Pro е вистинско метално чудовиште но, со премногу рафиниран изглед, со убави линии, одлично скроени рабови и агли, што го прават удобен за држење и покрај огромното тело. Lenovo Vibe Z2 Pro е многу тенок со само 7.7 милиметри што го прави еден од најефикасните фаблети на пазарот, а држењето со една рака нема да биде премногу тешко, но за повеќе операции се препорачува користење и на двете раце. 
 
 
Звучниците на Lenovo Vibe Z2 Pro се сместени на дното, на десната страна се наоѓа физичкото копче за вклучување/заклучување, лево е сместен леверот за звук, при што сите елементи се одлично вклопени. На задната страна се издвојува металната рамка околу камерата во која е сместена моќна апаратура со оптичка стабилизација на сликата. Тоа што радува кај Lenovo Vibe Z2 Pro е неговата конструкција околу екранот со минимална рамка и сигурно ќе го освои првото место на листата на фаблети со најдобро искористена предна површина. Фаблетот тежи 179 грама и е за нијанса потенок од многу конкуренти во класата, но кога ќе го носите во џебот сигурно ќе го осетите.
 
 
Дисплеј
 
Кога веќе правите голем смартфон не треба да штедите материјал, а тоа правило целосно го испочитувал Lenovo со огромниот 6 инчен дисплеј, кој освен со големината ќе ве воодушеви и со врвниот квалитет. Lenovo Vibe Z2 Pro располага со 6 инчен IPS LCD дисплеј со Quad HD резолуција од 2560 х 1440 пиксели која е совршена, густината на пиксели е поставена на 490ppi, а острината и репродукцијата на бои се на врвно ниво. Затоа гледањето на видеа, играњето на игри и користењето на мултимедијални содржини ќе биде вистинско уживање. Дисплејот може да го прилагодувате со повеќе режими на работа со различен степен на осветленост и контраст, како и да одберете смартфонот автоматски да се прилагодува на надворешните услови или пак рачно да ја поставите осветленоста.
 
 
Софтвер и апликации
 
Lenovo Vibe Z2 Pro работи на Android 4.4 KitKat но, е прилично изменет благодарение на новиот кориснички интерфејс Vibe UI 2.0 кој носи нов заклучен екран, од кој може директно да ја активирате камерата или да влезете во апликацијата за пораки, а наместо мени со апликации сите икони се сместени на почетните панели. Интерфејсот на Lenovo Vibe Z2 Pro го красат одлични визуелни елементи, лесна и брза навигација, како и неколку дополнителни елементи кои активираат нови опции. 
 
 
Центарот за известувања е одлично организиран со приказ на најновите информации, додека на врвот се наоѓа лентата со икони за брзо прилагодување на осветленоста на екранот, мобилните и интернет конекциите и неколку корисни алатки.
 
 
Кога ќе влезете во главното мени за прилагодување ќе добиете впечаток дека интерфејсот наликува на iOs со сличен дизајн на листата. Lenovo Vibe Z2 Pro располага и со повеќе визуелни теми кои може да ги менувате, како и да користите голем број на виџети за повеќе информации. 
 
 
Во понудата на апликации Lenovo воопшто не се штедел, па така добивате Kingsoft Office, UC Browser, txtr апликација за е-книги, како и посебни апликации за NFC, синхронизација и споделување на фајлови. Телефонот располага и со сопствени апликации за повикување со одличен приказ на контактите, потоа апликација за SMS и допишување која има едноставен интерфејс, инсталирано голем број на апликации за социјалните мрежи како Facebook, Twitter, Instagram, надополнети со придружни виџети, па дури и понуда на игри како Real Footbal 2014, Asphalt 8, Green Farm 3, driving и navigate апликации за сообраќај, односно се што ви треба на едно место без потреба да инсталирате ништо дополнително од Play Store.
 
 
Хардвер и перформанси
 
Ако ви треба моќен смартфон за извршување на тешки задачи токму Lenovo Vibe Z2 Pro ќе ги исполни вашите очекувања. Хардверот е составен од многу моќни компоненти како четири-јадрениот Qualcomm Snapdragon 801 процесор од 2.5 GHz, со одличната Adreno 330 графичка и дури 3 GB RAM. Со ваков сетап ретко кој смартфон може да се пофали, па затоа Lenovo Vibe Z2 Pro се наоѓа на врвот на листата со импресивни перформанси. Lenovo Vibe Z2 Pro располага со 32 GB вградена меморија, но недостасува слот за microSD картичка, за која се смета дека нема да ви биде потребна, а доколку ви недостасува простор може да ги користите виртуелните дискови и Cloud сервиси. 
 
