Nexus 5 - Смартфон на годината

Објавено на 08.12.2013 во Рецензија



Nexus 5 - Смартфон на годината

Google полека успева да го воздигне релативно новиот бренд на смартфони Nexus кој ја содржи целата идеологија на гигантот во еден производ без оглед кој е одбран како партнер за изработка на дизајнот и хардверот. Nexus прераснува во значаен смартфон за платформата на Android бидејќи е наменет токму за сите најнови верзии, но во последните две години станува и симбол на супер квалитет кој се нуди по неверојатно ниска цена. 
 
Google на генијален начин го претстави Nexus 5
 
Nexus 5 е најновиот смартфон во серијата и е втор по ред кој е изработен од LG. За разлика од ланскиот модел, овој пат Google посериозно атакува на премиум класата бидејќи Nexus 5 го красат сите новитети како 5 инчен Full HD екран, најбрз четири-јадрен процесор, квалитетна камера и 4G LTE мрежа. Nexus 5 освен стандардните компоненти има уште една огромна предност во однос на конкурентите, а тоа е што работи на најновата верзија на оперативниот систем Android 4.4 KitKat и како таков ќе има неколку ексклузивни карактеристики во софтверот.
 
 
Дизајн
 
Кога ќе ги споредите Nexus 5 и Nexus 4 ќе забележите огромна разлика, најпрво променет е материјалот и наместо квалитетно стакло изработено во голем стил, сега е употребена засилена пластика од поликарбонат која целосно го менува дизајнот. Nexus 5 го нема истиот впечаток на прекрасно дизајниран смартфон кој се издвојува значително од конкуренцијата, но затоа пак има подобрувања во неговата компактност. Nexus 5 има речиси идентични димензии како и неговиот претходник, но со поголем екран од 5 инчи што значи дека просторот е максимално искористен. 
 
За што служи прстенот околу камерата на Nexus 5
 
На задната страна се забележуваат и најмногу промени па така доминира логото Nexus кое е испишано во вертикала, додека околу камерата е сместен голем прстен кој служи како магнет за прицврстување на посебниот додаток за сензорот. Смартфонот има и мало заоблување околу аглите за разлика од Nexus 4 кој имаше правоаголна линија, заокружена со метална рамка. Смартфонот многу потсетува на новиот таблет Nexus 7 и слично како и оперативниот систем Android 4.4 KitKat добива изглед на чоколадо со кафената боја. 137.84 x 69.17 x 8.59 130g
 
 
Екран
 
Nexus 5 ги следи најдобрите телефони за 2013 година со 5 инечен Full HD екран со резолуција од 1080 х 1920 пиксели. LG повторно обезбедува врвен квалитет кој се гледа пред се во рамката околу екранот која е минимална и многу потсетува на нивниот премиум смартфон LG G2. IPS LCD има неверојатна густина на пикселацијата од 445 ppi со што уште обезбедува врвна слика со многу детали, јасно изразени бои и добра видливост од различни агли. Осветленоста на претходниот модел беше на многу просечно ниво, па радува фактот што тука има мало подобрување и смартфонот лесно ќе може да го користите на отворено под изложеност на директна сончева светлина.
 
 
Најновиот Android 4.4 KitKat
 
Конечно го имаме на увид новиот оперативен систем Android 4.4 KitKаt за кого неодамна напишавме детална рецензија за сите новитети, па така во овој дел ќе се задржиме само на доданите опции кои се карактеристични и ексклузивни за Nexus 5. Се работи за изгледот на заклучениот екран кој добива многу потранспарентен изглед, а истото се однесува и на екранот со панелите каде е водена нова опција за избор на кратенките кои наместо да ги барате во главното мени сега може да ги актирате со долго пристискање на празната површина на почетниот екран. Nexus 5 исто така има нови теми и позадини, кои како што напишавме во рецензијата за Android 4.4 KitKаt нема да бидат пренесени кај останатите смартфони, но доколку ви се допаѓаат може да ги превземете од PlayStore како апликација. 
 
 
Една од најголемите промени се наоѓа во интерфејсот на камерата која иако го има истиот капацитет од 8 мегапиксели поседува многу софтверски подобрувања кои поефикасно ги користат фокусот, балансот на бело, блицот и HDR модот за добивање на многу поквалитетни слики. Промени има и во функционалноста на гласовниот личен асистент Google Now кој сега може да се активира со зборовите Okay Google од почетниот екран, а со него доаѓаат и неколку нови потсетници, картички со информации за секојдневното функионирање и други помошни операции кои се активираат со гласовни команди.
 
 
Ѕвер за перформанси
 
Nexus 5 може да се носи рамо до рамо со најдобрите во конкуренција бидејќи работи на супер моќниот четири-јадрен процесор Qualcomm Snapdgragon 800 со брзина од 2.3 GHz, комбиниран со стандардни 2 GB RAM меморија. Освен овие врвни компоненти Nexus 5 како и неговиот претходник докажува дека е еден од најдобрите смартфони со графички перформанси што најмногу се забележува со квалитетниот екран, како и врвните перформанси при играње на најновите 3D игри за мобилен. 
 
 
Единствен недостаток на Nexus 5 е што малку заостанува при тестовите за брзина и мултитаскинг каде подобри се LG G2, Samsung Galaxy S4 и HTC One, но во реалноста овие перформанси не се разликуваат премногу. Nexus 5 нема слот за мемориска картичка, па затоа треба да се задоволите со меморијата од 16 или 32 GB. Овој смартфон исто така е прв од серијата Nexus кој работи на најновата 4G LTE технологија која овозможува огромна брзина при користење на мобилната конекција. За конекција се присутни и aGPS, Bluetooth 4.0, dual-band 802.11 a/b/g/n Wi-Fi и NFC. 
 
 
Галерија, мултимедија, батерија
 
Во новиот интерфејс е додадена нова апликација наречена Photos која се однесува на сите превземени слики кои сега се одвоени од галеријата на камерата и може лесно да ги закачите на виртуелниот облак или виртуелен диск како Google Drive. Во делот на мултимедијата нема големи промени бидејќи музичката и видео апликацијата е речиси идентична и сеуште нема подршка за DivX и Xvid видео форматите, а како и претходникот Nexus 5 има многу просечен и звучник со слаб тон, па затоа тука не очекувајте премногу.
 
 
Најголемото подобрување се гледа во батеријата која има за нијанса зголемен капацитет од 2300 mAh издржува активна работа од околу 10 часа. Големо влијание има и новиот инерфејс на Android 4.4 KitKаt е многу подобро оптимизиран и помалку троши енергија.
 
 
Заклучок
 
Nexus 5 е убедливо еден од најдобрите телефони за 2013-та година од повеќе причини, а како највпечатлива ја издвојуваме неговата цена од 350 долари што е многу поевтинo од најголемите конкуренти како iPhone 5s, Samsung Galaxy S4, HTC One, LG G2 и Sony Xperia Z. Nexus 5 e и првиот смартфон со најновиот оперативен систем Android 4.4 KitKat кој можеби нема огромни промени во визуелниот и функционалниот дел, но затоа обезбедува повеќе подобрувања во системот, за поедноставнс употреба на самиот корисник. Nexus 5 може да се пофали дека ги поседува едни од најмоќните хардверски компоненти на пазарот и со тоа е вистински ѕвер за перформанси. Тоа што може да му се забележи на Nexus 5 е неговиот дизајн кој нема да ве импресионира како елегантниот Nexus 4.
 
 
Автор
 
Христијан Станоевиќ




Прочитајте повеќе: