Motorola Moto X - Почеток на нова ера

Објавено на 18.08.2013 во Рецензија



Motorola Moto X - Почеток на нова ера

Пред повеќе од една година гигантот Google ja превзема Motorola во зделка која вредеше високи 12 милијарди долари. Целта на Google беше да се обезбеди со бројните патенти на Motorola кои датираат уште од 1940 година, како и да постави заштита од останатите партнери во Android сегментот, особено Samsung кој стана премногу независен. Но, Motorola Moto X не е тој замислен уред со кој Google ќе ја избрише конкуренцијата, ниту пак е замена за Nexus смартфоните. Очигледно во изработката на овој супер смартфон голем удел играла политиката, но тоа сега е најмалку важно за корисниците кои живо ги интересира дали ова е новиот тренд во индустријата и кои се предностите и слабостите на Motorola Moto X.


 
Дизајн по ваш избор и вкус
 
Првата револуциoнерна работа која е воведена кај овој смартфон е неговиот прилагодлив изглед во кој ќе бидат почитувани желбите на самиот купувач. Па така Motorola ќе ви направи уникатен смартфон само за вас. Тоа што може да го направите е да одберете боја на маската, да поставите специјална гравура со некое ваше мото или омилена изрека и да поставите слика по ваш избор на почетниот екран и во позадината. Колку поголеми промени правите толку цената ќе биде повисока, а како најинтересен избор се издвојува дрвената рамка.


 
Сега да се фокусираме малку и на базичниот изглед на Motorola Moto X. Дизајнот на овој смартфон е прилично едноставен, без големи изненадувања и е далеку неинветивен во однос на убавиот и цврст HTC One или пак премум градените смартфони како Nexus 4, iPhone 5 или Nokia Lumia. Неговиот едноставен изглед е надополнет со прикладните димензии и екранот со големина од 4.7 инчи што е сосема доволно и е на границата на огромните смартфони со 5 или повеќе инчи. Предната страна многу потсетува на Nexus 4, додека пак задната страна има мало заоблување и овална форма, како кај HTC One X. Смартфонот нема физички копчиња бидејќи тие се вградени во интерфејсот, а од страните се наоѓаат стандардните влезови и приклучоци. 


Ефикасен екран
 
Motorola Moto X не поседува екран со Full HD резолуција како кај најновите премиум смартфони, бидејќи таа е ограничена на стандардот од 720p. Инаку 4.7 инчниот AMOLED  дисплеј има резолуција од 720 x 1280 пиксели и солидна густина на пикселација од 312 ppi. Меѓу другото Motorola има воведено едeн новитет наречен Active Display кој се активира во моментот кога го вадите од џеб и на дел од екранот се прикажуваат пристигнатите известувања од социјалните мрежи и интернет сервисите кои ги користите. На овој начин се штеди батеријата и нема потреба од постојано вклучување на смартфонот. Екранот и покрај тоа што е ограничен на резолуција од  720p обезбедува квалитетна слика со силно изразени бои, добар контраст и осветленост, па така нема да имате никакви проблеми со видливоста.


 
Интерфејс на Google, софтвер на Motorola
 
Оперативниот систем на Motorola Moto X во голема мера е базичната верзија на Android, нешто слично како кај Nexus уредите, но како што веќе напоменавме овој смартфон не е нивна замена кај Google. Исто така изненадува фактот што е употребена верзијата Android 4.2 Jelly Bean наместо најновата 4.3, но Google не направил големи чекори за да го фаворизира овој смартфон во однос на останатите партнери. Тоа им даде доволен простор на Motorola кои направиле одлична комбинација на интерфејсот на Android заедно со свои софтверски алатки кои ќе им бидат од голема корист на сите.
 



Тука ќе наброиме дел од нив како што е алатката Touchless Control која работи заедно со гласовниот персонален асистент Google Now. Смартофонот препознава различни гласови и така ќе реагира само на вашите гласовни команди што е многу практично во гласна просторија. Motorola Assist е втората корисна алатка со која ви се олеснува употребата на смартфонот додека возите. Апликацијата преку GPS навигацијата препознава дека возите и сте во движење и ќе ги прими сите повици и пораки без да ви го одземат вниманието. Motorola Assist освен при возење прави и многу други чекори за вас на пример кога спиете или пак сте на состанок, автоматски го вклучува silent профилот на смартфонот за да не ве вознемируваат. 


 
Motorola Connect е одлична алатка со која преку интернет прелистувачот Google Chrome може да ги добивате сите известувања, како дојдовни повици, СМС пораки и нотфикации од социјалните мрежи на десктоп компјутер. На нив може да одговарате со возвратни пораки, а на дојдовните повици може да одговорите со брз текст одговор или пак да го игнорирате повикот. Заедничко пак со Nexus уредите е речиси идентичниот изглед на менито со апликации, почетниот екран, кратенките на заклучениот екран, како менито за брза активација. Тоа што се разликува е интерфејсот на камерата кој е идентичен како и кај серијата на смартфони на Motorola Droid. 


 
Хардвер, конекција и батерија
 
Motorola Moto X нема врвен хардвер кој ќе парира на врвните смартфони како Samsung Galaxy S4, HTC One или LG Optimus G2, но има доволна компјутерска моќ да одговори на сите потреби на корисниците. Овој смартфон работи на подобрената верзија на дво-јадрениот процесор на Qualcomm Snapdragon S4 Pro со брзина од 1.7 GHz кој всушност е изработен од самата компанија Motorola и го носи името Х8. Тој е надополнет со 2 GB RAM и 16 GB вградена меморија. За интернет и конекција се користат поврзувањата преку 4G LTE супер брзата мобилна мрежа, како и стандардните Wi-Fi, aGPS, Bluetooth 4.0 и NFC. Motorola секогаш се труди да обезбеди квалитетна батерија па така овој смартфон работи на батеријата со капацитет од 2200 mAh која е доволна за активна употреба во текот на целиот ден.



Камера
 
Motorola ја употребено сопствено развиената 10 мегапикселна Clear Pixel камера за која се тврди дека има огромен капацитет на собирање на светлината за многу поквалитетни слики. Камерата е опремена и со LED блицот а, во интерфејсот се достапни голем број на опции за прилагодување на сцената. Исто така на располагање се и повеќе квалитетни стандарди и модови како HDR mode, панорама, touch focus, прилагодување на блицот, видео во забавена снимка, geo-tagging и алатката Quick Capture Camera. Камерата снима и квалитетни и стабилни видеа со 1080p. Мал недостаток кај видео снимањето е што е ограничено на 24 фрејма во секунда, а проблеми има и со тонот кој на моменти е дисторизиран. 
 


Заклучок
 
Очигледно е дека Google не вложил голем напор во првиот заеднички смартфон со Motorola за да ја држи ситуацијата во Android сегментот под контрола, но затоа пак и дозволил на Motorola поголема слобода и примена на нов правец во понудата на смартфоните што е за пофалба. Motorola Moto X е одличен смартфон иако не ги поседува врвните компоненти како останатите конкуренти во класата, но затоа има неколку предности. Тоа пред се е прилагодливиот дизајн кој ќе ви овозможи да имате навистина уникатен смартфон. Втората предност е неговата ниска цена од околу 350 долари без склучен договор што е одлична понуда за еден врвен смартфон. 


 
Автор 
 
Христијан Станоевиќ
Автор: Aleksandar Stankov




Прочитајте повеќе: