Ќе платите ли 1,5 милиони долари за Apple компјутер направен во гаражата на Стив Џобс?
Apple компјутерите никогаш не беа евтини, а со текот на годините, цената на оние од почетокот на постоењето на компанијата расте до небото. Така неодамна на аукција во САД е понуден оригинален Apple компјутер од 1970-те години.
Се работи само за еден од шесте Apple-1 модели во оригинално дрвено куќиште, кои се уште се во приватни раце и работат, 44 години после претставувањето, додека уште пет компјутери се во музеите. Apple 1 е претставен во 1976 година од двата основачи на Apple, Стив Џобс и Стивен Вознијак. Компјутерот е изработен од сопствените раце на Вознијак во гаражата на родителите на Џобс во Маунтајн Вју, Калифорнија.
Моделот е понуден во оригинално дрвено куќиште и има екран Sony TV-115, оригинал тастатура од Datanetics Version D и приклучок за електрична енергија. Почетната цена на овој компјутер изнесува 1,5 милиони долари и се очекува да расте.