 
Vibe Z2 Pro има квалитетни звучници па затоа користењето на мултимедија ќе биде вистинско задоволство, а со брзината на поврзување на интернет нема да имате никаков проблем бидејќи може да се поврзе на најбрзата 4G LTE мрежа. Vibe Z2 Pro располага и со Bluetooth 4.0 протоколот за брз пренос на податоци, dual band Wi-FI со DLNA за поврзување со мултимедијални уреди, HD TV или надворешен дисплеј преку micracast, microUSB 2.0 влез, GPS, FM радио, NFC, како и можност за користење на две SIM картички симултано. 
 
 
 
Vibe Z2 Pro ја има една од најголемите батерии со капацитет од 4000 mAh која е сосема доволна за активна работа од два дена со една полнење. На корисникот му е овозможена и апликацијата за заштеда на енергија со три режими на работа normal, power saving при што се гасат апликациите кои работат во позадина и се намалува брзината на процесорот за подобро менацирање на батеријата и emergency режимот кој ги исклучува сите непотребни сервиси и тогаш може само да телефонирате и да примате пораки, односно само најнеопходните активности.
 
 
Камера
 
Vibe Z2 Pro доаѓа со фантастична 16 мегапикселна камера со двоен LED блиц и оптичка стабилизација на сликата OIS, заедно со голем број на екстра додатоци. Сензорот е изработен од Sony, а истиот има капацитет за слики со резолуција од 5296 x 2960 при 16:9 сразмер и 4000 x 3000 при 4:3. Видео снимањето е супериорно со неверојатна 4K HD резолуција, како и повеќе сетапи, на пример со најстабилни 30 кадри во секунди се постигнува 2160p, при 60fps доаѓа до 1080p HD видео, а со ултра забавената снимка од 120 кадри во секунди 720p. 
 
 
Овие резултати сами по себе се доволни, но доколку сакате да ја прилагодите сцената тоа може да го направите со одличниот интерфејс кој нуди голем број промени на параметрите, осветленоста, балансот на бело, блицот, фокусот, ISO квалитетот, потоа вклучување на HDR режимот кој е одличен за правење на слики со повеќе елементи во кадарот.
 
 
Интерфејсот е поделен на два елементи, еден основен за брзо правење на фотки и вториот е наречен „професионален“ каде се наоѓаат сите дополнителни алатки. Предната камера на Vibe Z2 Pro има капацитет од 5 мегапиксели што е и повеќе од доволно за ултра квалитетни HD видео повици и супер селфи фотки.
 
 
Заклучок
 
Lenovo Vibe Z2 Pro е екстра фаблет кој делува како вистинско освежува во премиум сегментот во последно време, а не е изработен од Samsung. За него воопшто не важи „кинескиот печат“ бидејќи се издвојува со висок квалитет на изработка и цврсто тело од алиминиум кое е супер скроено. Перформансите не воодушевија во сите категории, дисплејот има одлична видливост со убава репродукција на бои, потоа звукот е многу квалитетен, а софтверот е и повеќе од доволен за секој напреден корисник со различни апликации кои ќе ви бидат од голема корист, додека пак екстра опциите не се наметливи и доколку сакате повеќе да „чепкате“ низ менито ќе ви биде интересно да експериментирате со нив и дополнителната функционалност. 
 
 
Тешко е да се најдат маани на Lenovo Vibe Z2 Pro и доколку најдеме неколку забелешки ќе значи дека сме премногу пребирливи. Тоа може да биде изоставувањето на мемориска картичка кое не е голем проблем бидејќи имате 32 GB простор, како и забелешката дека кај Lenovo Vibe Z2 Pro многу подобро би се вклопил Snapdragon 805 процесорот. Сето останато, како и цената од околу 450 евра го прават фаворит пред конкурентите од Samsung, Apple и HTC бидејќи е за нијанса поевтин, а со речиси истите можности и неколку „џокери“ во ракавот.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: