Одлични вести - Паѓа роамингот со Србија, Босна и Црна Гора

Објавено на 02.04.2015 во Новости



Одлични вести - Паѓа роамингот со Србија, Босна и Црна Гора

Добри вести за балканските граѓани кои од 30-ти јуни ќе користат се поевтин роаминг услуги во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Со измените минута разговор ќе чини 17,9 денари, една СМС-порака 5,6 денари, а 1 МБ интернет ќе се наплаќа 43,2 денари.

Намалените цени на роаминг услугите со овие три држави следуваат по потпишаната Спогодба во Будва, а од Агенцијата за електронски комуникации очекуваат наскоро кон оваа спогодба да се приклучи и Албанија. Можноста за приклучување стои отворена и за останатите балкански држави.

- Договорот е отворен за сите држави кои сакаат да се приклучат кон него. Сакам да нагласам дека во Будва кога беше потпишан меѓународниот договор, и Република Албанија беше во оваа иницијатива, но поради нивната сложена процедура таа се одложи малку така што наскоро очекуваме и таа да се приклучи кон овој договор. Ги повикувам и останатите балкански држави од регионот да се приклучат и граѓаните патувајќи низ државите да користат многу пониски цени од сегашните, рече денеска на прес-конференција директорот на АЕК Роберт Орданоски.

Итернетот  е намален за речиси 90 проценти, односно од сегашните 370,2 денари сега 1МБ интернет ќе чини 43,2 денари. Предвидено е скалесто намалување на цените на роаминг услугите, така што нивно драстично намалување ќе се постигне до јули 2017 година. Според проценките тогаш цената за минута разговор ќе чини 11,7 денари, СМС-пораката ќе се спушти до 3,7 денари, а интернетот до 12,3 денари за 1МБ.